Калајџиев - Власта не разбира како функционира правна држава

Гордан Калајџиев, претседател на Хелсиншкиот комитет.

Власта не разбира дека механизмите на правната држава во модерните демократии се поставени за да се спречи политиката да го надвладее правото, вели претседателот на Хелсиншкиот комитет Гордан Калајџиев.
Човековите права генерално се излезени од фокусот на интерес на државата, а власта не се ни обидува да изглуми дека се грижи за нивното почитување. Oва го констатира Хелсиншкиот комитет кој денеска го презентира Годишниот извештај. Загрижувачки е фактот што состојбата со човековите права во Македонија се сведува само на реторика, а во принцип власта нема ни разбирање и оди на демонстрација на сила.
Институциите на системот стануваат окупирани од политиката. Едноставно, актуелната политичка гарнитура практично не покажува разбирање за тоа како функционира една правна држава и како да замислува дека сите институции на системот се алатки за да се спроведе волјата на партијата што добила на избори.
Гордан Калајџиев, претседател на Хелсиншкиот комитет.

Механизмите на правната држава не се важни, а општеството се повеќе се политизира, вели претседателот на комитетот Гордан Калајџиев.

„На некој начин институциите на системот стануваат окупирани од политиката. Едноставно, актуелната политичка гарнитура практично не покажува разбирање за тоа како функционира една правна држава и како да замислува дека сите институции на системот се алатки за да се спроведе волјата на партијата што добила на избори, еден популистички пристап.“

Илустрација: Основен суд Скопје 1.


Според Калајџиев, власта нема слух за правните механизми, туку се става над нив.

„Не покажуваат воопшто разбирање дека во системот овие механизми на правната држава и на поделба на власта во модерните демократии се поставени за тоа да се спречи политиката да го надвладее правото и да се стават некакви контролни механизми за да заштитуваат од арбитрарност и злоупотреби. Едноставно се повеќе демонстрација на моќ на групацијата што ја има политичката моќ во моментов.“
Еден од елементите е непостоењето практично на поделба на власта и на независно судство.
Гордан Калајџиев, претседател на Хелсиншкиот комитет.

Извештајот се фокусира на основните граѓански и политички права, а опфатена е и дискриминацијата и социјалните и културни права. Еден од најголемите проблеми кои се лоцирани во извештајот е владеењето на правото, кое е доведено во сериозна криза, додава Калајџиев.

„Еден од елементите е непостоењето практично на поделба на власта и на независно судство. Тоа и натаму е под огромен притисок и практично не функционираат основните алатки што треба да му обезбедат и да ја гарантираат неговата независност, пред се во однос на изборот и разрешувањето на судиите.“

Во извештајот се застапени и појавите на политички монтирани процеси, политичките прекорачувања, контролата врз прислушувањето и безбедносните сили, како и процесот на лустрација, слободата на изразување и условите во затворите.