Јанкулоска - Истрагата напредува добро

Полиција го обезбедува протестот по петкратното убиство во Смиљковци, кога група револтирани граѓани блокираа патишта во Скопско на 13 април.

МВР секојдневно доаѓа до нови информации за петкратното убиство кај Смилковци, но не може да ги коментира во интерес на истрагата, вели министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Истрагата оди во добра насока и имаме сериозни информации кои може да ја доведат истрагата до крај, изјави денеска министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Информациите до кои секојдневно доаѓаме ги анализираме, но тоа не значи дека додека трае истрагата можеме да ги коментитраме истите, изјави Јанкулоска по настојувањата на новинарите да дознаат нешто ново околу случајот на петкратното убиство кај Смилковци.
Нашиот впечаток е дека истрагата оди добро, дека имаме сериозни информации кои би можеле да значат финално разрешување на случајот, меѓутоа потребно е одредено време.
Гордана Јанкулоска, министерка за внатрешни работи.

„Нашиот впечаток е дека истрагата оди добро, дека имаме сериозни информации кои би можеле да значат финално разрешување на случајот, меѓутоа потребно е одредено време“, рече Јанкулоска.

„За жал се појавија и се уште се појавуваат некои информации кои беа присутни во јавноста, очигледно е дека не се добронамерни и очигледно е дека се провокации кои би можеле да и нанесат штета на истрагата. Апелираме на разбирање, апелираме на трпение и апелираме на воздржаност.“

Инаку, по синоќешните протести на поголема група млади луѓе кои бараа брзо расчистување на петкратното убиство кај Смилковци, денеска е мирно во главниот град.

Двајца полицајци биле полесно повредени, а три други лица пријавиле дека биле физички нападнати на вчерашниот протест, во кој биле оштетени и повеќе објекти. Министерството за внатрешни работи информираше дека се приведени 14 лица, меѓу кои пет деца. Се уште се работи на идентификацијата на сите кои учествувале во насилствата. По целосното документирање на случајот ќе бидат поднесени и соодветни пријави.

Од досегашната истрага на убиствата, полицијата потврди дека е изработен профил на убијците, но се уште не се знае нивниот идентитет. Потврдено е и дека автомобилот марка Опел омега со темноцрвена боја бил на местото на иизвршување на кривичното дело. Сепак полицијата се уште со точност не може да утврди колкумина напаѓачи биле иако извештајот од судска медицина потврди дека е стрелано од најмалку три вида оружје. Јанкулоска изјави дека досега МВР нема повратна информација од службите на соседните земји, кои како што рече се спремни за соработка во расчистување на петкратното убиство.