Јанкулоска: Убијците ќе се соочат со правдата

Идентитетот и етничката припадност на напаѓачите се непознати. Телефонска линија 199 е отворена за граѓаните кои имаат информации за настанот
Резултатите од обдукцијата покажале дека во жртвите е пукано од три типа на огнено оружје, најверојатно од повеќе напаѓачи изјави Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

Министерката Гордана Јанкулоска

„Пукано е од непосредна близина. Не би можела да кажам колку точно е таа непосредна близина, меѓутоа пукано е од блиску. Видливи се трагите на телата од момчињата од огнено оружје и смртта настапила како резултат на огнострелните рани кои се евидентнио на телата на момчињата и телото на петтата жртва, кој не е дел од групата момчиња кои заедно ловеле риба“

Во овој момент согласно достапните информации не може да се утврди идентитетот на напаѓачите, вели Јанкулоска

„Воопшто не може да се констатира нити етничката припадност, нити идентитетот на строителите. Затоа јас би сакала да испратам апел за воздржаност од шпекулации околу етничката припадност, кои би можеле да ги подгреат меѓуетничките тензии, бидејки до овој момент ние немаме податок за етничката припадност или евентуалните мотиви за извршеното петократно убиство“.

Се разгледуваат сите опции, вели Јанкулоска одговарајки на прашањето дали се има предвид дека напаѓачите може и да ја напуштиле земјава

„Не би сакала да шпекулирам, не заради тоа што не постојат многу варијанти – постојат многу варијанти, меѓутоа изнесувањето на премногу информации во јавноста може да им биде од корист токму на оние кои бегаат од правдата. Во таа смисла само ќе потврдам дека ги разгледуваме сите опции. Веќе стапивме во контакт со дел од соседните служби. Кај нив постои подготвеност за соработка“ .

Во функција е ставена посебна телефонска линија за информации во врска со инцидентот

„Доколку било кој граѓанин на Република Македонија има некаква информација што може да води кон откривање на сторителите, да се јави во било кое време на телефонската линија 199 која од денеска со посебна насока е фокусирана на прибирање на дополнителни информации за ова кривично дело“.

Министерката испрати апел за смирување на стастите и воздржување од шпекулации како и мирно одбележување на велигденските празници. За сега МВР нема информации за нови протести и блокади, што беше случај вчера, кога на неколку места беа блокирани локалните патишта и обиколницата во близина на местото каде што се случило убиството.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Блокирани патишта по убиствата во Смиљковци


Повици за воздржаност и смирување на страстите испратија претседателот на државата, власта и опозицијата. Претседавачот на ОБСЕ, ирскиот заменик премиер Имон Гилмор ги повика властите во Македонија да спроведат брза истрага изразувајки надеж дека сторителите на овој грозоморен чин ќе бидат изведени пред лицето на правдата.