„Детонатор“ да оди до крај

Презентацијата на предмети запленети во акцијата „Детонатор“.

Добро е што акцијата „Детонатор“ почна, но таа не треба да заврши додека не се откријат и казнат сите инволвирани, велат аналитичарите.
Полицијата најави дека ќе „оди до крај“ со акцијата Детонатор и оти покрај извршителите на криминалните дела ќе бидат казнети и лицата кои нив ги заштитувале. Апсењето на раководители, командири и началници на полициски станици во неколку градови од југоисточна Македонија, домашните аналитичари различно го толкуваат.
Неспорно е дека во случајов се работи за криминал, непријавени покер апарати, рекетирање, закани, локални уцени. Прашање е само до каде ќе заврши. Значи дали ќе оди до каде што треба, дали ќе се гонат сите луѓе вклучени во заштита на овој криминал или ќе застане како еден условно речено маркетиншки потег.
Петар Арсовски, политички аналитичар.


Според некои од нив, акцијата е добра и има за цел вистинско расчистување со криминалот во Македонија. Други, пак, се убедени дека се работи за внатрепартиски пресметки меѓу влијателни групи во ВМРО-ДПМНЕ.

„Неспорно е дека во случајов се работи за криминал, непријавени покер апарати, рекетирање, закани, локални уцени. Прашање е само до каде ќе заврши. Значи дали ќе оди до каде што треба, дали ќе се гонат сите луѓе вклучени во заштита на овој криминал или ќе застане како еден условно речено маркетиншки потег“, изјави политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Според универзитетскиот професор Алајдин Демири, пак, акцијата има за цел да им покаже на одредени личности каде им е местото. Вистинската причина, според него, не е искоренување на криминалот.
Има луѓе кои се блиски до премиерот, други кои се блиски до Мијалков, трети кои се блиски на одредени структури во Министерството за внатрешни и во ВМРО, и проблемот е на која тајфа припаѓаш.
Алајдин Демири, универзитетски професор.

„Овојпат станува збор за пресметка на одредени луѓе, кој е поблиску до големиот. Овојпат фактурата ја наплатија тие што се послаби.“

Она што аналитичарите го сугерираат е потребата од завршница на целиот процес. Добро е што акцијата се отвори, но таа не треба да заврши. Потребно е да се казнат сите луѓе кои на каков било начин биле вклучени во целата игра, вели Арсовски.

„Никој не смее да и забележи на власта што од тие акции ќарува дополнителни политички поени, нека ќарува тие се за тоа направени, нема проблем, ама нека ги прави.“

Демири е убеден дека акцијата Детонатор не го решава проблемот со кримининалот. Тој само се чисти од едно место и се префрла на друго, вели Демири.

„Има луѓе кои се блиски до премиерот, други кои се блиски до Мијалков, трети кои се блиски на одредени структури во Министерството за внатрешни и во ВМРО и проблемот е на која тајфа припаѓаш.“

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска викендов изјави дека причина за смената на полициските старешини се пропусти во нивното работење. Таа не ги потврди информациите дека во криминални дела во југоисточна Македонија се вклучени и функционери од општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, но рече дека без разлика кој е вмешан ќе одговара според законот. Во акцијата Детонатор досега беа приведени над 20 луѓе, осомничени за кражби, трговија со дрога, рекет, насилство и други криминални активности.