Познат во светот, го нема во Македонија

Александар Стефановски, оперски пејач

Оперски пејач Александар Стефановски, во Ливерпул, импресивно го одигра Маурицио во премиерата на „Четворицата грубијани“. И додека првиот Македонец што настапил во престижната Миланска скала полека станува ѕвезда на европските оперски сцени, овде дома како да заборавивме дека постои. Цели осум години тој не добил покана за настап во татковината!
Најуспешниот македонски бас Александар Стефановски со упех го отелотвори и Маурицио во операта “Четворицата грубијани“ на Емануел Волф Ферари. Тоа го стори во градот на легендарните БИТЛСИ, придружуван од Ливерпулската филхармонија со која диригираше еден од најуспешните млади светски диригенти Василиј Петренко. Тој на Островот пристигнал по покана на директорот на Лионската опера со една група на млади италијански пејачи.

Се работи за еден голем настап бидејќи сепак ливерпулската филхармонија и овој голем диригент многу би ми помогнале во музичката кариера.
Александар Стефановски, оперски пејач.

„Се работи за еден голем настап бидејќи сепак ливерпулската филхармонија и овој голем диригент многу би ми помогнале во музичката кариера.“

Александар Стефановски, оперски пејач.


Првиот Македонец што настапил во престижната Миланска скала својот голем влез на европската музичка сцена го имаше со победата на осмиот оперски натпревар „Арена ди Верона“ што се одржа во ноември 2009 година. По него тој ја доби улогата на Колин во Пучиниевата „Боеми“што од јануари наредната 2010 беше на репертоарот на тамошниот театар „Филармонико“, а со успех пееше и во оперските куќи во Болоња и во Бергамо.
Веќе осум или девет години немам настапено во македонската филхармонија. Не знам можеби тоа доаѓа од нашиот македонски менталитет, но знаете како е ние уметниците мораме да се бориме некако, дали кај нас дома или во станство, тоа е тоа.
Александар Стефановски, оперски пејач.

Минатата година беше блескав во театарот во Новара, го толкуваше и ликот на Големиот инквизитор во „Дон Карло“ во Тиранската опера, го одигра Фиске во „Марија Ди Роан“ во „Театро Доницети“ во Бергамо и сезоната со успех ја заврши како Монтерот, повторно во „Риголето“ но овојпат во театарот „Белини“ во Катанија на Сицилија.

Не треба да се заборави ниту тоа дека тој во февруари и март го пееше и ликот на Свештеникот во операта „Куќата на мртвите“ од чешкиот композитор Леош Јаначек.

Наспроти сето ова Стефановски речиси како да е заборавен во Македонија.

„Веќе осум или девет години немам настапено во македонската филхармонија. Не знам можеби тоа доаѓа од нашиот македонски менталитет, но знаете како е ние уметниците мораме да се бориме некако, дали кај нас дома или во станство, тоа е тоа.“

Кон ова само уште информацијата дека операта „Четворицата грубијани“ е снимена и албумот наскоро ќе се појави на светскиот пазар, а следната улога на нашиот бас ќе биде на 16 април кога тој во Фиренца ќе го толкува Рајмондо во „Лучија ди Ламермур“ на Гаетано Доницети. Потем, Александар Стефановски, во средината на мај, заедно со пијанистот Дарко Мариновски ќе имаат концерт во Париз, а првата половина од годинава ќе биде заокружена со улогата на Нурабад во Бизетиевата „Ловци на бисери“ која ќе се одржи во концертната сала Тиволи во Копенхаген и каде ќе настапи и еден од врвните тенори на денешницата Лоренс Броунли.