Безбедноста на границите важна и за евроинтеграциите

Илустрација: Македонско-грчката граница.

Граничната безбедност е важна и за евроинтеграциите. Европа не сака порозни граници на својата периферија, посочуваат експертите.
Соработката во полето на граничната безбедност е важна, не само за безбедноста, туку и за евроинтеграциите на Македонија, посочуваат упатените кои ги консултиравме. Професор Владимир Пивоваров вели дека Европа не сака на своја територија да се случуваат појави кои можат да бидат спречени во зародиш.
Сега во моментов ја имаме оваа силна навала на емигранти, економски или какви не емигранти од Авганистан. Тие завршуваат во срцето на Европа. На ова поле ЕУ придава многу големо значење. Земјите кои не беа членки на ЕУ добија огромна финансиска помош и поддршка за формирање на ваквите единици.
Владимир Пивоваров, универзитетски професор.

„На пример сега во моментов ја имаме оваа силна навала на емигранти, економски или какви не емигранти од Авганистан. Тие завршуваат во срцето на Европа. На ова поле ЕУ придава многу големо значење. Земјите кои не беа членки на ЕУ добија огромна финансиска помош и поддршка за формирање на ваквите единици.“

Проблем претставува и шверцот, дополнува Пивоваров.

Деветата годишна министерска конференција за соработка на полето на граничната безбедност во Југоисточна Европа во Скопје.


„Прво се заштедуваат многу пари, се создава доверба меѓу партнерите што го извршуваат тој процес, затоа што тоа е битно, не само од овој аспект, туку и од аспект на шверц на одредени предмети и стоки кои претставуваат сива економија за земјите-членки. Значи ако во една земја, која е на граница на ЕУ, влезе одредена стока, таа завршува без царина и данок да кажеме во некоја крајна дестинација во земјите членки и тоа претставува сериозен економски проблем.“
Сепак ние треба многу повеќе да се посветиме на внатрешно-политичките проблеми.
Мерсел Биљали, универзитетски професор.

Политикологот Мерсел Биљали одговара на прашањето дали соработката сама по себе е доволна за осигурување на безбедноста?

„Секако, тоа е апсолутен императив на севкупните состојби во регионот и во светот, но сепак ние треба многу повеќе да се посветиме на внатрешно-политичките проблеми.“

Секоја сериозна држава мора да изгради солиден имунитет од девијантни појави, вели Биљали.

„Тоа е можно само со една здрава политика и во економијата и во демократијата и во човековите права. Подобро е да се дејствува кон причините отколку кон последиците.“

Инаку, вчера и денеска во Скопје се одржa Деветата годишна министерска конференција за соработка на полето на граничната безбедност во Југоисточна Европа, на која присуствуваат претставници на 25 земји и осум меѓународни организации.

Заклучоци од конференцијата во Скопје

Јакнење на административните и оперативни капацитети на граничните служби, јакнење на оперативната соработка и капацитетите на земјите за спроведување сеопфатни дејствија нaсочени кон превенција на криминалот и заеднички координирани мерки за борба против организираниот криминал преку јакнење на различните форми и мерки на прекугрнична соработка, како дел од надлежностите на граничната полиција, за поддршка на ефективната борба против илегалната миграција и прекуграничниот криминал.
Ова, вклучувајќи и понатамошно воспоставување заеднички центри меѓу земјите од регионот за олеснување на размената на податоци и информации, се заклучоците од деветата годишна министерска конференција за соработка во полето на граничната безбедност во југоисточна Европа што се одржа во Скопје.
Договорена е и координација на активностите за едукација, обука, програми и наставни планови, заедно со Фронтекс и Еуропол, но и натамошна поддршка на развивање на мрежата на полициски академии и јакнење на меѓународните тренинг курсеви за командири на станици и регионални командири и негување на оперативната соработка со агенциите на ЕУ одговорни за стратешки развој во полето на граничната безбедност.
Учесниците на конференцијата, на денешната прес - конференција, заеднички оценија дека во изминатите десет години е постигнат исклучително добар напредок по сите прашања во регионот, особено во областа во борбата со нелегалната миграција.
- Ова е исклучително важен сегмент од безбедносната проблематика дотолку повеќе што концептот на создавање на сигурни и безбедни граници темелен врз стандарзираното гранично управување е еден од суштинските предуслови не само за постоење на сигурни граници, туку генерално и за обезбедување на сигурност и ебзбедност на граѓаните. Со развојот и хармонизирањето во оваа област согласно стандардите на ЕУ, ние сме поблизу до посакуваната цел - полноправно интегрирање во ЕУ, изјави Јанкулоска на прес - конференцијата.
Директорот на ДЦАФ, Теодор Винклер нагласи дека е импресиониран од реалноста затоа што може да се види напредок и очигледно, подвлече, регионот се приближува кон ЕУ, а целиот регион има напредок и во делот на визната либерализација.
За црногорскиот министер Иван Брајовиќ остануваат уште многу предизвици со кои треба да се соочиме, но ваквите конференција, рече, се можност за понатамошно јакнење на взаемната доверба и заедничката борба против сите видови на криминал. Тој меѓу другото посочи дека Црна Гора ќе биде првата првата земја со која преговорите со ЕУ ќе започнат со отворањето на поглавјата 23 и 24 што е нов пристап.
Министерот за внатрешни работи на Србија Ивица Дачиќ смета дека е неопходна понатамошна добра соработка и целта да биде - проодни граници, лесно да можат да поминуваат граѓаните, стоките и капиталот, но да бидат непроодни за криминалот и тероризмот. Тој предлага да се направи, како што рече, мал шенген на нашиот простор, бидејќи имавме ситуација кога за сите наши држави во регионот на граѓаните од ЕУ имаа право да доаѓаат без пасоши, а тоа право не им беше овозможено на граѓаните кои неодамна живееја во иста држава. Најави дека очекува, исто како со Македонија, да биде потпишан договор за преминување на границите со лични карти и со хрватска, но и со Аlбанија.
- Соработката на министрите за внатрешни работи, е на многу повисоко ниво отколку соработката на нашите државни раководства. Тоа покажува дека на некој начин не е нормално што немаме некои поблиски односи меѓу нашите политички елити. Наместо да правиме нова Скандинавија, иако сме во различни држави, ние понатаму се караме како да живееме неколку децении наназад. Европа во тоа нема многу да ни помогне доколку сами не си помогнеме, рече Дачиќ, додавајќи оти се што се прави, подвлече, е во насока да нема повеќе граници меѓу нашите држави.