Меѓупартиски напади во комисијата за одбрана

Архивска фотографија: Комисијата за одбрана на средба со министерката за меѓународна одбрана и безбедност на Обединетото Кралство, бароницата Ен Тејлор од Болтон.

Пратениците од опозицијата ја напуштија Комисијата за одбрана откако не беше прифатен нивниот предлог да се расправа за состојбата во земјата.
Пратениците од опозициските партии ја напуштија седницата на Комисијатa за одбрана откако претходно не беше прифатен нивниот предлог да се расправа за состојба во државата по актуелните серија инциденти и тепачки.
Сметаме дека како тело на Собранието и пред се како одговорни пратеници имаме обврска да донесеме и да усвоиме заклучоци со кои заеднички ќе осудиме секакво насилство во Република Македонија.
Оливер Спасовски, СДСМ.

Оливер Спасовски од СДСМ побара дневниот ред на седницата да се дополни со дискусија со која ќе се упати јасна порака за стабилизација на состојбата во земјата и за добри меѓунационални односи.

Собрание дебата


„Сметаме дека како тело на Собранието и пред се како одговорни пратеници имаме обврска да донесеме и да усвоиме заклучоци со кои заеднички ќе осудиме секакво насилство во Република Македонија.“

Наместо тоа, претседателот на Комисијата Влатко Ѓорчев предложи Комисијата со гласање да ги потврди заклучоците на Комитетот за односи меѓу заедниците.
Мислам како Собрание имавме пораки кои се конструктивни, во меѓувреме гледаме дека постепено состојбите се смируваат.
Влатко Ѓорчев, ВМРО-ДПМНЕ.

„Мислам како Собрание имавме пораки кои се конструктивни, во меѓувреме гледаме дека постепено состојбите се смируваат.“

Предлогот на Ѓорчев, Комисијата со гласање да ги потврди заклучоците на Комитетот за односи меѓу заедниците не беше прифатен од опозициските пратеници. Тие реагираа дека Ѓорчев го прекршил Деловникот за работа на Комисијата бидејќи имало предлог за дополнување на дневниот ред за што не се гласало, а предложил гласање за потврда на заклучоците на Комитетот. Ваквиот тек на седницата беше причина пратениците од СДСМ и од НСДП по куса расправа да ја напуштат седницата на Комисијата.

„Зошто се обидувате да владеете со нас? Мислите дека ќе си работите така, ќе си гласате заклучоци, па зошто не изгласавте, гласајте и ќе си одиме сите дома, нема потреба да свикувате седница. Јас имам конкретен предлог за точка на дневен ред, вие сега изгласавте заклучоци кои нити се точка на дневен ред, ако продолжите со вакво однесување, СДСМ нема да учествува на работата“, вели Оливер Спасовски од СДСМ.

Претседателот на Комисијата за одбрана и безбедност Влатко Ѓорчев претходно оцени дека Собранието покажа конструктивност и заложби за смирување на состојбата со одржувањето на седницата на Комитетот за односи меѓу заедниците и заклучоците што беа усвоени.

Павле Трајанов наведе дека парламентарното мнозинство не бега од расправата, туку дека непродуктивно е да се води расправа без претходно подготвени материјали на таа тема.

Горан Мисовски од НСДП констатираше дека Комисијата за одбрана е вистинското место каде што треба да се отворат сите прашања кои деновиве продолжуваат да внесуваат дилеми во јавноста.

„Постojат ли сценарија за дестабилизирање на Македонија? Мотивирано ли е од власта, мотивирано ли е од опозицијата? Ајде да видиме, дали може на оваа комисија да дојдеме до вистината.“

Инаку Собраниската комисија за одбрана и безбедност на седницата го прифати Предлог-законот за изменување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија во прво читање, со кој се предвидува зголемување на старосната граница за пензионирање на професионалните војници од 38 на 45.