Монографија посветена на Томислав Зографски

Монографија за македонски композитор Томислав Зографски од Марко Коловски.

Монографија посветена на истакнатиот македонски композитор Томислав Зографски деновиве се појави во издание на Музички издавачки центар од Скопје. Во неа, авторот – музикологот Марко Коловски, на речиси 400 страници го опишува неговиот фасцинантен животен и творечки пат.
„Зографски“ е насловена монографијата што како автор ја потпишува музикологот Марко Коловски, а во која низ возбудлива прошетка низ историјата на неговите славни претци, сите зографи, градители, резбари, почнувајќи од 17-oт век па се’ до неговиот дедо, познатиот сликар Ѓорѓи Зографски, детството и созревањето на истакнатиот композитор и неговите плодови како автор, педагог и сестран деец, направен е сеопфатен пресек на дејноста на Томислав Зографски.
Голема одговорност и голем предизвик претставуваше за мене пишувањето на оваа монографија. И едното и другото произлегуваа од мојата почит кон сето она што го направил Томислав Зографски, а беа засилени од блиските контакти што ние ги остваривме со него во последните пет-шест години од неговиот живот, пред се благодарение на неговата и мојата страст кон дигиталните технологии.
Марко Коловски, музиколог.

„Голема одговорност и голем предизвик претставуваше за мене пишувањето на оваа монографија. И едното и другото произлегуваа од мојата почит кон сето она што го направил Томислав Зографски, а беа засилени од блиските контакти што ние ги остваривме со него во последните пет-шест години од неговиот живот, пред се благодарение на неговата и мојата страст кон дигиталните технологии.“

Марко Коловски, музиколог.


Коловски истакнува дека потем следувал долготраен процес на истражување и запознавање буквално со секој текст, запис, скица и композиција на Зографски што кај него само ја засилувала желбата да се напише нешто што барем приближно ќе одговара на големинатата на славниот композитор. Во таквите настојби авторот остварил исклучително плодна соработка со фондацијата „Томислав Зографски“, која заедно со Министерството за култура ги обезбедија средствата за реализација на овој обемен проект.
Со неа се оддолжуваме на еден несекојдневен човек и творец кој што, во текот на животот, заради сплет на околности, не ги доживеа почестите што ги заслужуваше.
Марко Коловски, музиколог.

Инаку, Монографијата со своите близу 400 страници е обемна и одлично опремена. Поделена е на четири дела кои чинат еден комплементарен мозаик, при што првиот е посветен на животописот на Зографски, потем следува пресек на неговото музичко творештво, во третиот дел дваесетина личности што ја имале привилегијата да бидат блиску до него, академици и истакнати културни работници, низ призмата на своите спомени говорат за композиторот и конечно во последниот дел од книгата се открива една малку позната страна од личноста на овој творец.

„Мал број од луѓето или сосема мал број ги знаеја неговите писателски дарби и неговиот интерес за јазикот. Писмата што му ги упати на Петре М. Андреевски во 1999 година всушност се на извесен начин восхитувања за јазикот којшто го употребува Петре М. Андреевски во неговите најзпознати романи, но произлегува од една друга активност што Зографски ја пројавуваше во последните две, три или четири години, неговата грижа за зачувување на македонскиот литературен јазик којашто е поткрепена со десетици документи коишто јас ги имав во рака, упатени до разни институции за злоупотребата на македонскиот јазик.“

Марко Коловски е новинар во Македонското радио, актуелен претседател на СОКОМ и одговорен уредник на списанието „Музика“. Тој во 1994 година беше добитник на наградата „Панче Пешев“ за најуспешно остварување во областа на музичкото творештво и музикологија, за книгата „Македонски композитори и музиколози“, а автор е и на делот за музиката во мултимедијалната Enciklopediјa Macedonika. Член е и на една од редакциите на МАНУ за изработка на Енциклопедијата на Македонија и досега има напишано неколку стотини рецензии и критики кои што се објавени во стручните и во електронските списанија во земјава.

За својата последна објава, чија промоција ќе следува наскоро, по што ова капитално дело ќе им биде достапно на љубителите на музиката и културата кај нас, Коловски со дополна:

„Со неа се оддолжуваме на еден несекојдневен човек и творец кој што, во текот на животот, заради сплет на околности, не ги доживеа почестите што ги заслужуваше.“