Азилантите се вратија, сиромаштијата остана

Жители на ромската наслеба Шутка во Скопје.

Се намалува бројот на баратели на азил од Македонија. Сепак, истражувањата покажуваат дека не се намалува желбата на граѓаните да ја напуштат земјата и да заминат на работа во странство.
Од дома поубаво нема, ама ако нема услови дома, ќе мора да се бара чаре и надвор. Некои отидоа во Европа да бараат азил, ама ги вратија, други како студени си побараа среќа по светот, кој најде работа на брод, кој отиде за Авганистан, кој има роднини во странство, па тие му се прозорецот кон светот.

Жители на Шутка.


Невработеноста, безперспективноста, но и надежта за поарно утре, ги тера луѓето да ја напуштат татковината и да заминат. Колку луѓе, толку приказни. Сигурно и вие познавате некој кој заминал на студии во странство и таму останал, или пак ги искористил студиите тука, заминал на неколкумесечен студиски престој во Америка и таму останал, има некој братучед или сосед кој „печали“ во Авганистан, а приказните на азилантите кои минатата година бараа азил во Европа, ги слушнавме сите.
Да бев во Германија, но се вратив. Имам сестра и браќа таму. Тоа беше летото, сега е зима, јас морам да останам со родителите тука, стари се. Има на пример некои кои се 4-5 браќа, двајца одат, двајца остануваат тука.
Анкетиран жител на Шутка.

Азилот, бегство од сиромаштијата

Визната либерализација ги отвори портите на Македонија кон Европа, но донесе и проблеми. Автобуси и автобуси со луѓе, тргнаа кон светот, да бараат азил. Но ги вратија. Шутка, Липково, тетовско, беа местата од каде имаше најмногу баратели на азил. Овој период минатата година, имаше најголеми проблеми, Европа ни дишеше во врат, ни се закануваше со повторно воведување на визи.

Жители на ромската наслеба Шутка во Скопје.


Една година подоцна, работите се смирија. Европа не бруи, медиумите стишени, азиланите молчат. Се смени ли нешто? Имаат ли подобри услови во земјата? Како им е? Во потрага по одговорите заминавме да видиме како се живее во местата кои беа извор на луѓе кои бараат излез од земјава.
Ни рекоа дека ќе ни го покачат социјалното, но ни социјално, ни покачување, ништо. Два месеци нема социјално, а некој е зависен од социјално, а државата не ја интересира, дали ти имаш да јадеш или немаш. А плаќаш струја, вода, кај може со 1.400 денари.
Анкетиран жител на Шутка.

Снегот и дава нова димензија на Шутка, уште повеќе ги истакнува контрастите. Трошни куќички наспроти палати, скапи и нови наспроти запрежни коли. И на температури под нулата ретките пазарџиите се трудат да ти продадат 3 пара чорапи за 100 денари, чизми за 500, Полат капути за 2.000 денари. Ечи музика од сите страни. Дури разгледуваме, а на ум ми доаѓа саундтракот од Џипси меџик и стихот -Ех, да имам ко што немам!.

Во пресрет ни доаѓа едно момче.

„Сликајте ме, сликајте ме и мене.“

Шутка во Скопје.


Не распрашува од каде сме, кои сме. Тоа е Фарух, има 11 години и е наш водач низ населбата. Објаснува, зборува, прашува, додека со премрзнатите раце го пика парчето ѓеврек во јогуртот и јаде додека не шета. Застануваме до една голема ќука. Го прашувам, што работи овој штом направил олкава куќа?
Не е само заради социјалата, не е само заради тешкотијата со кои тие се соочуваат во животот, туку е заради дел од дискриминацијата, која ние сакале или неќеле да ја признаеме, меѓутоа ја има.
Мухамед Точи, невладина организација „Месечина“.

„Продава фармерки“, ми орговара Фарух.

Низ улиците малку минувачи, ги застануваме, прашуваме, како се живее тука.

Лошо, лошо, одоговараат и брзаат дома, на топло. Од тесните улички излегува Ахмет. Тој има 21 година и живее со неговите родители. Како се живее тука, го прашувам. Добро, ми вели, уште работа да имаше, ќе беше уште подобро. Тој летово бил во Германија, но се вратил.

И на минус 10 се вози отворено моторче.


„Да бев во Германија, но се вратив. Имам сестра и браќа таму. Тоа беше летото, сега е зима, јас морам да останам со родителите тука, стари се. Има на пример некои кои се 4-5 браќа, двајца одат, двајца остануваат тука.“

РСЕ: Имаш нешто завршено?

„Не, не, но имам занает, си работам како столар. Ако бев легач нема да има работа, ако си работлив човек има работа, зошто да не.“
Јас тука живеам, тука ми е Германија. Многу убаво е тука, само ако имаш пари, ако немаш со пари ќе гледаш со очи(покажува кон печена кокошка), лиги ќе ти паднат, не можеш да јадеш. А кој има, ќе јаде ќе пие.
Анкетиран жител на Шутка.

Фатма, пак, се жали дека од социјално едвај се живее, особено зимно време, а парите не стасуваат за леб. Каде се сметките, па пари за огрев, прашува таа.

„Ни рекоа дека ќе ни го покачат социјалното, но ни социјално, ни покачување, ништо. Два месеци нема социјално, а некој е зависен од социјално, а државата не ја интересира, дали ти имаш да јадеш или немаш. А плаќаш струја, вода, кај може со 1.400 денари.“

Но, не е се така црно, за некого и Шутка е Германија.

„Јас тука живеам, тука ми е Германија. Многу убаво е тука, само ако имаш пари, ако немаш со пари ќе гледаш со очи(покажува кон печена кокошка), лиги ќе ти паднат, не можеш да јадеш. А кој има, ќе јаде ќе пие.“

РСЕ: Си бил во Германија?

„Не, не во странство не сум бил, тука ми е странство, имам фамилија во странство, тие ми праќаат“, вели Дехран.

Фарух не испраќа и ни порачува тоа што сме го снимиле, да го ставиме на youtube, за да може и тој да се види.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Шутка во зима.

Мухамед Точи од невладината „Месечина“ вели дека се уште има баратели на азил од ромската популација, но тој број е значително намален. Точи вели дека од една страна луѓето што бараат азил имаат право да го бараат тоа.

„Не е само заради социјалата, не е само заради тешкотијата со кои тие се соочуваат во животот, туку е заради дел од дискриминацијата, која ние сакале или неќеле да ја признаеме, меѓутоа ја има.“

Но, Точи порачува луѓето да не бараат азил.

„Препорачувам, Ромите и другите граѓани на Република Македонија да не ги трошат последните пари во делот на одењето на барањето на азил. Таква е моменталната ситуација, тие што се таму се враќаат, а има помал интензитет коишто се обидуваат повторно да заминат во некои трети земји, барајќи азил.“

Инвестициите го заобиколија Липково

И Липково беше на списокот на места од каде имаше најмногу баратели на азил. Безработицата, немаштијата ги натерала овие луѓе да се иселуваат. Најголемиот дел од нив се вратија, но се уште има некои кои се во Белгија, раскажува Урим Селмани од Липково. Тој вели дека сега луѓето не се обидуваат да побараат азил.
Им кажувале таму дека немаат шанси да добијат азил, нема политички азил, економски и се вратија. Ниту еден нема позитивен одговор од тие што одлучуваат за давање азил. Причините зошто бараат азил се економски, бидејќи во општина Липково има 2.300 фамилии што примаат социјална помош, со 2.000 денари не можат никако да живеат. Немаат услови, нема инфраструктура, канализација нема во ниту едно село, немаат вода за пиење, тоа е, немаат услови.
Урим Селмани, општина Липково.

„Им кажувале таму дека немаат шанси да добијат азил, нема политички азил, економски и се вратија. Ниту еден нема позитивен одговор од тие што одлучуваат за давање азил. Причините зошто бараат азил се економски, бидејќи во општина Липково има 2.300 фамилии што примаат социјална помош, со 2.000 денари не можат никако да живеат. Немаат услови, нема инфраструктура, канализација нема во ниту едно село, немаат вода за пиење, тоа е, немаат услови.“

Државниот секретар за имиграција и азил на Белгија, Меркиол Вателе двапати беше гостин во Липково. Тој, но и домашните владини функционери, им ветуваа на тамошните жители дека ќе инвестираат во општината, за народот да има од што да живее и да не бега надвор. Но ветувањата се едно, а реализацијата друго, вели Урим Селмани од Липково.

Жители на Липково.


„Од тогаш од странство ништо не е инвестирано ништо. Иако и заменик премиерот Муса Џафери, кој тогаш беше министер за локална самоуправа, и тој секретарот од Белгија, ни ветија дека ќе дадат пари за да го асфалтираме патот од Слупчане кон Косово, досега нема ништо во пракса. Од владата единствено што е досега во 2011 година беа одвоени 36 милиони денари за водоснабдување, но за да се заврши со водоснабдувањето на само едно село во Липково се потребни најмалку 2 милиони евра.“

Државата и воспитува и казнува

По острите прекори од Европа, државата се обиде да ги воспитува лажните азиланти. Министерот без ресор Неждет Мустафа најави дека со социјални пакети ќе се ублажуваат проблемите на луѓето кои бараа азил. Владин тим спроведува кампања низ градовите со цел да ги информира граѓаните за значењето на визната либерализација и опасностите од злоупотребите на безвизниот режим.

Заменик-министерот за труд и социјална политика, Ибрахим Ибрахими, вели дека и европските земји помагаат во тоа да се намали бројот на баратели на азил.

„И некои земји членки на ЕУ кои досега беа да кажеме условно речено полиберални во делот на легислативата за барање на азил, сега имаат иницијатива за промена на законот, со тоа што сега постапката за барање на азил на пример да речеме во една Белгија, каде можеше да се влезе постапката со години, сега се намалува на 4 месеци, и се укинува паричната помош која претходно ја примаа, за која се лажеа условно речено луѓето, така да во наредниот период се помал ќе биде бројот на баратели на азил, но исто така ќе биде се поголем бројот на они кои ќе бидат вратени од земјите од ЕУ.“

Поради злоупотребите на визниот режим, Европа предупреди дека може повторно да ги спушти рампите за земјите од Западен Балкан и да ги врати на црната листа. Известувачот во Европскиот парламент, Тања Фајон, вели дека одлуката за утврдување на механизмите за суспензија треба да биде донесена до март годинава. Документот, за чија дефинитивна содржина се разговараше во кругот на највисоките европски институции, дава можност безвизниот режим за некои земји најпрвин да се суспендира на шест месеци, па потоа на девет, а на крај таа држава едноставно да се врати на „црната листа“.

Македонија не смее да дозволи да биде вратен визниот режим, вели министерот без ресор Неждет Мустафа. Тој вели дека бројот на лажни азиланти од Македонија е значително намален. Визната либерализација не смее да се злоупотреби и да се дозволи да се вратат чекањето во редици пред одредени амбасади, вели Мустафа.

Експертите порачуваат државата, освен убедување на граѓаните, да примени и други механизми со кои ќе ги стимулира граѓаните да не заминуваат надвор од границите. Мухамед Точи од „Месечина“ вели дека и стравот одиграл улога бројот на азилантите да се намали.

„Повеќе е стравот. Точно е дека информацијата допира до нив, но знаете кога луѓето се наоѓаат во една тешка ситуација, од типот на егзистенција, кога се наоѓаат разочарани заради нивната дискриминираност, тие информацијата ја добиваат дека не треба да заминуваат како баратели на азил, меѓутоа дали тоа го гледаат како излез или не, тоа е друго прашање.“

И младите ги пакуваат куферите за странство

Освен барателите на азил, од земјава сакаат да си одат и младите. Неколку невладини организации и Центри за истражување минатата година пласираа истражувања и анкети кои покажаа дека половина од средношколците и студентите сакаат својата среќа, егзистенција и можност за унапредување и реализација да ги побараат во некоја странска земја. Можеби може приближно да се избројат младите кои сакаат да си отидат од земјава, но никој не ја знае точната бројка на оние кои веќе си отишле. Се претпоставува дека само во деведесетите повеќе од 15 илјади високообразовани млади кадри ја напуштиле Македонија и ја побарале својата среќа во ново вработување во странство.

Експертите велат дека процентот на оние кои сакаат да си заминат од државата драстично би се намалил доколку во државата има подобри услови, кои би придонеле младите да се чувствуваат повеќе вредни и потребни во Македонија.

„Како фактор кој ги тера нашите кадри да се отселат се генералната политичката и економска состојба, како и степенот на развој. Оттука спречувањето на одливот на мозоци ја добива и својата комплексност затоа што практично тоа е возможно да се спречи, само доколку општеството ги подобри условите на живеење, образование и професионалниот развој, како и квалитетот на живот. А знаеме дека ова бара големи меѓусекторски активности, и е прашање кое треба да се реши на највисоко државно ниво“, вели Ристе Змејковски, аналитичар за јавни политики во Центарот за истражување и креирање политики од Скопје.

Влатко од Скопје е само еден од оние кои би си ги спакувале куферите и би заминале во странство. Нема работа, ти требаат врски за да се вработиш, нема перспектива, младите не се вклучени доволно во општество, ги набројува тој причините зошто уште утре би отишол од тука.

„Барем за мојата професија, преведувач, има многу кадри, ама, како што сум слушал и за другите професии има многу кадри, па така оние кои ќе завршат или одат за странство или, ако остаант тука, наоѓаат работа со врски, поради тоа гледам што побргу да си отидам после факултет.“

Но што е со оние повратници, млади кои своето образование го стекнале во странство. Колку тие можат да си ја валоризираат дипломата во земјава? На ова Змејковски, одговара:

„За жал не онолку колку што се очекува. Според нашето последно истражување 63,8 проценти од повратниците се вработени, но само 40 проценти од нив работат на позиции кои се соодветни на нивното образование. Дел од повратниците сведочеа дека не постојат соодветни механизми за препознавање на нивните стекнати вештини, како и за соодветно вработување, а дел од нив посочија и на неурамнотеженост на пазарот на труд. Сепак, главната забелешка останува да биде дека процесот за вработување е премногу партизиран и истиот полесно се одвива доколку имате врски.“

Експертите посочуваат дека младите треба да се насочуваат кон верба за успех. Но ако се земе предвид се уште високата стапка на невработеност и тоа што минатата година биле вработени 40 илјади луѓе, од кои 35 илјади во администрација, на младите им останува или да си земат партиска книшка или да го фатат патот за странство.