Јанкулоска - Ќе ги разрешиме инцидентите во струшко

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Гордана Јанкулоска.

Поголем број лица веќе се повикани на разговор и имаме обезбедено првични информации кои несомнено ќе водат до разрешување на инцидентите, вели министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Министерке, во изминатиов период се актуелизираа меѓуетничките тензии, по случувањата во струшко и во Вевчани. Дали согласно вашите сознанија се забележува некаква во состојбата?

Како МВР, состојбата на терен внимателно ја следиме практично од самиот почеток, односно од првите манифестации на незадоволство, кои беа изразени првично преку протести, а потоа и преку други настани. Факт е дека во Македонија меѓуетничките односи се секогаш тема на дискусија со која е лесно да се манипулира и токму затоа одговорноста е дотолку поголема кај сите општествени чинители да бидат многу внимателни кога станува збор за меѓуетничките односи, бидејќи, како што се покажа во изминативе неколку недели, доволно е еден настан да предизвика дополнително внимание и да ја доведе ситуацијата, ако така можам да кажам, надвор од вообичаените рамки. Јас би рекла дека после првичните манифестации на незадоволство на страна на различни етнички заедници, успеавме да дојдеме во една ситуација каде што ваквите тензии полека се смируваат и каде што граѓаните се враќаат на својот секојдневен живот, односно меѓуетничките односи се враќаат на нивото на кое беа пред овие таканаречени инциденти или овие настани, кои несомнено ја вознемирија и јавноста, но и припадниците на сите етнички заедници во Република Македонија.

Кои активности ги презема Министерството за смирување на тензиите, има ли приведени, повикани на разговор?

Со самата манифестација на незадоволство, ние како МВР преземавме комбинирани мерки кои подразбираат пред се превентивно делување и делување во насока на смирување на состојбите и во таа смисла преку механизмот кој е воспоставен на иницијатива на МВР, а тоа се локалните совети за превенција, инициравме дијалог и разговор помеѓу, условно речено, различните учесници во оваа спорна ситуација, бидејќи нашата цел беше сите недоразбирања да се надминат низ дијалог и на крајот сите да излезат со една заедничка порака за потреба од соживот, меѓусебна толеранција и почитување на различностите во смисла на етничка припадност, во смисла на верска припадност. Воедно, со оглед на тензичноста на теренот, ние одлучивме да го зголемиме присуството на полицијата, односно ангажманот на полициските службеници во смисла на зголемен интензитет на комуникацијата која тие ја имаат со граѓаните, се со цел, од една страна, да дојдеме до информации кои се релевантни во смисла на откривање на сторителите или на прекршителите на јавниот ред и мир или на луѓето кои беа инволвирани во инцидентите, но, од друга страна, и да делуваме и превентивно, односно да испратиме смирувачки пораки на теренот. Така што, можам да кажам дека ние продолжуваме со засилени активности и во смисла на превентивно делување и во смисла на преземање чекори и мерки за откривање на сторителите и лицата инволвирани во инцидентите. Секако дека во интерес на завршување на овие предмети, кои освен вообичаената специфика, ја имаат и онаа специфика на меѓуетничките односи. Јас ќе се воздржам од коментари околу сторителите, лицата кои се инволвирани, но можам да информирам дека поголем број лица веќе се повикани на разговор, дека имаме обезбедено првични информации кои несомнено ќе водат до разрешување на овие инциденти, но околу подетални информации за сето она што досега е направено и сето она што следува ќе излеземе кога ќе имаме една финална завршница, меѓутоа сакам да ги охрабрам граѓаните да соработуваат со институциите и на свој начин да придонесат за расчистување на проблематичните настани и смирување на тензиите на терен.

Опозицијата предлага интерпелација за вас во врска со случајот Кампања. Која е вашата реакција?

Опозицијата, во недостиг на идеи и вистинска понуда за граѓаните, секогаш прибегнува кон неаргументирани напади на институциите или напади на личности кои се претставници на институциите. Во конкретниов случај, тие се одлучаија за еден потег кој е крајно неаргументиран и јас верувам дека токму тоа ќе биде исходот од парламентарната дебата која набрзо ќе се одржи во Собранието, односно на интерпелацијата гледам како на уште една добра можност на граѓаните да им се презентираат аргументите, а аргументите во голема мера, односно речиси целосно се поклопуваат со она што ние во континуитет го зборуваме, а тоа е дека МВР неселективно постапува во сите случаи каде што имаме индиции за сторен криминал. Секогаш кога тие случаи ќе бидат документирани, без разлика дали се однесуваат на некој што е условно речено под заштита на опозцијата или некој што е припадник на политичка партија, припадник на владејачкото мнозинство, припадник на која било друга партија или воопшто не е припадник на партија, законот мора да важи подеднакво за сите. Мислам дека низ парламентарната дискусија токму тоа уште еднаш ќе се покаже и потврди, односно ќе паднат во вода сите тие неаргументирани обвинувања, посебно во делот на шпекулациите и невистините кои, на пример, Тито Петковски, како претседател на една парламнентарна комисија, ги изнесува во јавноста грубо злоупотребувајќи ја својата положба на претседател на парламентарна комисија. Верувам се сеќавате дека тој во континуитет се обидува да ја убеди јавноста дека немал пристап до некои информации, односно дека му било оневозможено да дојде во МВР, меѓутоа јас во повеќе наврати со документ потврдив и покажав пред јавноста дека тој има отворена покана, да дојде кога сака, во кое било време и да посети кое сака лица од МВР. Зошто Тито Петковски има потреба да манипулира со јавноста, мислам дека ќе треба да чуеме за време на парламентарната седница. Истото се однесува и на другите таканаречени наоди во самати информација, односно во самата интерпелација каде што буквално нема ниту еден аргумент, каде што буквално нема ниту една теза која оди во прилог на нивните тврдења, што уште еднаш потврдува дека се работи за груба политичка манипулација, за злоупотреба од страна на опозицијата на просторот кој тие несомнено го имаат како претставници на граѓаните во Собранието, меѓутоа најдобар начин сето ова да се расчисти и разреши е токму парламентарната дебата. Уште еднаш ќе се потврди дека својата безидејност секогаш се обидуваат да ја покријат со напади врз владејачкото мнозинство.

Постои загриженост од вахабизам во Македонија, барем судејќи по одредени медиумски извештаи. Дали постои опасност од вахабизам во Македонија?

Загриженоста од вахабизмот или ако сакате радикалниот ислам, јас не би ја лоцирала во границите на само една држава, бидејќи заканите се многу повеќе глобални отколку локални, односно проблемите од ваков тип имаат многу повеќе глобален карактер и се однесуваат на повеќе од една држава едновремено или попрецизно кажано, кога зборуваме за закани или за евентуални проблеми, тогаш ние мора да зборуваме во регионален контекст. Фактот што Република Македонија е една од земјите што активно и доста интензивно партиципира во сите глобални активности за одржување на светскиот мир зборува дека Република Македонија не е надвор од мапата на радикалните исламисти во смисла на земји кои тие ги сметаат за нивни потенцијални непријатели, меѓутоа наша трајна определба е и понатаму да партиципираме во сите глобални активности кои значат зачувување на светскиот мир, а воедно будно да ги следиме состојбите и во сопствената земја, но и во поширокиот регион, односно во опкружувањето, и низ мрежите на соработка кои ги имаат нашите безбедносни служби да партиципираме во насока на разоткривање на потенцијалните опасности и соодветно реагирање. Република Македонија во повеќе наврати учествуваше во меѓународни активности и преку обезбедување на информации, но и преку директни активности на терен.

Дали имате некои конкретни сознанија за вахабистички активности во Македонија, некои настани кои би можеле да се карактеризираат како поврзани со вахабистите?

Во минатото ние имавме одредени активности по однос на поединци и групи, меѓутоа тоа се сепак активности каде што ние пред се делуваме превентивно повеќе отколку репресивно и јас искрено се надевам дека ваквиот ангажман, кој значи засилена будност и значи пред се превентивно дејствување ќе доведе до соодветен резултат, односно дека нема да се доведеме во ситуација да биде неопходно да реагираме репресивно. Уште еднаш ќе повторам дека кога станува збор за радикалните движења, можеби клучни се навремените и точни информации со кои располагаат безбедносните служби, нивна размена за да може соодветно да се реагира, тогаш кога одредени проблеми ќе се појават, а тие проблеми не мора задолжително да бидат во границите на нашата држава.

Годинава од народната каса ќе се издвојуваат 3 проценти помалку пари за МВР во споредба со лани, барем судејќи според расходите за буџетските корисници. Дали ваквиот благо помал буџет е во согласност со вашите планови?

Како министер за внатрешни работи и воопшто како функционер кој раководи со институција, се разбира дека јас би сакала да имаме колку што е можно повеќе ресурси на располаѓање, бидејќи ресурските значат осовременување и на условите и на опремата за работа, меѓутоа ние сме свесни за севкупните движења во економијата, за потребите кои треба да се финасираат од буџетот и токму заради тоа спремни сме да се прилагодиме на оние ресурси кои ни се ставени на располаѓање за 2012 година, што значи дека преку правилно распоредување на приоритетите, односно преку дефинирање на една динамика кадешто најнеопходните и најитните потреби ќе добијат предност во однос на нешто што може да почека, сметам дека нема да имаме сериозни последици во функционирањето на Министерството за внатрешни работи. Напротив, со добар распоред на средствата, со добро определување на приоритетите, во текот на оваа буџетска година ќе успееме да обновиме дел од опремата која веќе со децении не е обновена, ќе успееме да обновиме дел од возниот парк, условно речено, добро познатите Крајслери на полицијата конечно се надевам дека годинава ќе заминат во пензија, а полицијата ќе добие нови возила, соодветни на потребите во денешно време. Истото се однесува и на други делови од опремата, делови од униформата, кои секако дека ќе значат мотив повеќе за полициските службеници за поуспешно и поефикасно извршување на работните задачи.

Неодамна во јавноста се актуелизираше акцијата Бришач и беше најавено дека истрагата ќе продолжи. Дали има некои нови информации во врска со овој случај?

По однос на оваа конкретна полициска операција, каде што практично ние започнавме постапка против вкупно 57 лица, од кои 17 беа полициски службеници, е практично резултат на нешто што подолго време се зборуваше во јавноста меѓутоа се чини дека никој претходно не успеа, не можеше или не сакаше да докаже дека навистина во овој дел од полициското работење има проблем. Јас би сакала во оваа прилика да кажам дека и покрај тоа што кривичната пријава е поднесена за овие првично 57 лица, ние тука не застануваме, односно сите дополнителни информации до кои можеби ќе се дојде во текот на истрагата или дополнителни информации кои до нас ќе стигнат по друг пат, ќе бидат внимателно разгледани, ќе се обидеме да ги аргументираме и документираме и доколку обезбедиме докази, секако дека ќе одиме, или со проширување на постоечката пријава, или со формулирање на целосно нова пријава, во зависност од доказите до кои ќе дојдеме.