Црвенковски и СДСМ на мета на Антикорупциска

Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Воислав Зафировски.

Антикорупциска донесе одлука за непријавениот имот на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на Корчула и во Белград. Ќе следуваат и пријави за неправилно финансирање на изборната кампања на СДСМ.
Антикорупциската комисија синоќа донесе одлука за претставката за непријавениот имот на лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски на Корчула и во Белград, за која се очекува денеска да ја соопшти. Според информациите што ги имаме, Комисијата добила потврда од хрватските и од српските институции дека на име на сопругата на Црвенковски е заведен имот кој не бил пријавен во Комисијата за спречување на корупција. Станува збор за имот од 395 квадратни метри, градежно земјиште во близина на популарно туристичко летувалиште на островот Корчула, чија вредност денеска изнесува околу 150 илјади евра.
Комисијата добила потврда од хрватските и од српските институции дека на име на сопругата на Црвенковски е заведен имот кој не бил пријавен во Комисијата за спречување на корупција.

Според законот за спречување на корупција, глобата за непријавување на имот во анкетниот лист кој го прегледува Антикорупциската комисија, изнесува од 500 до 1000 евра.

Антикорупциска не нашла кабает кај владејачката ВМРО-ДПМНЕ, иако потрошила 3 милиони евра повеќе од што имала.

Антикорупциската комисија го отвори овој предмет пред речиси половина година, откако медиумите објавија податоци од хрватскиот катастар, каде што на моминското презиме на сопругата на Црвенковски, Јасмина Димитриоски бил заведен имот на хрватскиот остров Корчула.
Досега беше најавена само иницијатива за кривично гонење на опозицискиот СДСМ поради неправилности кои биле евидентирани во финансикиот извештај.

Во екот на изборната кампања се зборуваше многу на оваа тема, а лидерот на СДСМ, подоцна и претставници на партијата, тврдеа дека станува збор за имот за кој се уште траела оставинска постапка и затоа не бил пријавен. Но, според податоците на медиумите, тоа се однесува на наследениот имот во Белград, но не и на тој во Хрватска.

Членовите на Комисијата, на синоќешната седница одлучувале и за извештаите од предвремените парламентарни избори, а денеска се очекува да ги соопштат одлуките, односно за кои партии ќе бидат покренати иницијативи за кривично гонење поради прекршување на изборниот законик. Досега беше најавена само иницијатива за кривично гонење на опозицискиот СДСМ поради неправилности кои биле евидентирани во финансикиот извештај.

Антикорупциска изрази сериозни сомнежи за ненаменско трошење средства само за опозициската СДСМ. Во извештајот од следењето на финасирањето на партиите за време на изборите, наведено е дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ потрошила многу повеќе пари отколку што пријавила дека има - станува збор за разлика во расходите и приходите на партијата во вредност од 3 милиони евра. Тогаш комисијата не покрена постапка против оваа партија.

Во интервју за Радио Слободна Европа, претседателот на комисијата Воислав Зафировски објаснуваше дека станува збор за трошок направен како резултат на медиумско покривање на кампањите и дека, според законот, Комисијата треба да го следи најмалку 3 години односот на субјетите за да може да заклучи дали станува збор за донација или не, или пак да се стави знак на сомнение дали е во прашање корупција. Причината за ова одолговлекување, Зафировски ја образложи со тезата дека во рок од три години застаруваат финансиските побарувања, тоа значи дека последниот ден од истекот на третата година, ако радиодифузерот поднесе судско барање за наплата на извршената услуга, во тој случај нема корупција.