Што му кажал Расмусен на Груевски?

Премиерот Никола Груевски се сретна со генералниот секретар на НАТО Андрес Фог Расмусен во Брисел на 25 јануари 2012.

Ниту НАТО, ни македонската влада не соопштија што му кажал генералниот секретар на Алијансата Расмусен на премиерот Груевски на вчерашната средба во Брисел. По средбата немаше официјална изјава или соопштение за јавност од НАТО.
Вчерашната средба меѓу македонскиот премиер Никола Груевски и генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен во Брисел помина без соопштение и изјава од седиштетото на Алијансата. Зошто ни Расмусен, ниту кој било друг од НАТО амбасадорите немаа изјава по средбата од седиштетото, во Брисел не кажуваат. Велат дека средбата била од затворен тип и токму затоа нема никакво соопштение до јавноста.
За македонската страна беше многу битно да ја префрли топката на друга страна, односно Грција е виновникот што не сака понатаму да дискутира, тоа е еден вид изјава повеќе за внатрешна употреба.
Нано Ружин, поранешен амбасадор во НАТО.

И од македонската влада не добивме одговор на тоа што Расмусен му кажал на премиерот Груевски во разговорите.

Во меѓувреме, медиумите ја пренесоа изјавата на премиерот Груевски во која тој вели дека побарал од Алијансата повторно да се разгледаат заклучоците од НАТО самитот во Букурешт во 2008 година, да се земе предвид хашката пресуда и да се почитува Времената спогодба.

Упатените велат дека ваквиот тип средби во принцип се затворени за јавноста. Македонскиот премиер бил таму за да зборува за напредокот на Македонија да стане членка на Алијансата. Во ситуации кога тема на разговор се чувствителни прашања, средбите се во четири очи, вели поранешниот амбасадор во НАТО, Нано Ружин.
Фактот дека нема никакви реакции од страна на Брисел само потврдува дека таму нема промена на ставот. Тие секако ги чуја аргументите кои ги изнесе нашиот премиер. Сето тоа што го чуја, тие не можат да го игнорираат бидејќи се аргументи и факти што ја покажуваат другата страна на медалот.
Ристо Никовски, поранешен дипломат.

„Веројатно на барање и на нашата страна и на страна на Алијансата не е одржана конференција за печат, односно соопштение во кое што ќе бидат изложени основните параметри од оваа средба. За македонската страна беше многу битно да ја префрли топката на друга страна, односно Грција е виновникот што не сака понатаму да дискутира, тоа е еден вид изјава повеќе за внатрешна употреба“, вели Ружин.

Тоа што другата страна молчи по средбата не е случајно. НАТО го кажа своето, а аргументите кои ги слушнаа се обидуваат да ги игнорираат, вели поранешниот дипломат Ристо Никовски.

„Фактот дека нема никакви реакции од страна на Брисел само потврдува дека таму нема промена на ставот. Тие секако ги чуја аргументите кои ги изнесе нашиот премиер. Сето тоа што го чуја, тие не можат да го игнорираат бидејќи се аргументи и факти што ја покажуваат другата страна на медалот.“

Алијансата, според Ружин, избенува да се најде во една неповолна состојба преку одговарање на непријатни прашања поврзани со спорот со нашиот јужен сосед. Ставот на НАТО е јасен, земјава мора да го реши прашањето со името за да биде дел од Алијансата, потсетува Ружин.

„Генералниот секретар на Алијансата веќе се изјасни по однос на ова прашање и не сака пак да го повторува тоа што веќе еднаш го кажал.“

Од дводневниот престој на Груевски во Брисел, МИА само кратко извести дека амбасадорите на земјите членки на НАТО ја поздравиле улогата на Македонија како учесник во мисиите, нејзината улога во обезбедувањето регионална стабилност и реформите што ги спроведува Владата.