Скопје 2014 речиси се изгради, препукувањата продолжуваат

Отворање на Триумфалната капија, осносно Порта Македонија, дел од проектот Скопје 2014.

Еден ревизорски извештај - две различни толкувања. За СДСМ, Извештајот за Министерството за култура е доказ за криминал во проектот Скопје 2014, додека за Министерството, тоа е доказ за чесно работење.
СДСМ обвинува за криминал и бара одговорност за проектот Скопје 2014, додека власта вели дека СДСМ лаже и отвора стари теми поради страв од поддршката на граѓаните за проектот.
Значи, не СДСМ, туку државниот ревизор поставен од Никола Груевски констатирал дека речиси не постои објект, не постои тендер или договор од Скопје 2014, за кој нема забелешка за незаконско работење и крајно сомнително трошење на народните пари. Наводи, дека проектот Скопје 2014 е всушност огромна пералница на пари.
Гордан Георгиев, потпретседател на СДСМ.

Потпретседателот на СДСМ Гордан Георгиев, како претседател на собраниската комисија за култура, најави дека ќе иницира расправа и ќе предложи „соодветни заклучоци за наодите на Државниот ревизор за работењето во Министерството за култура“. Тој рече дека проектот Скопје 2014 е „најкриминалниот и најзабеганиот проект на владата на Никола Груевски“ и дека ова се потврдило и со последниот ревизорски извештај за работењето на Mинистерството за култура.

Потпретседателот на СДСМ, Гордан Георгиев.


„Значи, не СДСМ, туку државниот ревизор поставен од Никола Груевски констатирал дека речиси не постои објект, не постои тендер или договор од Скопје 2014, за кој нема забелешка за незаконско работење и крајно сомнително трошење на народните пари. Наводи, дека проектот Скопје 2014 е всушност огромна пералница на пари, во ревизорскиот извештај има премногу: од менување на веќе избран изведувач, наместени тендери, нереални финансиски трансакции, незаконски јавни набавки, до напумпани и сомнителни анекс-договори“, рече Георгиев.
Државниот завод за ревизија констатира дека Министерството за култура не сторило никакво пречекорување, ниту постапило спротивно со одредбите од Законот за јавни набавки.
Министерство за култура.

Тој го повика Јавното обвинителство да покрене постапка за расчистување на аферата „Патриотска метла“ за исчезнувањето на дел од тендерската документација во Министерството за култура.

Од Министерството, пак, ги оценија обвинувањата на Георгиев како тенденциозни и неаргументитрани.

„Државниот завод за ревизија, во извештајот за работењето на Министерството за култура, не само што не изразува негативно мислење, туку потенцираме, изразува позитивно мислење за работата на Министерството за култура во делот на примената на законската регулатива, во поглед на примената на законот за јавни набавки. Имено, Државниот завод за ревизија констатира дека Министерството за култура не сторило никакво пречекорување, ниту постапило спротивно со одредбите од Законот за јавни набавки“, се вели во писмената реакција од Министерството за култура.

Министерството наведува дека сета документација за сите капитални проекти е во Министерството за култура и истата му била дадена на увид на Државниот ревизор врз што е изработен извештајот на ревизијата.

„Со тоа се потврдија неоснованите лаги и измислици на СДСМ кој долго време ја замајуваше јавноста за исчезнување и палење на документација“, се наведува во соопштението.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, пак, одговорија дека Георгиев изнесува лаги и оти при изградбата на објектите се почитувани сите законски постапки. Партискиот портпарол Александар Бичиклиски рече дека СДСМ лаже и отвора стари теми поради „страв од се поголемата поддршка која граѓаните ја даваат за проектот“ Скопје 2014.

„СДСМ не треба да се плаши тоа што оваа година е ставена во употреба Портата „Македонија“, дека веќе е ставена во употреба зградата на Музејот на револуционерната борба, дека оваа година ќе се стави во употреба Стариот театар, новата Концертна сала, зградата на Уставниот суд, зградата на Археолошкиот музеј, зградата на Министерството за надворешни работи“, рече Бичиклиски.