Македонскиот човек на мирот

Првиот претседател на самостојна Македонија Киро Глигоров беше погребан во Алејата на великаните на градските гробишта Бутел во Скопје.

Балканот не е љубезен со своите политичари. Ќе треба време додека да бидат признаени сите достигнувања на Киро Глигоров во неговата земја, пишува поранешниот американски амбасадор во Македонија и поранешен американски помошник државен секретар Кристофер Хил за првиот претседател на независна Македонија.
Филмот на Анџелина Џоли, Во земјата на крв и мед, е за етничките тензии кои го предизвикаа најкрвавиот конфликт во Европа по Втората светска војна. Станува збор за Балканот во 90-тите години, кога меѓународната јавност беше вџашена и збунета. За оние од нас кои живееја и работеа во регионот во таа турбулентна декада, сеќавањата се се уште свежи. Како што покажува филмот на Џоли, ниту меѓународната заедница, ниту пак локалните лидери, не вложија доволно напори за спречување на крвопролевањето.

Кристофер Хил, поранешен американски амбасадор во Македонија.

Балканот не е љубезен со своите политичари. Оттука, ќе треба време додека да бидат признаени сите достигнувања на Глигоров во неговата земја. Но, тој оствари нешто што не им успеа на другите лидери на Балканот, а и на лидери во други времиња и на други места. Ја зачува земјата од војна.
Кристофер Хил, поранешен американски амбасадор во Македонија.

Еден исклучок, можеби единствен исклучок, беше Киро Глигоров, претседателот на Македонија. Фактот што филмот на Џоли е за војната во Босна, а не за Македонија, е поради Глигоров, единствениот лидер од поранешна Југославија, кој ја задржа новата независна држава надвор од овие конфликти. За време на клучните години од распаѓањето на Југославија, особено кога таа земја стана Србо-славија или подоцна Слобо-славија, Глигоров ја водеше Македонија кон референдумот за независност и ја избегна војната. Работеше напорно и за да ја внесе Македонија во Европа и евро-атланските институции.

Првиот предизвик со кој се соочи Глигоров беше несогласувањето со Грција за името. Од грчка перспектива, независната држава Македонија може да имплицира аспирации и кон останатиот дел од географска Македонија, позната како северна Грција. Чудно? Да, но имајќи предвид дека граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година, во суштина беше битка за тоа дали географска Македонија, вклучувајќи ја и северна Грција, ќе биде дел од комунистичка Југославија, можат до некаде да се разберат и грчките актуелни стравувања дека малата Македонија можеби ќе има барања за делови од Грција.

Се разбира, ниту Глигоров, ниту, пак, кој било друг одговорен политичар во Македонија, нема територијални претензии кон Грција. Но, Глигоров разбра нешто друго - и покрај сите добронамерни совети од разни гости да го смени името на државата, тој беше внимателен и во обидот да се најдат на половина пат со Грците, внимаваше да не се доведе во прашање идентитетот на Македонците.

Македонија долго време беше под прашање во балканската историја, а Глигоров знаеше дека несигурноста околу идентитетот може да води кон конфликт. Се уште постојат Бугари кои веруваат дека Македонците се Бугари, Срби кои мислат дека Македонците се Срби, или како што еднаш Милошевиќ се изрази – „нашите мали браќа“. Поради тоа, Глигоров понекогаш беше перцепиран како тврдоглав во одбивањето на предложените промени на името од разни претставници, кои можеби можеа да работат и подобро за да ја затворат оваа балканска историска книга.

Еден од најголемите предизвици на Глигоров беше и справувањето со прашањето на големата албанска популација, која живее таму со векови. Македонскиот Устав, што е уште еден важен придонес на Глигоров, им гарантира целосни и еднакви права на сите граѓани, но проблематично за некои Албанци, Tурци, Власи и други малцинства, е што државата е дефинирана како национална држава на Македонците.

Кога НАТО се подготвуваше за војна со Србија поради Косово, Глигоров се однесуваше внимателно. Командантот на НАТО во тоа време, Весли Кларк, побара од Македонија користење на нејзината територија доколку дојде до копнена офанзива. Само доколку ни дозволите влез во НАТО, беше одговорот на Глигоров. Тој му објасни на Кларк - Србите се наши соседи, тие имаат долги ножеви и уште подолго паметење.

Балканот не е љубезен со своите политичари. Оттука, ќе треба време додека да бидат признаени сите достигнувања на Глигоров во неговата земја. Но, тој оствари нешто што не им успеа на другите лидери на Балканот, а и на лидери во други времиња и на други места. Ја зачува земјата од војна.

Пишува Кристофер Хил, поранешен американски амбасадор во Македонија и поранешен американски помошник државен секретар.