СРД не дебатираше за врските на политичарите и медиумите

Зоран Стефаноски, Претседател на советот за радиодифузија.

Членовите на СРД повторно ја откажаа дебатата за семејно-политичките врски во националните медиуми.
Расправата во Советот за Радиодифузија за семејните и политичките врски во медиумите е одложена на неодредено. Мнозинството од членовите на Советот сакаа да се подготват подобро за темата која патем веќе една година се одлага и никако да дојде на дневен ред за разгледување.

Со оглед на сериозноста и последиците кои произлегуваат од примена на овој член што може да доведе до одземање на дозволата на одредени концесионери имам големи дилеми во поглед на селективноста која би може да следи.
Миљаим Фетаи, СРД
Членовите денеска требаше да разговараат за информацијата околу почитувањето на Членот 11 од Законот за радиодифузна дејност според кој политички партии, носители на јавни фунции во централната и локалната власт и членови на нивните семејства не можат да бидат основачи ниту да бидат дел од сопственичката структура во медиумите.
Станува збор за сопственичката структура на национални телевизии за кои е познато дека сопственици се синови на актуелни пратеници и лидери на политички партии.

Објаснувањето на мнозинството за одложување на прашањето е потребата да се направи сеопфатна анализа за сопственичката структура на медиумите за да се одбегне селективноста кон медиумите и политизирање на темата.

Логото на Советот за радидифузија.


„Со оглед на сериозноста и последиците кои произлегуваат од примена на овој член што може да доведе до одземање на дозволата на одредени концесионери имам големи дилеми во поглед на селективноста која би можела да следи, имаме сериозни индикации од она што го имаме како материјал на оваа седница дека може да дојде до сериозни пореметувања на медиумите кои работат со години а кои се во спротивсност со Член 11“, вели заменик-претседателот на Советот Миљаим Фетаи.​

Но, не е независна ниту од власта, ниту од политичките партии, ниту од самата индустрија, значи од самите медими што се нагласува во европските документи и јас мислам дека тоа преку различни суптилни да речам облици на притисок се изразува во работењето на Советот.
Снежана Трпевска, професор.
Пред една година советот решил да отпочне постапка за проверка кој медиум го почитува овој член од законот. Претседателот на советот Зоран Стефаноски вели дека е чудно што советниците не сакаат ниту да разговараат за информацијата околу медиумските сопственици и нивните семејни врски кога ова е стара тема.

„Оваа точка не се вика предлог за одземање некому на дозвола туку се викаше информација. Ние немаме обврска денеска да одлучуваме или оваа фама што се направи дека на некому ќе му ја одземаме дозволата. Затоа што го спомнавме „Прогрес репортот“ - сопственоста на медиумите останува нејасна, високо концетрирана и со силни политички врски - тоа го пишува во Извештајот на Прогрес репортот. Медиумската јавност нас не прозва.“

Пред почетокот на седницата, дел од членовите на советот коментираа дека постојат несогласувања во Советот околу толкувањето на законот за семејство односно дека е потребно да се толкува што е семејство, па потоа да се разгледуваат семејните врски со политичарите во двете национални телевизии.

Професор Снежана Трпевска вели дека со Членот 11 уште во 2005 година е дефиниран конфликтот на интерес за да се спречи политичките и бизнис интересите да имаат влијание врз медиумите, односно со него е дефинирано кој може а кој не може да врши радиодифузна дејност.

„Не може ниту власта ниту политичките партии едноставно да имаат никаков удел во работењето на медиумите. Иако овде во Членот 11 не е експлицитно нагласено „потесното“ семејство, според мое мислење, како членови на нивните семејства треба да се сметаат членовите на потесното семејство - татко, мајка, син, ќерка.“

Оваа законска одредба е во сила од 2005 година, и со тоа се наметнува прашањето зошто после 6 години се отвара прашањето за генерално почитување на законот. Трепевска вели дека во изминатите 5 години, Советот за радиодифузија покажа дека не е независно тело во реалноста, иако со законските одредби би требало да биде независен.

„Но, не е независна ниту од власта, ниту од политичките партии, ниту од самата индустрија, значи од самите медими што се нагласува во европските документи и јас мислам дека тоа преку различни суптилни да речам облици на притисок се изразува во работењето на Советот, особено во однос на прашањата на недозволената медиумска концентрација има бројни примери нели кога може да се види дека Советот не успеал да се дистанцира.“

За почитувањето на членот 11 од законот, Советот досега реагирал само во еден случај во Кавадарци каде што сопственикот на локална телевизија бил член на општинскиот совет.