За иста работа жените добиваат помала плата

На национално ниво жените земаат за речиси 18 проценти помала плата од мажите. Во Македонија има јаз во платите и полова дискриминација, велат од секцијата на жени при Сојузот на синдикати на Македонија.
Мажите во земјава се подобро платени од своите колешки кои работат иста работа. На национално ниво жените земаат за речиси 18 проценти помала плата од мажите. Меѓу среќниците со високи плати во Македонија повеќето се мажи, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Од речиси 6.000 луѓе кои земаат плата поголема од 40 илјади денари, само околу 1.300 се жени. Статистиката покажува дека најголем број работници во Македонија (162.454) земаат плата меѓу 8.000 и 12.000 денари, а поголем дел од нив или околу 97.000 се мажи. Плата меѓу 12.000 и 16.000 денари земаат 117.854 вработени, од кои само околу 37.000 се жени.
Работат на исто работно место, приближно иста норма исполнуваат но ако жената барем еднаш отсуствува од работа и на неколку саати или еден ден од работа, дали детето и било болно или за одреден преглед, таа го губи тој надоместок за редовност на работа за цел месец и веднаш разликата во платите може да резултира и со неколку илјади разлика.
Елизабета Галевска , Секција на жени при ССМ.

Од секцијата на жени при Сојузот на синдикати на Македонија, велат дека, иако навидум изгледа дека во земјава нема јаз во платите и дискриминација врз основа на полот, опсежните истражувања покажале дека сепак има. Според колективните договори платите се исти за работното место, но дополнителните надоместоци прават да има разлика во платите, вели Елизабета Галевска од секцијата на жени при ССМ.

Елизабета Галевска

„Постои надоместок за редовност на работа, по тој основ постои разлика во платите меѓу мажите и жените. Работат на исто работно место, приближно иста норма исполнуваат, но ако жената барем еднаш отсуствува од работа и на неколку саати или еден ден од работа, дали детето и било болно или за одреден преглед, таа го губи тој надоместок за редовност на работа за цел месец и веднаш разликата во платите може да резултира и со неколку илјади разлика.“

Родовиот јаз не е уникатен само за Македонија, го има во речиси сите земји во светот, вели Емил Крстаноски од Меѓународната организација на трудот. Историски гледано има неколку причини зошто жените се послабо платени, вели Крстаноски.
Постојат одредени родови предрасуди за капацитетот на жените и за природата и вредноста на нивната работа.
Емил Крстаноски, Меѓународна организација на трудот

„Жените најчесто работат професии кои се ниско платени, а мажите се концентрирани во професии кои се подобро платени. Мажите многу почесто работат повеќе прекувремена работа, така и во тој случај добиваат поголеми приходи. И она што е исто карактеристично е што постојат одредени родови предрасуди за капацитетот на жените и за природата и вредноста на нивната работа. “

Исто така зголемената несигурност на работните места, вработувањето на определено време и намалените приходи најпрво ги погаѓаат жените.

Клучот за поголем економски раст е во намалување на јазот помеѓу половите се наведува во најновиот извештај на Светска банка. И покрај тоа што организацијата вложила 65 милијарди долари во последниве 5 години во намалување на родовите разлики, поразителен е податокот дека тие се уште не го постигнале ефектот. Светска банка сметаат дека се потребни дополнителни напори и финансиска поддршка за намалување на овој тренд. Во извештајот се наведува дека државите ќе остварат повисоки стапки на економски раст ако повеќе ги вклучат жените во економските процеси.