Лустрација или панаѓур?

Некој се обидува да го урне процесот на лустрација, обвинува првиот лустратор Томе Аџиев. Од друга страна обвинувања дека Аџиев извршува валкани работи.
По најновите инфомации и бурните рекации во јавноста дека наредни за лустрација се еден поранешниот министер за внатрешни работи и еден поранешен министер за култура, претседателот на комисијата за верификација на факти Томе Аџиев сега ја смирува топката. Тој вели дека нему не му е познато од каде во јавноста се пласирани тие инфомации, кога комисијата се уште не донела заклучок. Тој додава дека сега е отворена расправа за 5 илјади поранешни функционери и дека се уште е рано да се зборува.

Од друга страна, дел од медиумите веќе ги објавија и имињата на поранешните министри. Аџиев вели дека сето она што се пласира во јавноста е од луѓе кои залутале во некоја ситуација и сега сакат само да се извадат.

Томе Аџиев

„Работат против интересите на државата, работат против лустрацијата целосно, даваат некои информации безвезни, се перат од нешто што не е ни извалканo, ни исперено, ни доперено. Не знам што е тоа, дали си ја бркаат мувата, тоа наредниот период ќе видиме што е како е.“

Времето ќе си го покаже своето и ќе дојде и поинакво време во оваа земја. Сигурно процесот на лустрација ќе го срушиме, сигурно дека овој поредок во кој владее тоталитарна власт ќе се трудиме на секој начин да го срушиме.
Ѓунер Исмаил.
Едно од имињата што беше обелоденето во јавноста дека е нареден за лустрирање е поранешниот министер за култура во владата на Црвенковски, Ѓунер Исмаил. Тој вели дека првиот човек на лустрациската комисија е на работна задача извршување на валкани работи.

„Си допушта се и сешто, вклучително и искази што не му доликуваат на ниеден државен службеник. Времето ќе си го покаже своето и ќе дојде и поинакво време во оваа земја. Сигурно процесот на лустрација ќе го срушиме, сигурно дека овој поредок во кој владее тоталитарна власт ќе се трудиме на секој начин да го срушиме.“

Вториот човек кој се најде во лустрацискиот барабан е поранешен министер за внатрешни работи.

Со атакот врз поранешен министер за полиција, се урива и безбедносниот систем, вели членот на комисијата за верификација на факти Благоја Гешовски.

„Не постои функционер во МВР, од полицаец, инспектор до највисоко ниво кој не потпишувал налози. По оваа логика сите треба да одговараат.“

Сегашната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, запрашана за тоа дали стравува дека може да биде лустрирана со оглед дека потпишува многу наредби и одредби, таа одговара:

„Функцијата министер за внатрешни работи ја извршувам во согласност со позитивните прописи во нашата земја што значи дека не постои никакво стравување, ни опасност кој и да е, кој ги почитувал прописите на Македонија и постапувал исклучиво во согласност со законите на оваа земја, да стравува од некој непожелен исход за него.“

Во дел од јавноста владее мислење дека лустрацискиот процес се претвара во лов на вештерки и дека се лустрираат само луѓе кои се критичари на власта.