Аирлија сега, минимална плата за три години

Архивска фотографија: Собраниска дебата.

Сите пратеници се за усвојување на законот за минималната плата, но опозицијата бара законот да важи подеднакво за сите, без одлагање.
Сите се за минимална плата. Им требаше време да се договорат износот, сега уште да се договорат од кога ќе почне да важи законот. Владата преку реклами веќе се пофали дека конечно паднал договорот за минималец. Аирлија минимална плата!, извикуваше Владата.
Во рекламите се промовира и се рекламира она што ќе биде во 2015-та. Почитувани колеги, кај нас и по ова прашање важи правилото - реклама пред 3 месеци, ама минимална плата по три години.
Радмила Шеќеринска, СДСМ.

Народните избраници се согласија дека ваквиот закон е добар и дека го подржуваат. Но опозицијата забележа дека ваквиот закон е задоцнет и дека нема да им ги реши проблемите на оние на кои најмногу им требаат пари.

Договорот за минимална плата падна пред 2 месеци. Владата и синдикалните лидери се договорија за минималец од 8.050 денари, со тоа што минималната плата за текстилната, кожарската и земјоделската индустрија, ќе има одложена примена до 2015.

Законот за минимална плата за текстилните работници ќе почне да важи од 2015 година.


„Мислам дека станува збор за едно решение коешто во многу треба да ја подобри состојбата и на работниците, но од друга страна да даде и дополнителен мотив кај работодавачите, прашање што не беше регулирано 20 години во Република Македонија“, рече министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.
Времињата економски се тешки, но сепак оваа Влада смогна сили да го донесе овој концепт на минимална плата, којшто претходно СДСМ не го донесе.
Владимир Ѓорчев, ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозицијата побараа законот да почне веднаш да важи.

„Јасен е нашиот став дека ќе поддржиме Закон за минимална плата на работниците на кои најмногу им е неопходна, но закон за минимална плата којшто ќе важи сега и веднаш“, вели пратеничката Цветанка Иванова од СДСМ.

Од СДСМ додаваат дека тие го подржуваат предлогот, но дека законот бил малку задоцнет и дека всушност преставува закон во најава.

Владата се договори со синдикатите за овој Закон за минимална плата. На сликата: Живко Митревски, претседател на ССМ.


„Во рекламите се промовира и се рекламира она што ќе биде во 2015-та. Почитувани колеги, кај нас и по ова прашање важи правилото - реклама пред 3 месеци, ама минимална плата по три години“, вели Радмила Шеќеринска од СДСМ.

И пратеникот Изет Зекири од партијата за Национална демократска преродба, вели дека законот треба да почне да важи веднаш.
Еден денар денеска не е еднаков со еден денар после една година.
Изет Зекири, НДП.

„Еден денар денеска не е еднаков со еден денар после една година.“

За пратениците од владејачкото мнозинство, и со овој закон владата покажува дека се грижи за своите граѓани како што тоа го докажала и досега. Владата смогна сили да го воведе овој концепт, кој е приближно колку и во некои други земји во регионот, рече пратеникот Владимир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ, правејќи споредба со Бугарија и Романија каде минималната плата е 132 евра, односно 157 евра.

„И тоа го воведуваме во година во која Европа има рецесија. Времињата економски се тешки, но сепак оваа Влада смогна сили да го донесе овој концепт на минимална плата, којшто претходно СДСМ не го донесе.“

Пратеникот Миле Пачемски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека законот е добар и дека од него ќе имаат бенифит 65 илјади работници.

Претникот Митре Вељановски од СДСМ рече дека состојбата во земјата е за плачење, исто како и во Италија, алудирајќи на солзите на тамошната министерка за труд и социјала, која додека зборуваше за тешката економска состојба во земјата, се расплака.

„Со оглед на 300 илјади невработени и со оглед на 600 илјади сиромашни, нашиот министер за труд и социјална политика треба, не да плаче, туку да пишти и коса да корне. Но напротив, нашиот министер удира здравица со синдикатите, на сите тапани, на сите ѕвона, на сите медиуми, аирлија работа!“

Опозицијата во своите излагања ги прозва и синдикатите дека во преговорите со Владата имале улога навредлива за работниците.

Благородна Дулиќ од ВМРО-ДПМНЕ на тоа прокоментира дека мани секогаш се наоѓаат.

„Мана секогаш ќе се најде, за нешто секогаш ќе се фатиме, меѓутоа основно е дека спогодбата се направи, понатака треба да кажеме само браво, браво што е постигнато она што вие не сте успалае да го направите 20 години.“

На пратеничката Дулиќ и реплицираше Весна Бендеска од СДСМ.

„Страшно е кога екс-судија на врховен суд како Благородна Дулиќ, вели браво за закон кој нема да важи подеднакво за сите граѓани.“

Минималниот износ на плата не е фиксен и ќе се коригира секоја година врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, со пресметување 39,59 проценти од просечната плата во Македонија.