Достапни линкови

Минималец или отказ?


Најниски плати во градежништвото, текстилната и кожарската индустрија
Најниски плати во градежништвото, текстилната и кожарската индустрија

Дали договорот за минимална плата ќе влијае врз отпуштањето на работници и колку работодавците ќе го почитуваат?

Падна договорот за минимална плата. Иако синдикатите пред неколку месеци бараа 150 евра, сега социјалните партнери се договорија за минимална плата од 8.050 денари, односно околу 130 евра. Законот ќе стартува од 1 јануари наредната година, а работодавачите ќе имаат време до 2015-та да ги приспособат платите до овој минимален износ, вели претседателот на Сојузот на синдикатите Живко Митревски. Тој вели дека се договарале и за тоа утрдувањето на минималецот да не влијае врз отпуштањето на работници.
Предвидени се сериозни санкции за сите работодавачи кои тоа нема да го прават, идеата ни е навистина да направиме една дисциплина во делот на почитувањето и во делот на утврдувањето на тоа кој може навистина да биде работодавач во Македонија
Живко Митревски, претседател на Сојузот на синдикатите

„Значи дефинитивно со ова завршуваме со тоа дали некој може или не може, по стапувањето во сила на овој закон во 2012 година, предвидени се сериозни санкции за сите работодавачи кои тоа нема да го прават, идеата ни е навистина да направиме една дисциплина во делот на почитувањето и во делот на утврдувањето на тоа кој може навистина да биде работодавач во Македонија.“
Надеж дека ќе се почитува минималецот и во текстилната индустрија

Пред изборите синдикатите и Владата се договорија дека утврдувањето на минималецот ќе биде еден од приоритетите на Владата. Премиерот Груевски пред неколку денови утврдувањето на минималната плата го нарече-историски чин, и рече дека со тоа ќе им се подобри состојбата на 65 илјади работници. Владата тој „историски чин“ побрза да го промовира и низ медиумите. Па така од вчера осамнаа комерцијални огласи под насловот „Аирлија договор за минимална плата.“. По 20 години залудни преговори и договории, меѓу Владата, синдикатите и работодавачите, по 20 години исчекување од страна на работниците... Конечно! Договор за минимална плата, се пофали Владата.
Значи сигурно дека е придобивка и се надеваме дека ќе ја почитуваат од причина што барем во овој состав од организацијата на работодавачи седеа луѓето при договорањето кој што исто така преговараа дирекно со нас, односно со Синдикатот за текстил, кожа и чевли
Ангелко Ангелов, претседател на синдикатот за текстил, кожа и чевли

Како најниски плати отсекогаш важеле оние во текстилната дејност, 5.500 денари, исто толку и во градежната и во кожарската индустрија, 5.200 денари. Претседателот на синдикатот за текстил, кожа и чевли, Ангелко Ангелов се надева дека ќе се почитува утврдениот минималец.

„Значи сигурно дека е придобивка и се надеваме дека ќе ја почитуваат од причина што барем во овој состав од организацијата на работодавачи седеа луѓето при договорањето кој што исто така преговараа дирекно со нас, односно со Синдикатот за текстил, кожа и чевли.“

И неговиот колега од синдикатот за градежништво, Павел Трендафилов вели дека во услови кога градежништвото е најактивно не постојат улови законот за минимална плата да не се почитува.

„И ако веруваме на информацијата која ја слушнавме од министерот за финансии, дека единствен излез на економијата во Македонија се капитални инвестиции тогаш не гледам зошто би биле во таа категорија и не би исплаќале над осум илјади денари од минималната плата.“

Социјалните партнери 20 години се натегаат околу прашањето на минималната плата.

Во 2007 ССМ предложи до Владата минимална плата да изнесува 6.150 денари, што не беше прифатено од работодавачите, а Владата молчеше. Истата година имаше и еден предлог на СДСМ за утврдување минималец од 8.100 денари, што во ССМ го оценија како политички маркетинг, бидејќи додека таа партија била на власт, останала глува на барањата за минимална плата. Истата година и Конфедерацијата на слободни синдикати организираше петиција за собирање потписи за дефинирање на минималец. Тогаш се собраа 60 илјади потписи, но и овој обид остана без резултати.

Во ЕУ, 20 од 27 земји имаат донесено закон, а во останатите, долната граница на платите се регулира со колективни договори. Минималната плата на работникот треба да му осигура соодветна социјална сигурност и животен стандард врз основа на неговиот труд. Таа обично се утврдува во зависност од нивото на платите и економската моќ на државата, како и од потребите на работникот да може да го обезбеди својот опстанок.
Најниска минимална плата има во Бугарија од 120 евра, а највисока во Луксембург од 1600 евра. Земјите во соседството имаат минимални плата кои се движат од 140 во Албанија и Црна Гора, 150 во Србија, повеќе од 380 во Хрватска и околу 860 во Грција.
  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG