Откуп на тутунот - ќе биде ли подобро?

Во Прилеп отворени пунктовите за откуп на тутун. И годинава дел од тутунопроизводителите задоволни, а дел негодуваат поради ниската цена.
Благоја Илиоски е долгогодишен тутунар, којшто егизистенцијата на своето семејство ја обезбедува со обработка на ситен ориенталски тутун.
Се мачи преку целата година со семејството. Лист по лист го бере, го ниже, потоа го пегла и пакува во саргии, а потоа како жолто злато го предава во Тутунскиот Комбинат. Времето е суво годинава, нема влага, тешко оди последната манипулација, се мачат дома сите, а и ноќи не спијат за да го наредат тутунчето, за да заработат што повеќе, оти се ближи декември, славите почнуваат, ќе дојдат гости, а трпезата не смее да биде празна, оти тие се луѓе домаќини.
Им треба и дрва за огрев, а сака и сметките да ги плати, пред Нова Година се да исчисти, па со добра мисла и следната година, да ја започне.
Затоа побрза во првите предаде дел од 1,2 тони тутун колку што произведоа годинава.

„Од цените не сум задоволен, третата е сосема мала 112 денари, четвртата е да не правиме муабет, 50 денари е, ако му помине на некој, што се 50 денари, една кутија цигари. Горната класа е предадов, бидејќи ми беше омекнат, ми помина сиот прва, едно бале само втора класа.“


И Галип Реџепоски цел живот произведува тутун. Предаде преку 600 килограми годинава. Тој задоволен од проценката.

„Околу 160-170 денари ни помина. И од мострата можеби и подобро ни помина.“

Реџепоски е радосен зашто најдоцна за 10-ина дена, ќе ги земе парите од тутунот. Од Тутунскиот Комбинат тврдат финансиската конструкција за исплата на реколтата годинава е обезбедена и нема да има проблем. А, не само во градот, со вонреден откуп ќе се започне и во руралните средини.

„Постепено мислам, полека, оти мрежава ќе се шири, откупните пунктови ќе ги отвораме и во населените места. Околу 22 пункта имаме, и ќе откупуваме со динамика од 80 до 100 тона“, вели Александар Спиркоски, директор на Дооел Тутун во Тутунскиот Комбинат.

Регуларноста на откупот ја следат сите повереници од Сојузот на тутунски здруженија и тоа на сите откупни ваги во државата.

„На теренот се само две компании, Тутунскиот Комбинат и Сокотаб од Битола во Битолско и во Повардарието има отворено во источниот дел на Македонија. Меѓутоа оваа недела сметам дека ќе отворат пунктови и другите компании“, истакнува Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија.

Со оглед на фактот што станува збор за квалитетна реколта, и од Сојузот и од Министерството веруваат дека годинава нема да се повторат ланските проблеми со откупот и огромните незадоволства на производителите.