Комисијата за лустрација не ја интересира дали некој е од власта или од опозицијата. Ние работиме неселективно, тврди првиот лустратор Томе Аџиев во интервју за РСЕ.
Не правиме редослед туку ги пуштаме сите во органите со кои соработуваме, тие ги истражуваат и кога ќе добијат одредени релевантни податоци за одредено лице ни доставуваат информација и ние проучуваме за тоа лице бидејќи имаме добиено сознание дека има некакви документи за него. Приоритет не правиме, сите се за нас исто битни.Томе Аџиев, претседател на Комисијата за верификација на факти.
Знаете ли што ќе правите ако се утврди дека некои новинари биле соработници со тајните служби. Значи ли тоа дека сите медиуми треба да се ослободат од новинари кои биле соработници со тајните служби или поединечно ќе се разлгедуваат случаите?
Пред измените на законот, на сите приватни медиуми им беше дадено како можност во нивните акти да го предвидат тој услов за вршење на јавна функција, меѓутоа со измените на законот тоа стана задолжителна обврска. Доколку се утврди дека некој уредник или новинар од приватните медиуми, дали пишани или електронски, бил соработник со тајните служби, обврска е на сопственикот прво да ги предвиди тие обврски во нивниот акт и второ да ја извести Комисијата дека тој акт е изменет каде што се бара дополнителниот услов за вршење на јавна функција и трето да е негова обврска и одговорност ако тој не сака да го разреши од функцијата, а ние само ќе констатираме дека тој не го исполнува условот за вршење на таква функција.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Значи ли тоа дека самиот медиум, односно сопственикот, ќе проценува дали тој ја загрозува веродостојноста на медиумот?
Медиумот, односно сопственикот, основачот, ќе си процени дали му е добро во неговиот медиум да има лице за кое Комисијата утврдила дека бил соработник со тајните служби.
Но, кога лустрацијата ќе почне да важи еднакво за сите? Честопати Комисијата се соочува со критики за селективност па тешко е да се поверува дека кога и да е оваа Комисија ќе почне да го отвара прашањето на одговорност на актуелни претставници на функции од власта?
Прво, Комисијата не ги разликува носителите на јавни функции дали се носители на јавни функции од опозиција или од власт, или независни. Комисијата согласно приложените изјави ја спроведува верификацијата на факти. За кој носител на јавна функција ќе добиеме податок дека бил соработник со тајните служби Комисијата го става на дневен ред и одлучува, доколку се утврди дека бил соработник не му ја верифицира изјавата, а воопшто Комисијата не ја интересира дали бил од власта или опозиција и мислам дека тоа е погрешно поставено прашање дека правиме некаква селекција меѓу власта и опозицијата. Јас сметам дека, не смеам да ги кажувам тие податоци кои лица досега се прогласени за соработници со тајните служби, меѓутоа од сите тие лица не можам да утврдам дали некој бил од позиција на власт или опозиција.
Но, досега немаше случај на актуелен претставник на власта туку само на поранешни функционери, па затоа Комисијата и се соочува со критики дека е политички мотивирана и во таа смисла размислувате ли за промена во редоследот на приоритетите па да почнете со актуелни претставници на власта?
Прво, Комисијата ги стави во функција да ги проверува изјавите на претседателот на државата. Второ, ги постави пратениците, трето министрите, четврто судиите, па јавните обвинители, па членовите на МАНУ, во меѓувреме се направи измената на законот за поранешни носители на јавни функции, па ги ставивме и нив. Значи нема селекција тука и не се работи за селективност и не знам од каде излезе тоа во јавноста, дали некој уплашен дека ќе дојде на дневен ред, а бил соработник, па сега го поставува тоа прашање преку некој медиум, тоа не знам, меѓутоа селекција не се прави и сите што биле носители, се носители, и што се кандидати за носители влегуваат во проверката.
Но, кога станува збор за редоследот на чекори како тие да се прават обратно. Требаше ли Комисијата најпрво да се позанимава со лустрацијата на носители на државни функции, односно политичари од поранешната, актуелната власт со оглед на тоа што тие ги носат одлуките, секако дека и новинарите не се над законот, но дури потоа би требало да дојдат на дневен ред грешките на новинарите?
Сите се дојдени на дневен ред, сите се проверуваат, кој прв ќе излезе, ќе излезе. Може да излезе условно кажано некој на висока функција, ќе го провериме и ако бил соработник ќе го сработиме тој предмет, ќе утврдиме, ако излезе новинар, новинар ќе биде, селекција нема, законот е така направен да сите се битни. Комисијата работи со полн капацитет согласно можностите што ги имаме, толкава динамика даваме. Сега сметавме дека е период во кој може да дозволиме уште една група изјави за да можеме да пуштиме повеќе во контрола и тоа ќе го направиме.
Дали досега ова служи повеќе за јавен линч и ако не, што по нивното објавување?
Согласно законот, Комисијата не прогласува условно кажано дека некој бил кодош. Комисијата има само две можности - или изјавата која што е дадена до Комисијата да ја верифицира доколку се утврди дека тоа лице немало соработка со тајните служби или доколку има одредени документи кои укажуваат на тоа дека имало соработка да не ја верифицира изјавата, нормално лицето кога ќе е засегнато почнува да реагира. Законот вели дека доколу Комисијата стави на сила, Комисијта потоа треба да изготви решение и да го упати во рок од осум дена да си поведе судска постапка, доколку судот донесе соодветена одлука Комисијата е должна таа одлука да ја почитува, каква ќе биде ние ќе ја почитуваме.
Комисијата досега утврди дека за околу 20 функционери постои сомневање дека соработувале со тајните служби, најголемиот дел од нив се во процедура?
Па од тие 20, еден предмет е конечно завршен, во еден случај лицето не се произнесе по заклучокот, го прифати нашиот заклучок, но постапката не оди понатаму, заврши тука, и еве денеска имаме на дневен ред три случаи од кои двајца не се произнесоа по заклучокот, значи го прифатија нашиот заклучок како што го донесовме, за еден ќе се произнесеме по неговиот приговор, другите се во судска постапка кога ќе заврши таму не знаеме. Инаку ние согласно законот имаме обврска да не ги објавуваме во јавноста, туку кога ќе заврши постапката да ги регистрираме во Регистарот согласно законот.
Има носители на јавни функции кои јавно кажаа дека нема да достават изјави. Како според законот се постапува во тој случај?
Законот предвидува дека доколку тие лица биле носители на јавни функции, а не сакаат да достават изјави, законот предвидува Комисијата да донесе решение со кое ќе утврди дека не го исполнува условот за вршење на јавна функција поради неподнесување на изјава и второ ќе ги извести Собранието, Владата и ДИК каде што јасно ќе им каже дека овие лица не го исполнуваат овој услов и не може да се кандидираат во наредниот период и трето, Комисијата е должна согласно прекршоците во законот да поведе прекршочна постапка.
Треба ли Комисијата да се позанимава и со самата себе? Некои членови на Комисијата не ги признаваат одлуките?
Јас мислам дека се работи за малку членови, односно двајца членови кои мислам дека во наредниот период ќе се преиспитаат и ќе си продолжат да работат. Мислам дека во Комисијата нема проблеми, во неа има 11 членови од кои 9 членови работат без забелешка, двајца членови од кои причини не ми е познато, пројавија некои несогласувања, но мислам дека во наредниот период и тоа ќе го надминат.
Вашиот мандат го оспоруваат двајца членови од Комисијата, дали тоа го намалува кредибилитетот на одлуките кои што ги носи Комисијата?
Мојот мандат е легален и легитимен. Јас сум избран со одлука на Собрание на РМ и таа одлука се уште е во сила до избор на нов претседател и заменик претседател, таа одлука важи. Она што тие многу пати го оспоруваат, а мислам дека знаат е дека мојот мандат е легитимен, меѓутоа од кои причини го оспоруваат не ми е јасно. Тоа што стои во законот дека Собранието на секои шест месеци ќе бира претседател и заменик претседател тоа е еден рок кој му е даден на Собранието на секои шест месеци да донесе друга одлука. Доколку не се направи избор во тие шест месеци одлуката продолжува се уште да важи и така е продолжена. И на крајот на краиштата сакам да кажам една друга работа, ниту јас го утврдувам дневниот ред на седница на Комисијата, ниту можам да имам два гласа во Комисијата, секоја одлука којашто се предлага, доколку ја изгласаат мнозинството од членовите на Комисијата поминува, доколку не јас можам само да жалам што не поминал мој предлог, ништо повеќе.
Има ли надлежност Комисијата да овозможи заштита од шпекулации со оглед на тоа дека се посочуваат личности јавно во медиумите. Неодамна имаше пример јавно се посочуваше дека соработувал со тајните служби поранешен новинар од албанска редакција кој бил и поранешен амбасадор?
Комисијата согласно надлежностите кои ги има не дава јавност на податоците. Комисијата работи на седници, со класифицирани информации кои не ги доставува до јавноста и решението што го донесува лично го доставува на рака на тоа лице и ништо повеќе, од каде произлегуваат такви информации не ми е јасно.
Има ли можност да се сокријат некои досиеа?
Не, нема можност. Сите досиеја што постојат во УБК тие ги имаат, во Агенцијата за разузнавање исто ги имаат, во Архивот на РМ и таму ги имаат, тие досиеа се евидентирани и не може некој да ги сокрие.
Има ли разлика во приодот кон предметите на новинарите, невладините организации и верските заедници. Се создаде впечаток во јавноста врз толкување на некои од одредбите дека претставниците на верските заедници доброволно треба да поднесуваат изјави за разлика од новинарите и невладините организации?
Законот јасно кажува, како и сите други носители, предвидени се одредби и за овие носители на јавни функции и овластувања во други организации и дејности и служби од јавен карактер регистрирани согласно законот. Значи таа е јасна одредба која што не предвидува доброволно или како обврска, туку за сите како што е предвидено за други, така и за нив.