Стабилноста на Балканот зависи од северот на Косово

Косово - барикади на Србите кај мостот во Митровица.

Ситуацијата на северот на Косово, според некои косовски аналитичари, би можела да се влоши што би влијаело и врз безбедноста на Балканот. Од друга страна, во Белград се појави иницијатива за целосен пресврт на српската политика кон Косово, односно признавање на реалноста дека Србија нема суверенитет врз тој дел од територијата.
Она што се случува на северот на Косово е резултат на една политика која немаше за цел решавање на тамошната ситуација. Според независниот аналитичар Верена Кнаус, статус квото што е инсталирано на северот на Косово во 1999 доведе до сегашната криза:

Барикади на косовските Срби на мостот кај Митровица.


„Проблемот е во тоа што е создаден простор за една група луѓе на северот на Митровица која ги диктира условите за какви било спогодби. Станува збор за комбинација на луѓе кои имаат економски интерес, а тоа се криминалци, политичари кои, според мое мислење, се финансирани од Белград“, вели Кнаус.
Може да има проблеми во Прешевската Долина, во Македонија. Тоа значи дека работите можат да излезат од контрола.
Рамадан Ќехаја, косовски експерт за безбедносни прашања.

Таа додава дека ваквата ситуација се сменила во јули годинава кога косовската влада решила да ја врати контролата на граничните премини, што пак доведе до блокади на патиштата од страна на косовските Срби.

Напнатата ситуација на северот може да влијае и врз стабилноста во регионот. Експертот за безбедносни прашања Рамадан Ќехаја вели дека загрижува тоа што состојбата на теренот не се менува:

Косовски Срби го блокираат граничниот премин Јариње.


„Тоа е најголем проблем, а втор проблем е што ваквото незадоволство може да има и други импликации во регионот. Може да има проблеми во Прешевската Долина, во Македонија. Тоа значи дека работите можат да излезат од контрола.“

Во меѓувреме, во Србија се појави таканаречена Декларација Пресврт со која се бара целосно нова политика кон Косово. Во Декларацијата, меѓудругото, се наведува:
Стратегијата - и Европска унија и Косово, значи ни Европска унија, ни Косово.
Дел од декларацијата Пресврт на неколку српски партии.

„Со непризнавањето на косовската вистина и стварност, не се менува ни таа вистина, ни таа стварност. Косово не е под суверенитет на Србија од војната во 1999 година и кумановската капитулација. Затоа стратегијата - и Европска унија и Косово, значи ни Европска унија, ни Косово.“

Пратеникот Жарко Кораќ вели дека Декларацијата не е партиски проект:

„Станува збор за нешто што во нашиот политички живот е ретко, односно дека луѓето се загрижени за тоа каде се наоѓа Србија во момент пред одлуката дали таа ќе стане кандидат за Европската унија. Очигледно е дека некои не го сакаат тоа.“

Војник на КФОР кај Урошевац



Социологот Среќко Михајловиќ смета дека е добро што се појави ваква декларација во која на јасен начин се кажува дека Косово веќе не во Србија:

„Граѓаните на Србија имаат противречен, двоен однос кон Косово, меѓу желбата Косово да биде во состав на Србија и еден реализам кој зборува дека такво нешто е невозможно. Некогаш преовладува едното, некогаш другото“, вели социологот Среќко Михајловиќ.

Декларацијата за Косово веднаш беше отфрлена од претседателот Борис Тадиќ со образложение дека нема да се откаже од националните интереси.