Достапни линкови

Лоши вести за Балканот


Српската влада ја забрани Парадата на гордоста во Белград поради закани со насилства од страна на десничарските групи. Претходно, Србите во северно Косово се судрија со КФОР при што имаше повредени. Ова се лоши вести за Србија, но и за останатиот дел на Балканот, се наведува во анализата што деновиве беше објавена во весникот Економист.

На 12 октомври земјите од Западен Балкан ги добиваат нивните годишни извештаи од Европската комисија.

Српската влада се надева дека ќе добие препорака за кандидатски статус за членство во Европската унија. Но, тоа сега виси.

По хрватскиот влез во Европската унија во 2013 година, постои вистинска опасност на ниту една друга земја од Балканот да не и биде дозволено да се приклучи во Унијата уште многу години потоа.
Откако дојде до насилства на Косово, српскиот преговарач Борислав Стефановиќ изјави дека тој бил подготвен на разговори, но само околу кризата со граничните премини и за ништо друго. Резултатот - немаше разговори.

Ова би требало да влијае врз одлуката на Европската комисија, наведува весникот Економист, додавајќи дека на одлуката секако ќе влијае и забраната на парадата во Белград поради стравување да не се повторат минатогодишните нереди и насилства за време на тогашата слична парада.

Доколку владата не може да обезбеди мирно одржување на таква парада тогаш, според логиката, како може да биде подготвена за влез во Европската унија?

На 23 август германската канцеларка Ангела Меркел им кажа на Србите да ги демонтираат нивните паралелни структури на Косово, пред да можат да се надеваат да добијат кандидатски статус.

Во секој случај, на Германците, заглавени со грчките проблеми, по се изгледа не им се брза да дозволат проблемтични балканштини во европските институции.

Другите земји од Европската унија се кријат под здолништето на Меркел, дозволувајќи големата лута мајка да ги преземе врз себе острите критики за тоа што ја запира интеграцијата на Западен Балкан во Унијата.

Ова се заканува да го остави регионот да скапува во некаква периферна земја Недојдија. Некои можеби се прашуваат зошто Србија и нејзините соседи сакаат да му се приклучат на клубот кој има многу други сопствени проблеми.

Одговорот е дека процесот на придвижување кон Европската унија е сам по себе голема модернизирачка сила, и покрај тоа што земјите во Европската унија секогаш не се однесуваат како што би требало.

Шефот на црногорската дипломатија, Милан Роќен, неодамна изјави дека на неговата земја ќе и требаа десет години за да ги направеше сите тие реформи колку што се направени во минатата година, ако не беше нејзината намера да влезе во Унијата.

По хрватскиот влез во Европската унија во 2013 година, постои вистинска опасност на ниту една друга земја од Балканот да не и биде дозволено да се приклучи во Унијата уште многу години потоа. Ова не време да ги отфрлиме, се заклучува во коментарот објавен во весникот Економист.
  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG