Хелсиншки загрижен за демократијата

Хелсиншкиот комитет загрижен за демократските процеси во земјата поради притисоците врз медиумите, обидите да се замолкне академската јавност, слабостите на судството...
Хелсиншкиот комитет изразува загриженост дека како никогаш досега новинарите се притисок од два паралелни извора, владината кампања и провладините медиуми. Во месечниот извештај се забележува оти ова во никој случај не е дел од демократски амбиент во кој треба да се развива едно општество и се нагласува потребата од постоење здрава критичка свест:
Тоа не е проблем само на медиумите, во правната област практично нема стручна дебата за тоа од кои се вистинските проблеми, од каде доаѓаат притисоците и како тие ќе се решат.
Гордан Калајџиев, Хелсиншки комитет.

„Тоа не е проблем само на медиумите, во правната област практично нема стручна дебата за тоа од кои се вистинските проблеми, од каде доаѓаат притисоците и како тие ќе се решат. Да не спомнувам дека имаше напори да се згасне слободата и во академската средина со познатите притисоци на извршната власт врз Универзитетот“, рече на прес-конференцијата Гордан Калајџиев.

Хелсиншкиот комитет како втора проблематика го препознава и тоа што во Собранието, медиумите и јавниот курс воопшто, говорот на омраза станал вообичаена комуникација и оти никој не се тревожи кога јавно се прогласуваат личности за предавници. Комитетот детектира дека последиците од говорот на омраза треба да бидат дефинирани во кривичниот законик како и да се воспостави процедура за водење на постапки при злосторства од одмазада.
За жал нашето општество функционира многу блиску до еднопартиски систем, ние денеска повторно имаме идеолошка поделба - или си со власта или си против нив.
Гордан Калајџиев, Хелсиншки комитет.

„При мои стручни анализи бев повеќепати нападнат во смисла дека со мојот критичен став и одмагам на Македонија во процесите за евроинтеграција и асоцијација. Значи замолкнување на јавноста, замолкнувањето на јавната дискусија генерално за важни општествени прашања во никој случај не може да биде од корист за Македонија, тоа е само залажување. За жал, нашето општество функционира многу блиску до еднопартиски систем, ние денеска повторно имаме идеолошка поделба - или си со власта или си против нив.“

Извештајот на Хелсиншкиот комитет содржи и реакција дека Јавното обвинителство повторно потфрлило во делот на спроведување истрага за случајот на Мартин Нешкоски и дека продолжуваат пропустите во „Пајажина“.

„Проблемот со полицијата го имаме и на други места во стратегијата, нема вистинска контрола врз полицијата, најмалку во делот на приватноста, никој нема контрола врз ДБК. За жал Хелсиншкиот комитет сериозно размислува по прашањето на приватноста и контролата врз ДБК, да поднесе иницијатива пред европскиот Суд за човекови права во Стразбур и на тоа практично почнавме да работиме.“

За да се избегне продолжувањето на ваквите трендови Хелсиншкиот комитет подготви и стратегија од неколку точки за да даде нов импулс во јавниот курс и враќање на демократијата во наредните две години.