СДСМ според принципите на кои денес е раководен и според промоцијата на политиките, не е сериозна алтернатива на Никола Груевски, вели Владо Бучковски.
Г-дине Бучковски која е целта на сите овие критики коишто ги упатувате во последно време. Начинот на функционирање на СДСМ или Бранко Црвенковски?
Дефинитивно јас како поранешен претседател на СДСМ чувствувам одговорност за она што го гледам и слушам како состојба во партијата и затоа мислам дека со оваа моја серија анализи се обидувам да помогнам на СДСМ да функционира поинаку. Не е целта Бранко Црвенковски да се најде на тапет за она што во овој момент се случува во СДСМ, јас и реков, тој е најодговорен да создаде ситуација каде што неговото заминување, што очигледно мора да се случи порано или подоцна, нема да претставува потоп и нема да биде создадена атмосфера дека единствено тој е оној кој може да го победи Груевски и ВМРО ДПМНЕ туку тој мора да создаде систем кој ќе биде сигурна гаранција дека на идните парламентарни избори СДСМ може да го победи ВМРО ДПМНЕ и тука не е само моја желба на овој начин да им се допаднам на оние кои во овој момент Црвенковски ги нарекува дека се „нарачатели“ на ваквата серија написи, туку напротив да го пробудам пред се него, но и раководството на партијата да погледне што се случува во другите модерни, европски партии од левицата.
Вашиот настап е коинциденција со овие поранешни високи функционери на СДСМ или навистина постојат такви движења во партијата?
Па морам да признаам дека јас со Спасов се немав видено се до неговото интервју во Публика кое беше пред две недели што всушност беше некоја инцијатива од која почна да се создава некоја атмосфера дека има некои координирани, поранешни функционери на партијата кои се обидуваат да направат пуч. Тоа е веќе видено сценарио во СДСМ, кога се обидува во момент пред се Црвенковски за да ја стабилизира состојбата во партијата, да измисли некој внатрешен непријател. Така што ниту имаше намера според она што ми го кажа Спасов, ниту беше мојата намера, ние надвор од статутарните определби да направиме некое движење кое би прераснало во насилно рушење на Црвенковски и раководството. Напротив нашата цел е на демократски начин да се отвори една расправа и да се артикулираат различните мислења.
Постои ли критична маса во СДСМ во моментов за да се случат овие промени или пак за да биде сменет од лидерската позиција Бранко Црвенковски?
Прво, јас не претендирам Црвенковски да биде сменет на недемократски начин, но ако е сигурен во поддршката на членството јас сметам дека негов најголем интерес би било тој да е промотор на идејата за непосредни демократски избори, уште повеќе што по дефиниција политичките партии се реформираат кога се во опозиција. Ние досега во последните десет години не сме имале ваков временски комодитет, идните локални избори се во 2013 година, значи ние имавме доволно време сега по конгресот кој набрзина го направивме, да се посветиме на внатрепартиските работи и пред се да промовираме еден принцип кој пред се јас сум убеден ќе ја врати мотивацијата во СДСМ, ќе наметне еден продуктивен ривалитет и ќе го врати победничкиот дух. Зошто во краен случај победниците на тие внатрепартиски избори, утре да не бидат наши кандидати за градоначалници, пратеници, а оној кој ја има најголемата поддршка да биде нашиот претседател. Јас се плашам дури и сум сигурен дека оваа идеја може да биде спас, дури и формула за Црвенковски како тој да го продолжи својот мандат, но од друга страна тие кои што во овој момент се негови најблиски соработници сметам дека и самите знаат дека никако не би поминале на непосредни избори и дека поддршката што ја имаат во членството е толку минимална што создава кај нив отпор кон било какви идеи од овој тип. Така што ако ме прашувате дали оваа идеа има поддршка во раководството ќе ви речам, не, но меѓу членството врз основа на контактите кои ги имам, јавувањата, случајните средби со нашите членови и симпатизери што не ги ни познавам лично, ми говори дека демократизацијата и барањето за избор на раководството и на нашите претставници на централно ниво и на локално ниво на овој начин е со голем процент прифатено од нашето членство.
Меѓутоа Црвенковски не изгледа воопшто дека се чувствува загрозено особено откако значително го зголеми бројот на гласачи на изминативе избори. Кои се вашите аргументи против него?
Значи како прво јас не спорам дека ние го зголемивме бројот на гласовите, но ако предизвикуваш некого на избори, не го предизвикуваш за да доживееш уникатен пораз. Ние сме уникатен пример. На почетокот веднаш во првите анализи кога споменав дека не паметам таков случај, се обидов и да истражувам и навистина нема таков случај во Европа некој да бара и да предизвика предвремени избори и да ги изгуби. Ние имавме златна шанса и ја пропуштивме заради според мене наши субјективни слабости, имаше објективни околности кои му даваа за право ан СДСМ да не ги признае резултатите, серијата на потези што ги правеше власта, прв пат да нема консензус за изборниот законик, да се потрошат или да се повлечат 220 милиони евра од ММФ за „корупција“ на гласачкото тело, да бидат живи фатени со списоците со принуда на кој начин да гласа администрацијата и сето тоа да се голтне и на крајот да се признаат резултатите, за мене е неразбирливо до ден денес. Затоа ја тврдам дека СДСМ или некој од СДСМ, како свесно да влезе во изборен процес каде што однапред беше помирен дека ќе се загуби.
Вам сопартијците ви одговорија дека сето ова е последица на тоа што вие не се најдовте на пратеничката листа. Навистина, зошто до сега не ги упативте овие критики за функционирањето на СДСМ?
Како прво јас и пред затворањето на списокот на нашите кандидати за пратеници согласно процедурата на највисокиот орган на партијата, на Централниот одбор, ги искажав истите овие забелешки кои ги кажувам и во јавноста. Не сакав да бидам посочен со прст дека го нарушувам единството во партијата и за ова не говорев јавно во предизборието и сите оние кои сега велат дека ова е моја реакција заради тоа што не бев на пратеничките листи, се погодени од моите јавни кажувања, посочувајќи ги нив дека немаат кредибилитет во јавноста и дека всушност не одговараат на прототипот на кандидат кој го промовираше Црвенковски, а тоа е секој кој може во својата средина да донесе барем еден глас повеќе. Кога ќе се види на крајот дека ние изгубивме тесно за 70 илјади гласови, значи нас ни требаше условно кажано да имаме 20-30 кандидати кои самите, со својот личен кредибилитет може околу себе да донесат уште две-три илјади неопределени граѓани. Значи нас не ни требаше систем кој ќе промовира по секоја цена опкружувањето на Црвенковски да се најде на добитните места, мислам дека тоа генерално остави за време на кампањата еден горчлив вкус дека всушност не се влегува со победнички дух туку однапред гледајќи кој како се намести на листите, како да се тргна дефанзивно.
И натаму останува нејасно, водите лична битка или битка за партијата?
Дефинитивно времето ќе покаже дека оваа демократизација за која јас говорам мора да се случи, порано или подоцна ќе биде реалност во СДСМ. Јас ова го правам затоа што сум свесен дека во овие околности начинот на кој владее Никола Груевски е штетен за Македонија, комоцијата која сега тој ја има е заради тоа што опозицијата не е на она ниво на кое треба да биде една опозиција во држава каде што е загрозена демократија, во држава каде што не владее правото, каде што е загрозена слободата на медиумите итн. Значи во такви околности СДСМ според принципите на кои денес е раководен и според промоцијата на политиките, не е сериозна алтернатива на Никола Груевски.
Смееме ли да се сомневаме дека барате начин да му се приближите на премиерот поради изречената пресуда за аферата „Тенкови“?
Значи, оние кои ме знаат, а ме знаат најмногу и од СДСМ, знаат дека сум карактер и човек кој никогаш не би се додворувал некому. Јас тврдам дека и денес во СДСМ многу други имаат повеќе мотиви да се додворуваат на власта отколку јас. Јас со власта имам чисти сметки и онака како што ја терав мојата битка за правда и правдина, јас ќе ја истерам до крај.
Гледате ли вие во моментов услови во СДСМ за да отпочне демократизација на партијата?
Па тоа може утре да отпочне ако сака Црвенковски, сега е таква структурата на раководството, на Централниот одбор, па и на делегатите ако сакате што тоа без негова волја тоа не може да се случи. Значи, варијантата ако тој тоа не сака да го направи ќе треба да се чека исходот од локалните избори кој се поклопува со завршувањето на неговиот мандат, значи верувам дека и самиот е свесен дека не треба да се изложи на ризик да замине од СДСМ по уште еден изборен пораз, значи тој мора да направи се СДСМ да биде во таква кондиција и да биде на тоа ниво на организираност што може да влезе како реална алтернатива сега на локално ниво затоа што покажа и последниот изборен циклус, оној кој ја има локалната власт има голема предност пред парламентарните избори. Во овој момент ние реално сме во позиција каде што многу битни, исклучително битни за иднината на партијата се идните локални избори.