Жестока расправа за пописот

Нема цена за објективен попис и нема да дозволиме фалсификуван попис како во 2003 година, одговараат од власта на обвинувањата на опозицијата за неуспешен попис.
Сите дебати за тоа колку пари биле потрошени за пописот се ирелевантни, зашто спроведувањето објективен попис нема цена, вели пратеникот Илија Димовски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ на почетокот на собраниската седница на која се расправа за Предлог-законот за престанување на важење на Законот за попис. Тој го обвини опозицискиот СДСМ дека во 2003 година спровел фалсификуван попис и нагласи дека оваа влада нема да дозволи тоа да се повтори. Пратениците од ДПА вчера ја напуштија седницата на која се расправа за пописот.

Собраниската расправа тече со меѓусебни обвинувања за фалсификат на овој и на претходниот попис. Опозицијата бара одговорност за неуспешниот попис и залудното трошење на милиони евра, државни пари, додека ставот на власта е дека нема да дозволи фалсификуван попис, „како тој во 2003 година“.


Пратениците од ДУИ, барем засега не се изјаснија што мислат за тврдењата на нивниот коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ дека претходниот попис бил фалисификуван, за бројот на Албанци вештачки да се зголеми за 120 илјади.
Нема цена за објективен попис. Ако вас ви беше лесно да ги признаете резултатите со дивото внесување на пописните листи во 2003 година, одговорно ви тврдам за ВМРО-ДПМНЕ нема цена за објективен попис.
Илија Димовски, ВМРО-ДПМНЕ.

Во иднина ќе се договараме и за повисоки стандарди од оние на Еуростат за да може конечно за прв пат да имаме попис со кој сите ќе бидат задоволни и сите ќе го признаат, вели Димовски.

„Сите дебати коишто одат во насока за тоа дали вредноста на пописот била 14, 10, 5 милиони евра стануваат ирелевантни. Тоа не е мала сума на средства, знаеме дека во Македoнија многу граѓани имаат потреба од дополнителна помош, меѓутоа почитувани колеги од СДСМ, нема цена за објективен попис. Aко вас ви беше лесно да ги признаете резултатите со дивото внесување на пописните листи во 2003 година одговорно ви тврдам за ВМРО-ДПМНЕ нема цена за објективен попис.“

На ова реагира пратеникот Благоја Стојановски од СДСМ.

„Лесно ви е да кажувате 14 милиони евра не се ништо, или за ВМРО ДПМНЕ и 140 милиони не се ништо. Па не ги давате од џеб тие пари, да ги давате нема да биде така/“

Со сличен став и пратеничката Билјана Казанџиска од оваа партија.
Овие 14 милиона евра, се 14 километри автопат.
Билјана Казанџискам СДСМ.

„Овие 14 милиона евра, се 14 километри автопат.“

„5,6, 10 милиони евра се потрошени, ќе видиме на крај, меѓутоа ефектот е дека се заштитени националните и државните интереси на Македонија“, реплицира Димовски.

Пратеникот Јани Макрадули од СДСМ прашува кој се обидел да го фалсификува овој попис.

„И тоа треба да го одговориме денес. Груевски, Ахмети или и Груевски и Ахмети заедно?“

Пратеникот Емилијан Станковиќ, пак, прашува, зошто нема кривична пријава за тие што наводно го фалсификувале претходниот попис, како што тврди ВМРО-ДПМНЕ.

„Што правите шест години, зошто нема кривична пријава за тој што го направил фалсификатот во 2002-2003 година? До сега ќе ги идентификувавте со име и презиме кои 120 илјади Албанци се фалсификувани.“

Пратениците од СДСМ велат дека само со спроведен попис, ВМРО-ДПМНЕ ќе можеле да докажат дека претходниот попис е фалсификуван, но оти не го направиле тоа. Зошто никој не одговара за овој неуспешен попис, прашува Благоја Стојановски.

„Сакате да го поништите пописот, да ги укинете правните дејства, да го уништите пописниот материјал за да доказите за фалсификат потоа не излезат на виделина, сакате да ги заштите вашите членови и активисти? Така ли го штитите законот?“
Сакате да го поништите пописот, да ги укинете правните дејства, да го уништите пописниот материјал за да доказите за фалсификат потоа не излезат на виделина.
Благоја Стојановски, СДСМ.

Димовски вели дека нема фалсификат, туку оти пописот се прекинува поради различното толкување на методологијата и со тоа се спречува фалсификат.

„Ако треба да спроведеме попис како оној во 2003 година државата мислам дека ќе има капацитет, меѓутоа целта во овој случај е да спроведеме попис кој што многу пообјективно ќе ги даде резултатите и попис кој нема да остави сомнеж како тој од 2003 година.“

Пописот почна на 1 октомври, а беше прекинат откако членовите на Државната пописна комисија поднесоа оставки поради недоследна примена на Законот за попис. Пописот требаше да се одржи од 1 до 15 април годинава, но беше одложен поради изборите и презакажан за терминот од 1 до 15 октомври.