Аџиев и натаму прв лустратор

Томе Аџиев, повторно на чело на Комисијата за лустрација

Томе Аџиев останува на чело на Комисијата за лустрација, по неуспешниот обид да се избере негов наследник. Според експертите, со ова се доведува во прашање легитимитетот на Комисијата.
Томе Аџиев останува претседател на Комисијата за верификација на факти. Собранието, на продолжението на десетата седница, не го усвои предлогот за избор на Агим Мехмети за нов претседател, на кој Аџиев требаше да му биде заменик. Предлог-одлуката не го доби потребното дво-третинско мнозинство. „За“ гласаа 61 пратеник, 25 беа против, а еден пратеник беше воздржан. Според законот, Собранието на секои шест месеци го бира претседателот на Комисијата по принцип на ротација од членовите на Комисијата. Аџиев веќе една година е на чело на Лустрациска, затоа што Собранието не може да избере негов заменик.
Бидејќи е колективен орган сите акти на комисијата треба да ги потпишуваат сите членови на комисијата за да имаат легитимност одлуките, инаку од 24 февруари наваму нелегитимни се одлуките.
Борче Давитковски, универзитетски професор.

Професор Борче Давитковски вели дека сега се доведува во прашање легитимитетот на Комисијата.

„Согласно законот не може по автоматизам на постоечкиот претседател, бидејќи мандатот е лимитиран на шест месеци, не може по автоматизам ако не се избере друг повторно да е тој. Според мене, сега бидејќи е колективен орган, сите акти на комисијата треба да ги потпишуваат сите членови на комисијата за да имаат легитимност одлуките инаку од 24 февруари наваму нелегитимни се одлуките.“
Собранието не го усвои предлогот за избор на Агим Мехмети за нов претседател на Комисијата за лустрација

Аџиев беше предлог на власта, а следниот претседател треба да биде предлог на опозицијата.

СДСМ предложи Благоја Гешоски да го наследи местото на Аџиев, додека ДПА предложи тоа да биде Агим Мехмети.

Предлогот за избор на нов претседател на Комисијата за лустрација се најде на собраниска седница по барање на Емилијан Станковиќ од СДСМ. Тој побарал да се расправа за истечениот мандат на претседателот, бидејќи, како што вели, лустрацијата се поистоветува со лов на вештерки.
Јасно е дека фамилијата прави се и понатаму ќе прави се, за да не бидат лустрирани одредени поранешни и сегашни функционери на овој режим. Не е никаква друга причина зошто Томе Аџиев треба да остане претседател на комисија за лустрација
Емилијан Станковиќ, СДСМ.
Станковиќ од собраниската говорница изјави дека власта прави провидно сцерарио, бидејќи знае дека Мехмети нема да обезбеди дво-третинско мнозинство и потоа Томе Аџиев ќе продолжи да ја води Комисијата и да ги спроведува партиските налози на ВМРО-ДПМНЕ.

„Јасно е дека фамилијата прави се и понатаму ќе прави се, за да не бидат лустрирани одредени поранешни и сегашни функционери на овој режим. Не е никаква друга причина зошто Томе Аџиев треба да остане претседател на комисија за лустрација.“

Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ, како претседател на Комисија за прашања на изборите и именувањата, виновникот што досега не бил сменет Аџиев го лоцира кај опозицијата.

„За да се изгласа предлогот од комисијата за прашања и именувања на седница на Собрание беше потребно дво-третинско мнозинство што поради отсуството на двете најголеми опозициони парламентарни партии неможеше да се обезбеди.“

Иако Димовски вети дека Аџиев наскоро ќе биде сменет, тоа не се случи на продолжението на десетата собраниска седница.

Освен експертите, мандатот на Аџиев го оспоруваа и луѓето дирекно засегнати од одлуките на Комисијата за лустрација. Но, Аџиев на сето тоа вели дека тој ќе биде претседател се додека Собранието не одлучи поинаку, односно се до избор на нов Претседател.