Ваши коментари

Очекувано, во рубриката Хајд парк бројни коментари од нашите слушатели за успесите на кошаркарскиот тим и обединувањето кое успеаа да му го донесат на народот.
Завршија натпреварите во евробаскетот, па и ние во кошаркарски стил да ја завршиме неделата: успесите на нашиот тим во Литванија го разбуди искрениот патриотизам, нашиот народ очигледно сака единство, и во моменти на успеси, особено на спортски план, заборава на делбите.

Барем според видео-анкетата за нашето ново прашање во Хајд паркот - дали кошаркарите ќе го обединат тоа што го поделија политичарите? Мирко од Скопје одговара потврдно во својот коментар: Секако дека можат и тие веќе го направија тоа. Во Македонија сите, без разлика на партија, власт, опозиција, Македонци, Албанци или други се обединуваат за успеси, а не за лажни вредности, истории и споменици.

Хајд Парк: Дали кошаркарите ќе го обединат тоа што го поделија политичарите? Погледнете ја анкетата и коментирајте овде.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Хајд парк-кошарка и политичари



На таа линија е и некој наш Реален и Разумен слушател, кој вака ја потпишал својата порака. Со таа разлика што тој забележува дека Владата прави обиди да ги припише успесите на нашите спортисти врз себе, што не води кон обединување. Нашите модерни херои - кошаркарите го дадоа својот максимум и за тоа ќе сме им вечно благодарни, ама политичарите и понатаму ќе ги гледаат интересите само на мала група луѓе и, трошки за партиските војници, пишува Реалниот и Разумниот.
Кога на факултет на предавање ќе ви дојдат сите единичари и двојкаши што се запишале на факултет, не може да се одржи квалитетно предавање.
Коментар на текстот „Квантитет наместо квалитет“.

Многу поголема заинтересираност, почитувани, сте покажале за интервјуто со лидерот на опозициската СДСМ, Бранко Црвенковски. Од забелешки дека ние, како Радио Слободна Европа и како мошне почитувани не сме требале да отстапуваме простор на вакви манипулатори, како што ни пишува Никола од Скопје, па до пораки дека Струмица е сина, од Горде Вукан, и пораката од Драган од Скопје: „Бране е цар и ние сме со тебе!“. Повеќето се негативни пораки до Црвенковски, дека времето го прегазило и дека треба да ја напушти претседателската функција во партијата.

Оние што ни забележуваат за интервјуто со него, изгледа забораваат дека токму со давањето простор и на претставници на власта и на оние од опозицијата ова Радио ја стекна довербата кај, вас, почитувани. И дека ги објавуваме и ги препрочитуваме заедно со вас сите, ама баш сите пораки, колку што ни овозможуваат времето и просторот, се разбира.

Нашиот текст „Квантитет наместо квалитет“, во врска со образованието во земјава исто така ве предизвикал на коментари, а речиси сите се за сметка на неквалитетот, особено на професорите. Меѓутоа, една Професорка од Скопје пишува: Кога на факултет на предавање ќе ви дојдат сите единичари и двојкаши што се запишале на факултет, не може да се одржи квалитетно предавање. Професорката се залага за итно враќање на приемните испити.