Интервју - Бранко Црвенковски

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Бранко Црвенковски, лидер на СДСМ

Ако власта оневозможува демократија во институциите, ќе добие демократија на улиците и ние сме подготвени и за таа фаза на политичко дејствување, вели Црвенковски во интервју за РСЕ.
Г-дине Црвенковски баравте предвремени избори и ги загубивте. Што ве прави оптимист повторно да очекувате дека на оваа власт повторно предвреме ќе и биде одземен мандатот?

Моите очекувања дека на Македонија и следат уште едни предвремени избори не се должат на некаков оптимизам туку обратно, на песимизам. Песимизам гледајќи во кој правец се движи државата. Ако се направи една мала анализа или согледување на најкрупните настани коишто се случија во земјата од 5-ти јуни до денеска, значи после изборите, како резултат на политиката на власта можеме да заклучиме дека старо-новата влада на чело со Груевски не направи никакви корекции или измени во својот пристап, ги продолжува истите политики, тоа значи дека ќе продолжат истите трендови, состојбите ќе се влошуваат, политичките тензии ќе растат, политичката криза неминовно не очекува и се разбира начин за таа да се избегне се предвремените парламентарни избори. Македонија е држава која што од ден во ден е се помалку слободна, се помалку демократска. Македонија е држава која од ден во ден е се помалку правна држава. Ако гледаме на социјално-економски план ќе видиме дека политиката на Никола Груевски е всушност една популистичка политика која што според старата римска изрека, на граѓаните и на народот им нуди леб и игри со тоа што во случајот со нашата земја се помалку има леб, а се повеќе има игри. Ако погледнеме од аспект на нашите стратешки интереси и цели, а тоа се евроатлантските интеграции не се забележува никаков исчекор напред, обратно општ впечаток е дека Македонија е се подалеку од членството во НАТО и отпочнувањето на преговорите со ЕУ.
Политиката на Груевски е политика на леб и игри, само што ќе има се помалку леб, а се повеќе игри.

Меѓутоа јавноста ви забележува за пасивност во критикувањето на грешките на власта, евентуален криминал, трошење на буџетски средства, корупција... Дали СДСМ како најголема опозициска партија има обмислено начин на дејствување и каков е биде по изборите?

Па се разбира дека СДСМ има свој план, стратегија и функционираме според таа стратегија. Ова е период во кој што се обидуваме до крајни можности да ги искористиме институционалните механизми за водење на политичка битка. Значи оние механизми и оние средства коишто се сосема вообичаени за нормална демократка држава, на пример, борбата во Парламентот. Мене ми се сосема јасно и јас ги согледувам тие критики кои доаѓаат од дел од јавноста, од граѓаните, од независните интелектуалци кои што сметаат дека Македонија не е нормална демократска држава и дека овие, како да ги наречам, конвенционални начини на водење на политичка битка едноставно не функционираат и не даваат резултати. Јас се согласувам со нив. Клучното прашање е како да дојдеме до моментот, не дел од јавноста и граѓаните, туку поголемиот, мнозинскиот дел од јавноста или од граѓаните да дојдат до сознанието дека оваа власт не дозволува институционална демократија. Има едно непишано правило, ако власта оневозможува демократија во институциите, ќе ја добие демократија на улиците и ние сме подготвени и за таа фаза на политичко дејствување.

Рековте очекувате политичка криза во Владата. Колку е значаен фактор ДУИ која во рака го има адутот околу прашањето за името кое бара да се реши и во секое време може да го постави?

Што точно ќе прави ДУИ и дали воопшто нешто ќе прави, јас не знам ниту пак нашите планови ги засноваме на некакви очекувања повлечени од потези од страна на ДУИ. Тие се коалициони партнери за своите постапки и за своето учество во владата ја делат одговорноста, мислам дека приказната дека тоа се две различни опции коишто под присила се наоѓаат во заедничка коалиција веќе никој не ја прифаќа и ДУИ на чело со Али Ахмети треба да бидат свесни дека за сите политики на оваа влада, сега и во иднина, како и во изминатиот период од кога се во коалиција, ја делат одговорноста. Како што Груевски ја дели одговорноста, дури и му припаѓа поголемиот дел како премиер и водечка партија за амнестијата на Хашките случаи на пример, така и Али Ахмети и ДУИ ја делат одговорноста за блокираните евроатлантски интеграции на Македонија. Таа одговорност и припаѓа подеднакво и со таа одговорност ќе мора да се соочат.

Дали ќе учествувате конструктивно како опозиција во обединувањето околу ставот за прашањето за името како што побара приемиерот на прославата на Денот на независноста и колку е тоа реално можно и како би се направило?

Основното прашање е следно: Не дали единство, туку единство за што, околу што, за каква политика, за остварување на кои цели? Ако Груевски очекува да бидеме единствени, да му дадеме поддршка за политика во која што ќе има политички мотивирани и монтирани процеси против неистомисленици како што беше апсењето на Љубе Бошковски, или ако мисли дека треба да се постигне единство околу постапки како што беше рушењето на Космос на Фијат Цановски, едно брутално, примитивно, осветничко однесување, ако очекува да добие единство за политика која што на пример го злоупотреби процесот на лустрација повторно за пресметка со критичари на власта, како што беше случајот со Владимир Милчин или за затварање на медиуми какви што имавме ситуации во изминатиот период, околу таква политика единство не можеме да постигнеме, ние со таква политика не само што не се согласуваме, туку против таква политика жестоко ќе се бориме. Што се однесува до прашањето за името, спорот со Грција, ние нашата рака на конструктивност и на тој начин и создавање на единство во земјата, ја подадовме многу одамна, тогаш кога соопштивме дека ставот на СДСМ е дека ќе подржи било какво решение коешто е прифатливо за Груевски и власта кое што нема да задира во националниот идентитет на македонскиот народ, во засебноста на македонскиот јазик, на македонската култура, ние всушност се определивме да градиме единство во оваа земја. Со прифаќањето и за референдумско изјаснување всушност му дадовме поддршка на Никола Груевски да ги има зад себе клучните политички фактори во земјата околу истите црвени линии и тој сега, негова одговорност е, имајќи ја таквата поддршка, да ја внесе земјата во НАТО и да ги отпочне преговорите со ЕУ.

Г-дине Црвенковски, какви се внатрепартиските случувања, меѓу членството по изборите, каков е вашиот авторитет? Гледаме дека Бучковски јавно искажува поинакви ставови од вашите.

Состојбата во СДСМ е одлична, значи факт е дека ние ги изгубивме изборите, тоа би било за очекување да предизвика некакво разочарување, апатија меѓу членството, но тоа не се случи. Мислам дека е невкусно јас да зборувам за мојот авторитет во партијата, тоа ќе треба да прашате било кој друг, било кој од 65-те илјади членови на оваа партија, а што се однесува до јавно искажаните ставови на Владо Бучковски тоа се негови лични ставови, тој е член на партијата, не е член на ниту еден орган од партијата и не говори во името на СДСМ. Она што го прави различен од останатите членови на СДСМ е неговата проодност во медиумите, очигледно дека владечката партија оценила дека има некаква корист да му се овозможи што почесто присуство во пишаните и електронските медиуми со таквите ставови и претпоставувам дека тоа ќе трае до оној момент додека не донесат нова проценка, а тоа е дека повеќе за нив тој е неупотреблив и не им врши работа и едноставно дека тогаш претпоставувам ќе биде многу тешко да го прочитаме или да го видиме Бучковски со некоја своја изјава.

Како гледате на медиумскиот простор и што планирате да направите?

Не е само на СДСМ ексклузивитетот да се бори за слободата на медиумите, тоа е општествен проблем, проблем на два милиони луѓе, тоа што немаме слободни медиуми, тоа што не можат до луѓето да допрат вистинските информации или спротивставени информации со различни аргументи. Нашиот дел од битката ние ќе го водиме, се разбира ние не сме власт и не можеме да формираме медиуми, меѓутоа наша задача е да ја разобличиме оваа недемократска политика на актуелната власт, ние тоа го правиме и се разбира заради таквата политика да обезбедиме поддршка од граѓаните за следните избори со кои што таа политика ќе биде позитивно и радикално сменета во позитивен правец.