Нов амбасадор, иста политика

Новоименуваниот амбасадор на САД во Македонија Пол Волерс му ги предава акредитивните писма на министерот за надворешни работи Никола Поповски

Продолжување на добрите односи и американската поддршка на евроатлантските интеграции и со доаѓањето на новиот амбасадор на САД, Пол Волерс.
Односите меѓу Македонија и САД се традиционално пријателски и тие ќе продолжат и со доаѓањето на новиот американски амбасадор во земјава Пол Волерс, велат експертите.
САД ќе очекуваат за разлика од претходните амбасадори кои доаѓаа тука дека македонската политичка елита повеќе самостојно со автономни сили ќе ги решава тие проблеми, а помалку да чека помош од нив
Стево Пендаровски, универзитетски професор.

Волерс вчера оствари средба со министерот за надворешни работи Никола Попоски. Според соопштението на министерството, амбасадорот ја повторил цврстата американска поддршка за евроатланските интеграции на Македонија и искажал подготвеност за личен ангажман кон унапредување на билатералната соработка, во сите области од заемен интерес. Денеска Волерс ќе му ги предаде акредитивните писма на претседателот Ѓорѓе Иванов.
Пол Волерс.
x
Пол Волерс.

Професор Стево Пендаровски вели дека САД имаат контиунирано добар однос кон Македонија, што беше јасно најавено и во сведочењето на новиот амбасадор пред американскиот Конгрес. Според него, клучните точки кои и натаму се важни за САД се во Македонија да се развива демократијата и интеграцијата во НАТО и ЕУ.

„Притоа на тој пат јасно е кои се предизвиците и проблемите. САД ќе очекуваат, за разлика од претходните амбасадори кои доаѓаа тука, дека македонската политичка елита повеќе самостојно со автономни сили ќе ги решава тие проблеми, а помалку ќе чека помош од нив или другите влијателни членки на меѓународната заедница.“
Нема големи осцилации во односите Македонија-САД, тие се перманентно на наша страна, сакаат да ни помогнат и мислам дека тој тренд ќе продолжи.
Мерсел Биљали, универзитетски професор.

Професор Мерсел Биљали вели дека Волерс е одличен познавач на состојбите во Македонија и е докажан пријател на државата и може многу да придонесе, особено за важните прашања, чие решавање ќе ни биде од интерес.

„Јас мислам дека нема големи осцилации во односите Македонија-САД, тие се перманентно на наша страна, сакаат да ни помогнат и мислам дека тој тренд ќе продолжи по нагорна линија, но мора да бидеме реални дека тие работи кои ние самите треба да ги завршиме ни по која цена не треба да очекуваме дека другите ќе ни ги завршат.“

Пред Волерс, функцијата американски амбасадор во Македонија ја извршуваше Филип Рикер. САД формално ја признаа Македонија на 8 февруари 1994, а на денешен ден пред 16 години двете земји воспоставија дипломатски односи.