Ќе следува зголемен број на инспекциски надзори во сите субјекти кои работно ангажираат лица, а истите не ги пријавуваат, вели министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Г-дине Ристовски, кои се вашите приоритети во наредните четири години?
Прво и основно борбата против сивата економија и непријавените рабонтици ќе биде еден од основните приоритети на Министерството за труд и социјална работа во наредниот период, со зголемен број на инспекциски надзори во сите субјекти кои работно ангажираат лица, а истите не ги пријавуваат. Во тој дел најавивме и на средбата која што ја имавме со синдикатите дека ќе имаме бескомпромисна битка, затоа што не станува збор само за елементарни работнички права туку и за елементарни човекови права. Со оглед на обврските кои ги имаме по однос на безбедноста и здравјето при работа на граѓаните, а од друга страна по однос на здравјето и безбедноста на работниците се две идентични прашања кои што ќе ги регулираме и многу повеќе ќе ги заштитуваме во следниот период, не само од аспект на безбедноста и здравјето туку и од аспект на остварување на правото на придонеси, пензиско, здравствено и слично. Така што тоа ќе биде првиот приоритет во следниот период со кој ќе се занимаваме многу поинтензивно, а кој што е поврзан директно со правата на работниците.
Кои се вашите проценки, колкав е бројот на вработени на црно?
Навистина не би сакал да шпекулирам во оваа фаза, веќе имаме издадено наредба да се направат анализи од страна на Агенцијата за вработување. Со оглед на бројот на пријавени невработени лица во Агенцијата за вработување и она што значи работно ангажирани лица во целокупниот систем, главно во приватениот сектор, градежни фирми и други приватни субјекти, мислам дека ќе излезе една сериозна бројка, но не би сакал сега во оваа фаза да шпекулирам, затоа што секојдневно се добиваат различни информации, добиваме пријави од работниците каде што се кажуваат сериозни бројки на непријавени работници, но додека тоа инспекцијата не го констатира сето тоа не би шпекулирал со бројки.
Невработените со месечни приходи поголеми од 11 илјади денари го губат правото на бесплатна здравствена заштита. Се добива впечаток дека притискајќи ги вработените на црно, сакате преку нив да извршите притисок врз работодавачите да ги пријават. Очекувате ли таков ефект од оваа мерка?
Ние мораме да најдеме начин како да ги притискаме работодавачите. Остварувањето на правата на работниците не може да се остави само на добра волја на работодавачите, ние мора да придонесеме да на некој начин се развие свеста кај работодавачот дека тоа треба да го направи. Сите мерки кои ние ги спроведуваме како влада поврзано со Министерството за труд, здравство, образование, Агенцијата за вработување, УЈП, се сплет на едни конзистентни мерки кои што меѓу себе се поврзани и чиј што краен ефект треба да биде подобрување на статусот на работниците. Конкретната мерка која што вие ја споменавте и други мерки кои ние ги спроведуваме, а кои што од друга страна, пак, се однесуваат на подобрување статусот на работодавачите овозможуваат на пример, намалувањето на процентот за придонесите е во интерес на работодавачите, е сега кога државата понудила еден сет на мерки со кои што се подобрува статусот на работодавачите, логично е да се очекува соодветен фидбек од страна на работодавачите за подобрување на статусот на работниците. Така што тоа е еден сплет на поврзани мерки и ние не можеме и нема да отстапиме од таквиот притисок врз работодавачите.
Но, страдаат работниците!?
Не страдаат работниците, затоа што во конкретниот случај, односно кога говориме за остварување на правата на бесплатна здравствена заштита ние говориме за лица кои остваруваат приходи над минимумот, односно над 50% од просечната плата во државата. Така што од тој аспект не сметам дека станува збор само за притисок врз работниците туку станува збор за поврзани мерки кои што на крајот на краиштата треба да преставуваат бенефит за сите кои остваруваат извесни приходи, односно работниците кои не остваруваат никакви приходи, се непријавени, заради однесувањето, односно непринципиелноста на дел од работодавачите.
Но, што со хонорарците? Дури и државните институции се злоупотребува статусот на хонорарците, односно човек кој де факто е вработен во фирмата, а се води како хонорарец за него се плаќа само персонален данок, не му се плаќаат придонеси, не му се плаќа здравствено. Како да се избегне тоа заобиколување на законот?
Значи, соодветно законот за волонтерство ние имаме соодветни законски одредби коишто налагаат период во кој што едно лице во таа форма може да биде ангажирано. Јас повторно ќе кажам, сега ќе следат сет на мерки со кои ќе извршиме соодветни измени на законите, веќе се дискутираше и се размислува за ангажирањето на сезонски работници, во дадени периоди од годината, во летниот период на пример имаме поголема ангажираност на сезонски работници во ресторани и слично, меѓутоа тоа се две различни работи. За хонорарците и волонтерите си има посебен закон, тоа е исто на еден начин злоупотреба на законот и јас верувам дека во следниот период благовремено ќе бидете известени за сите мерки кои што ќе ги преземеме, а кои што ќе бидат во насока на намалување на секој тип на злоупотреба на работничките права, а ова е една од тие форми со кои се злоупотребуваат правата на работниците.
Пред изборите најавивте утврдување на минимална плата, имавте средби со Синдикатите. До каде е таа работа?
Минималната плата е активност, со тоа што имавме состанок со синдикатите заедно со премиерот, го потпишавме тој договор дека ќе се реализира тоа право на работниците. Соодветно на тоа беше реализирана и средбата со синдикатите на која се продискутира и се договориме да се формираат работни групи. Во наредниот период таква средба ќе се направи и со организациите на работодавачите, заеднички да се направат тимови кои во следниот период ќе направат сериозна анализа врз основа на која ќе се направи анализа колкав треба да биде износот на минималната плата. Соодветно на тоа јас и тогаш и сега повторно ќе кажам, не сме во состојба да шпекулираме со бројки, бидејќи е несериозно да се изнесува износ на средства во јавноста, а за тоа се уште немаме анализа. Тој износ на минимална плата која ќе биде утврден, треба да биде прифатлив за работниците, односно одржлив за работниците, а од друга страна одржлив и прифатлив за работодавачите, за да не се доведеме во ситуација да ние поставиме некоја висина на износот која што нема да можат да ја издржат работодавачите, па да ни се случи отпуштање на работниците. Во еден таков систем ќе мора да се направи заеднички анализа, со тоа што веќе кажав дека синдикатите работат на своја анализа, но меѓусебно ќе мора заедно со работадавачите да се направи една мешовита група по што за многу брзо време ќе излеземе и како влада во целиот тој процес на социјален дијалог, ќе излеземе со еден заеднички предлог кој што ќе биде прифатлив за сите.
Се работи за утврдување на минимална плата во Македонија или
за утврдување на минимална плата по сектори? Затоа што тоа беше едно од барањата на работодавачите.
Тоа е едно од прашањата што ќе треба да го дорасчистиме затоа што синдикатите имаат едно генерално барање, додека работодавачите бараат тоа да биде регулирано по сектори. Повторно ќе кажам дека тоа ќе биде дел од анализата, во оваа фаза неможам да кажам дека ќе биде толку и толку износот на таа минимална плата се додека не ги слушнеме двете страни, додека не постигнеме некаков заеднички договор.
Зошто се откажавте од проектот СОС маркети, имате ли нешто како супститут на тој проект?
Прво би сакал да кажам дека проектот СОС маркети не беше проект на Владата, во тој проект Владата беше само партнер, основни носители на тој проект беа неколку приватни компании кои побараа поддршка од владата. Значи носители на тој проект во таа фаза беа Тинекс и СП маркетите. Тие побараа од нас како влада да овозможиме извесна гаранција дека во тие маркети ќе пазарат лицата приматели на социјална помош. Ние тогаш изработивме посебни идентификациони картички за купување во тие маркети и врз основа на нивниот економски интерес, тие маркети функционираа, по определен период веројатно компаниите проценија дека немаат економски интерес тоа да продлжи да функционира и прекина тој проект. Ние во конкретниот случај не можеме и не сме размислувале за супститут во таа форма, меѓутоа има повеќе активности кои што ние во следниот период ќе ги спроведеме, а се поврзани со корисниците на социјална помош. Еден од таквите проекти беше проектот за енергетска сиромаштија каде што ние на корисниците на социјална помош им овозможивме дополнителни средства за исплата на утврдените енергенси во таа програма. Така што има повеќе проекти кои што ќе треба да се спроведуваат, како што е проектот за парични трансфери кои во повеќе сегменти се дополнителни приходи за корисниците на социјална помош, кои што индиректно ја заменуваат онаа форма на СОС маркетите заради тоа што им помага при трошоци за школување на децата, им се помага при плаќање на електрична енергија и други енергенси утврдени во програмата, а СОС маркетите повторно ќе кажам не беа проект на владата, туку владата беше партнер во тој проект.