Обама стравува од грчки дифолт

Со државничка вечера и 19 почесни плотуни, американскиот претседател Барак Обама ја пречека германската канцеларка Ангела Меркел во Белата куќа. Главни теми на нивните разговори се европската должничка криза и Либија. Но, главен белег на посетата е претседателскиот Медал на слободата за Меркел, што е највисокото американско цивилно одликување.
Германската канцеларка Ангела Меркел шест пати била во Соединетите Држави, откако претседателот Барак Обама је презеде функцијата во јануари 2009 година. Но, оваа посета за прв пат беше со државничка вечера, оркестар за пречек и почесни плотуни.

Иако за нивните односи се оценува дека се срдечни, но не и топли, Меркел е првиот европски лидер која доби вакво официјално добредојде од Обама. Досега на таков начин беа пречекани уште лидерите на Индија, Мексико и Кина.


„Трансатлантскиот сојуз е камен темелник на нашите напори за промовирање мир и просперитет во светот. Германија, во срцето на Европа, е еден од нашите најсилни сојузници и канцеларот Меркел е еден од моите најблиски глобални партнери“, изјави Обама.

Меѓу предизвиците со кои двете земји се соочија во изминативе месеци е како да се справат со либискиот лидер Моамер Гадафи и да им помогнат на бунтовниците кои се борат против неговиот режим.
Обама вети американска соработка во помошта на Атина за да се избегне натамошно продлабочување на кризата, бидејќи, како што изјави, тоа би можело да биде катастрофално за светската
економија.

Германија во март се воздржа да гласа во Советот за безбедност на Обединетите нации за одобрување на воена акција против силите на Гадафи. Таа беше единствената членка на НАТО и на Европската унија која не ја поддржа акцијата.

Но, на заедничката прес-конференција Обама изјави дека постигнале согласност со Меркел оти Гадафи мора да замине од власт. Тој и се заблагадори на Германија што презела некои одговорности во Авганистан со цел да се ослободат средства за операциите во Либија.

„Нашиот ангажман во Авганистан покажува колку сме обединети. Ние заедно отидовме и еден ден заедно ќе заминеме од таму, одговорно и без да заборавиме дека на Авганистан уште долго време ќе му треба нашата помош“, рече Меркел.


Една од темите на разговорите во Вашингтон беше и европската должничка криза, или подобро кажано финансиската ситуација во Грција.

Обама изјави дека за тоа опширно разговарал со Меркел и ветил американска соработка во помошта на Атина за да се избегне натамошно продлабочување на кризата, бидејќи, како што изјави, тоа би можело да биде катастрофално за светската економија.

Еврозоната најавува дополнителни 80 милијарди евра за Грција. Но, Меркел е под политички притисок дома да не дозволи Германија да стане финансиски спасител на послабите европски земји. Како и да е, Меркел во Вашингтон најави дека Берлин ќе стори се што е неопходно за да го спаси еврото.