Страв од помалите партии

Предизборен митинг на ВМРО-ДПМНЕ

Недемократски начин на водење на изборна кампања и страв од губење на моќта. Вака експертите ги коментираат повиците на ВМРО-ДПМНЕ да не се гласа за помалите партии.

Страв од губење на моќта! Вака помалите политички партии ги коментираат повиците на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски да не се гласа за помалите партии, оти тоа значело индиректен глас за Бранко Црвенковски. Либерално-демократската партија коментира дека тоа е недемократски начин на водење изборна кампања и не значи ништо друго освен страв од губење на поддршката.
Ако Никола Груевски се кажува за демократ, тогаш тој напротив ќе сака да има што е можно повеќе мали партии во Парламентот.

„Ако Никола Груевски се кажува за демократ, тогаш тој напротив ќе сака да има што е можно повеќе мали партии во Парламентот“, изјави Роза Топузова-Кареска од ЛДП.

Но, власта не признава дека помалите партии можат да променат нешто во расположението на гласачкото тело на ВМРО-ДПМНЕ. Нашите симпатизери се дисциплинирани и граѓаните се доволно свесни и способни да ја направат вистинската проценка, вели Гордана Јанкулоска од ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ, глас за некоја од помалите партии е индиректен глас за Бранко Црвенковски

„Евидентно е дека СДСМ не може да земе од гласовите кои се традиционално гласачко тело на ВМРО-ДПМНЕ, па заради тоа се јави потребата да се формира Обединети за Македонија, да се промовира ВМРО Народна, Демократска деснцица, Достоинство, и ред други партии кои доаѓаат токму од Бихаќка.“

Она што отворено се забележува во кампањата на владејачката партија е негативниот пристап кон лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски. Полесно е да се води негативна кампања кон Бранко, отколку кон актуелниот кандидат за премиер на опозицијата Радмила Шеќеринска, објаснува политичкиот аналитичар Жидас Даскаловски.
Аргументацијата им е јасна дека тие гласови би биле гласови фрлени во вода, се обидуваат на секој начин да ги вратат
во своето јато.

„Сепак Радмила Шеќеринска многу малку има влијание во политиката, додека Бранко Црвенковски долго време бил во власта, на раководни функции, и некои од неговите резултати се проблематични.“

Според Даскаловски, Груевски стравува од коалиција на СДСМ со помалите партии, па токму затоа тој ги повикува граѓаните да не гласаат за нив.

„Аргументацијата им е јасна дека тие гласови би биле гласови фрлени во вода, се обидуваат на секој начин да ги вратат во своето јато.“

Политичката некултура е присутна и на овие избори. Елиминирање на противникот, а не убедување на гласачите е карактеристика и на оваа изборна кампања, заклучува политикологот Љуљзим Хазири.

„Мислам дека и владејачката партија, поради неодржливата и нереалната програма што ја нуди се занимава повеќе со другиот, а не со себе.“