Тунис пред граѓанска војна?

Тунискиот премиер Мухамед Ганучи за денеска вети нова влада на национално единство. Според него, тоа ќе биде нова страница во историјата на Тунис, откако претседателот Бен Али пребега од земјата по 23 години владеење. Во меѓувреме, во близина на претседателската палата дошло до престрелки.
Војската и полицијата во Тунис се обидуваат да воспостават ред и мир по бегството од земјата на претседателот Зине Ал Абедин Бен Али.

Агенциите јавуваат дека припадници на претседателската гарда, лојани на соборениот претседател давале отпор во Картагина на брегот на Медитеранот, околу 15 километри северно од главниот град Тунис, каде што, пак, биле забележани спорадични престрелки.


Туниските власти кои се обидуваат да ги запрат пресметките вчера го уапсиле шефот на обезбедувањето на Бен Али. Според властите, нив ги организирал соборениот претседател.

Како што се прецизира, тој пред бегството им рекол на своите приврзаници да направат анархија во земјата и оти тој ги диригирал операциите. Се додава дека Бен Али на неговите соработници им дал многу пари и оружје за да предизвикаат граѓанска војна откако ќе го напушти Тунис.
Треба да ги заштитиме нашите домови. Денес го видов Тунис како никогаш досега. Во минатото, сите се плашевме еден од друг, сите се лажевме меѓусебно, но сега сите работиме заедно. Ја соборивме корупцијата и ќе продолжиме да и се спротивставуваме.


Агенциите цитираат и многумина очевидци кои велат дека грабежите и нападите во главниот град биле дело на членови на безбедносниот апарат на Бен Али. Граѓаните веќе организирале свои стражи за да ги заштитат домовите и имотот.

„Како жители на оваа населба сите работиме заедно, во единство, што го отвора патот за следната фаза, каде што луѓето ќе почнат да се смируваат и ќе се справиме со бандите.“

„Треба да ги заштитиме нашите домови. Денес го видов Тунис како никогаш досега. Во минатото, сите се плашевме еден од друг, сите се лажевме меѓусебно, но сега сите работиме заедно. Ја соборивме корупцијата и ќе продолжиме да и се спротивставуваме.“


Во меѓувреме, странските државјани, по антивладините протести грабежите и престрелките почнаа да го напуштаат Тунис.

„Звукот на огненото оружје беше насекаде. Тие во текот на ноќта напаѓаат домови. Земјата е во криза. Тоа е причината зошто побегнавме и дојдовме тука“, изјави една турска државјанка на аеродромот во Истанбул.

Претседателот Бен Али, кој владееше со земјата уште од 1987 година, минатиот петок побегна во Саудиска Арабија, откако се интензивираа протестите кои избувнаа во средината на декември како резултат на незадоволството на луѓето поради големата невработеност, корупцијата и економските тешкотии.

Владините трупи се обидоа да ги задушат со употреба на сила при што загинаа неколку десетици луѓе.