Политички убиства во САД

Обидот да се убие американската конгресменка Габриел Гифордс ги шокира Aмериканците: Минаа повеќе од три децении од последниот атентат врз некој член на Конгресот.

Габриел Гифордс, саботното утро го минуваше на невообичаено место за некој кој е член на Конгресот, пред супермаркет во градот Тусон, во југозападната американска држава Аризона каде што беше застрелана од вооружен напаѓач кој притоа уби шест лица, а рани неколкумина други.

„Ова не е само трагедија за оние што се вклучени во неа. Ова е трагедија за Аризона и трагедија за целата наша земја. Она што Американците го прават за време на трагедии е да се здружат и да се поддржуваат меѓусебно“, изјави американскиот претседател Барак Обама.


Соединетите Држави ретко се соочуваат со слични трагедии. Последниот, врз член на Конгресот се случи пред повеќе од 30 години. Станува збор за конгресменот Лео Рајан, демократ од Калифорнија.

Тој во 1978 беше на пат во Гвајана, држава во северниот дел на Латинска Америка за да издејствува враќање на негови сограѓани кои беа во една верска секта. Откако успеа да издвејствува враќање на дел од нив, тој и ослободените беа дочекани во заседа во која беа убиени.

Подоцна повеќе од 900 членови на сектата извршија масовно убиство во настанат познат како Масакрот во Џонстаун. Пред убиството на Рајан, атентат беше извршен и врз сенаторот Роберт Кенеди кој во 1968 година се обидуваше да ја добие номинацијата на Демократската партија за претседател.

Ова не е само трагедија за оние што се вклучени во неа. Ова е трагедија за Аризона и трагедија за целата наша земја. Она што американците го прават за време на трагедии е да се здружат и да се поддржуваат
меѓусебно.


Откако ја извојува важната победа на изборите за претседателски кандидат во Калифорнија на 6 јуни 1968, Кенеди беше застрелан од Сирхан Сирхан, палестински Американец кој изјави дека бил мотивиран од неговиот бес околу политиката на Кенеди за Блискиот Исток.

Три децении пред овој настан беше извршен атенат врз сенаторот Хју Лонг од Луизијана кој исто така имаше претседателски амбиции. Лонг, кој беше инспирација за книгата „Сите луѓе на Кинг“ на Роберт Пен Ворен беше убиен од негов роднина, инаку политички опонент.

Секако попознати се атентите врз американските претседатели, особено оној врз Џон Кенеди кој беше убиен во Далас, Тексас во ноември 1963 година. Телевизиските и радио емисиите веднаш беа прекинати:

„Еве вест од Си Би Ес њуз. Во Далас Тексас три истрела беа испукани врз конвојот на претседателот Кенеди. Првите извештаи велат дека претседателот бил сериозно повреден.“

Атентатот врз Џон Кенеди во Далас


Смртта на Кенеди ги погоди Американците. Луѓето плачеа на улица, училиштата беа затворени, а комеморативни собири беа одржани во многу градови.

Тројца други американски претседатели исто така беа убиени во атентати: Абрахам Линколн во 1865, Вилијам Мекинли во 1901 и Џејмс Гарфилд во 1881 година.

Неколкумина претседатели, пак, ги преживеаа. Роналд Реган беше застрелан во градите во 1981 година и тоа само 68 дена откако ја презеде претседателската функција. Реган преживеа и покрај тоа што загуби половина од неговата крв.

Во 1975 пак, на двапати со оружје беше целено и врз претседателот Џералд Форд, а во 1950 година двајца порторикански националисти се обидоа да го убијат претседателот Хари Труман.