Прилози од историјата на уметноста на Охридската диецеза

По повеќегодишни патешествија и теренски истражувања низ  oхридско-преспанскиот регион во Македонија и корчанско-москополскиот регион во Албанија, излезе книгата „Прилози од историјата на уметноста во Охридската диецеза“ од Гоце Ангеличин Жура, историчар на уметноста во Охридскиот завод и музеј.
Книгата содржи осум научни прилози со нови значајни откритија.

„Отвораме една тема, една полемика околу традицијата на Јустинијана Прима во титулатурата на Охридските архиепископи. Во научната јавност се зборува дека Јустинијана Прима, што ја изградил Јустинијан во 6 век, се наоѓа во Србија, ја присвојуваат Србите, во Царичин Град, нашите пријатели во Скопје мислат дека е во Скопје, што не е докажано, а јас го отворам прашањето зошто Охридските архиепископии од 11 век па се до 18 век до укинувањето на Охридската архиепископија, се потпишуваат како архиепископи на Јустинијана Прима,што е доста интересно“, вели авторот Жура.

„Потоа книгата содржи нови откритија на ликовите на Свети Климент, во Москополските цркви го откривме ликот на Свети Климент Охридски, и тој е раритет како композиција бидејќи тој е насликан заедно со првоапостолите Петар и Павле. Ваква композициска поставеност не постои до сега во уметноста почнувајќи од 12 до 19 век“, ​продолжува Ангеличин Жура, кој во една Мокополска црква го откри ликот на Свети Наум Охридски, за прв пат насликан во олтарниот простор, што е вистинска реткост.
Откривме 6 нови икони на Дичо Зограф кои досега не беа познати на науката...

“Откривме шест нови икони од Дичо Зограф, кои досега не се познати во научната јавност, тоа се во Охридската црква Долна Влашка маала, потоа ги откриваме натписите на зографите од средината на 19 век, во црквата Свети Врачи Големи, каде има интересни натписи, во кои се вели "ние сме зографи, Михаил и Константин од село Магарево, област или регион Македонија. За пофалба е и откритието на полиелејот, односно свеќникот, кој се наоѓа во најсвечениот дел на храмот, наосот. До сега во науката многу е експлоатиран манастирот Свети Наум, од гледна точка на архитектурата и живописот, и еве за прв пат го откривме и полиелејот, каде успеав да го растумачам натписот“, вели Жура.

Охрид

Тој го откри и единствениот лик на Охридскиот архиепископ Прохор насликан во живописот на Балканот, како претставник на 110-те Охридски архиепископи, од кои до сега беа насликани само тројца, и четвртиот е Прохор, кој на престолот во црквата Свети Климент бил од 1520 до 1550 година, каде има натпис дека тој бил архиепископ на Јустинијана први Охридски, што го растумачи Ангеличин Жура. Овие откритија фрлаат нова светлина во науката средновековната уметност во Охридската дицеза, кога во Охридската архиепископија немало граници, и се потврда на нашиот идентитет со името Македонија во црковните натписи.

„Тоа е време на преродбата, средината на 19 век, кога се будат националните чувства и на зографите и на преродбениците и тие си имале во себе нешто својствено исконско, човечко да ја кажат областа од каде се“, вели Гоце Ангеличин Жура, чија најнова книга во неговиот богат научен опус, што е двојазична, објавена на македонски и англиски јазик, освен за стручната е наменета и за пошироката јавност и обичните луѓе кои го сакаат нашето културно наследство.