Во „старата година“ акциите на берзата бележеа и раст, но и падови. Во период од 12 месеци, индексот на десетте најликвидни компании бележи надолен тренд. Дали ова е знак дека македонската берза е неатрактивна, и како може безбедно да се игра на пазарот на хартии од вредност? На оваа тема разговаравме со претседателот на групацијата на друштва за управување со инвестициски фондови Александар Манев.
Г-дине Манев, во изминативе 12 месеци индексот на десетте најликвидни компании бележи надолен тренд, а се јавија и шпекулации дека парите на граѓаните веќе не се безбедни на берзата. Дали има некоја вистина во тоа дека нашата берза е небезбедна?
Па не би рекол небезбедна. Пазарот на капитал си носи ризик, впрочем тоа е одлика секаде на финансискиот систем, значи секаде каде што се очекува определен принос тоа е поврзано со определен ризик. Значи не би се согласил со терминот небезбеден, но дека постојат одредени ризици во смисла на можноста да не се остварат определени проектирани ризици дури и во определен момент да биде намалена вредноста на определени хартии од вредност да, тоа е оној ризик што го носи берзата. Главниот ризик на македонската берза е неликвидноста, тоа е суштински главен проблем и тоа е причина зошто е неатрактивна.
За обичниот човек берзата претставува коцка. Дали постои безбеден начин да се инвестира во берзата имено да се инвестира во минимален ризик?
Секогаш кога се инвестира во берза, инвеститорот треба да ја знае целосната слика да има зацртано своја финансиска цел, значи што му е целта, рокот за вложување, потоа да го знае односот помеѓу очекуваната добивка, ризикот што го презема и во финансиите нели, 100% осигурана инвестиција практично непостои освен ако ги исклучиме тука благајничките записи и депозитите каде што државата има своја гаранција. Меѓутоа со цел да се минимизира тој ризик инвеститорите имаат неколку решенија, тоа е пред се да ги доверат парите на стручни менаџери, да ги вложат значи во инвестициски фондови каде што ќе имаат еднаков третман и професионален менаџмент на нивните средства, бидејќи на крај се сведува дека секој индивидуално инвестира на берза, а не го поседува определеното знаење, не ја познава психологијата на берзата, не ги познава резултатите на компаниите итн, па во тој поглед се сложувам со вас дека може да се поистовети берзата како еден вид на лотарија.
Дали во овој период, би било побезбедно да се инвестира на краток рок значи инстантно остварување на профит или да се вложуваат пари на подолг рок?
Самиот термин инстант, мене ме асоцира на други работи, а не на вложување и инстант во финансиите не постои. Областа на финасии е прекомплексна за нешто да се оствари преку ноќ, зависи од многу други од генералната макроекономска политика, од менаџментот на компанијата, значи ако не сме сто отсто сигурни дека некоја компанија ќе расте, треба нели да имаме и 100% добри аргументи зошто би било тоа така. Секогаш нели треба да направиме добра инвестиција, да најдеме најдобар начин каде да ги инвестираме своите пари, да го диверзифицираме посебно битно во кризата, ризикот.