Доларот е наш, ама проблемот е ваш

Берзата во Њујорк

Американската централна банка ќе почне да пумпа повеќе пари во домашната економија во обид да стимулира нејзино забрзано заздравување. Какви ефекти тоа ќе има врз другиот дел на светот?

Секој ден кога берзата во Њујорк се затвора, нејзините шефови симболично ѕвонат со ѕвонче. Притоа аплаудираат. Ако денот бил добар аплаузот е голем, во спротивно тој е гест дека утре ќе биде подобро. Во последно време во Америка аплаузот е израз на надеж за подобри денови. Обичните Aмериканци и натаму се презадолжени, не трошат, куќите не се продаваат, бизнисот не се шири, а берзите одат надолу. Затоа Централната банка реши во наредниве осум месеци да допечатува по 75 милијради долари и да ги намали каматните стапки со уверување дека потрошувачите ќе почнат да позајмуваат и да купуваат. За некои експерти потегот е добар, но не и за Роберт Хелер поранешен гуверенер на Федералните резеви:

„Многу е тешко сега да излезат од ситуацијата во која се ставија самите. Наскоро ќе имаат три илјади милијарди долг и владата во блиска иднина не ќе може да смета на позитивно салдо.“

Мислам дека постои можност и опасност. Краткорочно пазарите ќе бележат пораст но...
Долар и Јуан

Потегот на Федералните резрви, надвор од Соединетите Држави беше прифатен како тревога. Причината е што печатењето нови долари ќе доведе до намалување на неговата вредност спрема другите водечки валути. И ако тоа е добро за Америка, бидејќи ќе има евтин извоз, за другите не чини, односно нивните производи ќе стануваат се поскапи, а со тоа и понеконкурентни на светскиот пазар. Најпогодени од ова ќе бидат Кина, Јапонија, Бразил и Германија.
Тоа посредно ќе го почувствуваат и земјите кои најмногу тргуваат со нив.

„Не мислам дека со ова Американците ќе ги решат нивните проблеми. Верувам дека со тоа ќе се создадат повеќе проблеми во светот“, вели германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле.

Од друга страна, експертот од Лондон Нил Шеринг вели дека самите земји ќе зависи како ќе го искористат овој најнов американски потег.


„Мислам дека постои и можност и опасност. Краткорочно, пазарите ќе бележат пораст. Ова ќе биде добро само доколку во некои земји тоа не доведе до големи шпекулативни меури.“

До нив доаѓа кога инвеститорите брзаат во некој сектор, како на пример становите, во надеж веднаш да профитираат. Цените одат многу високо до ниво кое е недостижно за купувачите и тогаш пазарот се распаѓа. Како и да е, Американците својот потег го аргументираат со фактот дека заздравувањето на нивната економија е во интерес и на нивните трговски партнери, односно дека и ним им треба силен американски пазар. Или како што во 1971 година тогашниот американски министер за финансии Џон Коноли недипломатски им порача:

„Доларот е наша валута, ама ваш проблем.“