(Не)професионално новинарство

Во услови на притисоци, почитувањето на професионалните кодекси останува во рацете на новинарите

Тешко е да се задржи професионализмот во услови на политички и сопственички притисоци, велат новинарите.
Како резултат на галопирачкиот пад на квалитетот на новинарството, политиканството кое навлегува во редакциите, паѓа рејтингот на професијата, вели директорката на Македонскиот институт за медиуми Билјана Петковска. Токму затоа МИМ иницира дебати и работат на тоа да се регулираат механизмите во медиумите, но досега без поголем успех.
После пет години за жал не стигнавме никаде што е поразувачки факт за сите нас, но и нешто што мислам дека не треба да не обесхрабри за да продолжиме понатаму


,,После пет години за жал не стигнавме никаде, што е поразувачки факт за сите нас, но и нешто што мислам дека не треба да не обесхрабри за да продолжиме понатаму."

Главниот уредник на „Дневник“ Сашо Кокаланов вели дека сопствениците на медиумите и менаџерите ретко се заинтересирани за таквите прашања, па во рацете на новинарите останува да се изборат за почитување на професионалите кодекси. Кокаланов вели дека процесот на саморегулација дополнително е отежнат во едно општество какво што е Македонија, во која власта систематски создава раздор меѓу медиумите и влијае на нивната работа.

,,Еве вчера имавме можност во една телевизиска дебата да видиме претставник на една владеачка партија кој смета дека е премногу мека регулацијата на медиумите, мене искрено тоа ме плаши бидејќи мислам дека власта, без разлика која и да е, мора да се држи понастрана од регулација."
Во Британија новинарите се здружија и создадоа кодекс на однесување кој важи за сите. Затоа што најпрво бевме уплашени од однесувањето на владата ...


Кокаланов вели дека тој се обидел во Дневник да воведе еден вид на функција омбдусман, некој кој ќе комуницира со јавноста и ќе зборува за тоа колку професионално се напишани текстовите, но наместо писма на граѓаните, сандачето се полнело со писма од партиски штабови.
Стефан Причард кој е омбдусман во британскиот весник „Обсервер“, вели дека новинарите имаат обврска да се саморегулираат да за може да се спроведат професионалните критериуми, иако секогаш тоа не е лесно.

,,Во Британија новинарите се здружија и создадоа кодекс на однесување кој важи за сите. Затоа што најпрво бевме уплашени од однесувањето на владата и ако не неправевме нешто владата ќе наметнеше правила и регулативи врз медиумите. Никој од нас несака правила и закони, но мора да признаеме дека слободата на говорот, мора да се плати."

Директорот на Центарот за развој на медиуми во Бугарија, Огњан Златев вели дека состојбата во медиумите е речиси иста во сите земји на Балканот.

,,Во Бугарија етичкиот кодекс беше донесен во 2004-та, а Советот за регулација на медиуми е формиран во 2005-та. Во нашиот случај работите беа завршени после десет години работа, после седум неуспешни обиди да се создаде етички кодекс. И тој што е донесен во 2004-та не го прифаќаат сите, но и не можете тоа да го очекувате, важно е да го имате мнозинството на ваша страна."

Златев вели треба да се направат напори да се регулираат нештата во медиумите, ако земјата но и регионот сака да стане дел од семејството на развиените демократии.