Москва има муслимани, ама нема џамии

Луѓе се молат на улицата пред Големата џамија во Москва

За време на молитвата за Рамазан Бајрам во Москва, руските медиуми објавија фотографии од многумина луѓе кои се молат на улицата пред Големата џамија во Москва, која беше преполна со верници. Едно локално списание забележа дека сликата е потсетник за Московјаните дека тие живеат во „муслимански град“. Други, пак, велат дека сликата го прикажува недостогот од верски храмови за муслиманите – има само четири џамии во Москва за околу два милиони муслимански верници.
Една петина од 10,5 милиони жители на Москва се муслимани, а имаат само четири џамии. Поради ова, Муслиманската заедница во градот планира да изгради нова џамија за три илјади верници во југозападниот дел на Москва. Одлуката ги разбранува локалните жители – тие испратија петиција до градот да се откаже од проектот.
Копретседавачот со Руското муфтиство, Нафигула Аширов вели дека е вчудоневиден од контроверзиите што го следат проектот.
Има речиси 900 цркви за Христијаните и само четири џамии за речиси два милиона муслимани.


„Кога има речиси 900 цркви за Христијаните и само четири џамии за речиси два милиона муслимани, ако се паметни и пријателски настроени, кои и да се – Христијаните или градските власти, тие треба да признаат дека ова не е доволно. Изненадени сме што некои луѓе се противат на тоа.“

План за новата џамија во Москва

Локални жители велат ќе немаат паркинг и ќе немаат каде да си ги шетаат кучињата. Тие протестираа против изградбата на џамијата. Една од демонстрантките вели дека тие немаат ништо против Муслиманите, ниту против религијата.

„Луѓето што се тука се против изградба на каков било објект на тоа место.“

Други, пак, се отворено ксенофобични – велат дека се плашат од прилив на Чеченци и други луѓе од Кавказот.
Свештеникот Марат Хазрат Муртазин вели дека властите им понудиле неколку локации за џамија, но ја одбрале посочената поради тоа што во тој дел од Москва живеат многу муслимани.

„Мислам дека тие 500 луѓе што се собрале да ја потпишат петицијата, тие што се противат на градење за да може да си ги шетаат кучињата и да пијат пиво во паркот, не може да им застанат на патот на речиси 200 илади муслимани кои живеат во областа.“

Претседателот на невладиниот центар СОВА Александар Верховски, кој се занимава со следење на екстремистички активности, пак вели дека противењето на изградба на џамија е главно поттикнато од ксенофобија.

Жители на Москва потпишуваат петиција против изградба на нова џамија во градот

„Непријателството кон несловенските имигранти е главен фактор. Кога луѓето зборуваат зошто се против џамија, тие велат дека не сакаат што многумина Азарбејџанци, Таџикистанци или Чеченци ќе се доселат тука. Проблемот повеќе има етнички отколку верски карактер.“

Верховски вели дека екстремната десница ги користи тензиите околу изградба на џамијата. Тие го користат стравот на Московјаните дека големото доселување на луѓе од Кавказот и од Централна Азија ја менува демографската слика на Москва.
Од друга страна муслиманите се жалат дека 20 години безуспешно се убедуваат да изградат џамија. Тие се жалат дека Руската православна црква и државата имаат многу цврсти врски.