Случај Франција - Роми

Од Марсеј во Банеасе - Романија 14.09.2010

Расправата околу контроверзното протерување од Франција на Ромите доселеници од Романија и Бугарија се заканува да го засени Самитот на Европската унија кој денеска се одржува во Брисел. Главна тема на самитот инаку се односите со главните светски партнери како и освртот на политиката за прием на нови членки.
Протерувањето на Ромите од Франција, нема никаква врска со она што се случило во Втората светска војна, изјави европската Комесарка за судство Вивиен Рединг, како одговор на острите реакции на Франција во врска со нејзината претходна изјава за политиката на Париз кон Ромите.

Рединг изјави дека не сакала да направи паралела меѓу случувањата за време на Втората светска војна и сегашната акција на француската влада. Таа додаде дека сакала да ги одбрани принципите и вредностите врз кои се заснова ЕУ.
Француските власти ја осудија таквата изјава и ја оценија како скандалозна. Францускиот премиер Франсоа Филон изјави:

„Споредбата со Втората светска војна е неверојатна, непромислена, скандалозна и нема законска потпора за политиката на една земја. Тука има факти и треба да се држиме до фактите. А ние ке покажеме дека Франција целосно ги почитува француските правила и правилата на Европската унија.“

Франција протера 8000 Роми

Француската влада од почетокот на годинава протера повеќе од 8 илјади Роми кои не се родени во Франција. Европската комисија која, пак, започна да се занимава со протерување на Ромите, во наредните две недели ќе ја објави конечната анализа за случајот, а потоа ќе преземе соодветни мерки. Комесарката за судство, Рединг, за протерувањето претходно изјави дека тоа е ситуација за која мислела дека нема да се повтори во Европа после Втората светска војна.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Протерување на ромите од Франција



Од друга страна, италијанскиот премиер Силвио Берлускони исто така ја критикуваше Рединг поради, како што рекол, пребрзата изјава. Проблемот со Ромите е европски проблем и треба заеднички да се реши, изјавил Берлускони за Фигаро. Италија, исто така, имаше судир со Европската Комисија од 2008 година затоа што почна да ги регистрира жителите на илегалните населби, да им зема отпечатоци од прстите, но и да ја бележи нивната етничка и верска припадност.

Инаку шефовите на дипломатиите на ЕУ најпрвин ќе ги разгледаат односите со главните светски партнери, како и освртот на политиката за прием на нови членки. Тие ќе усвојат заклучоци кои ќе бидат усвоени од лидерите на Унијата. Се очекува да биде поздравено усогласувањето на ставот со Србија за резолуцијата за Косово во Обединетите нации.