Македонците што живеат во Грција се оспорувани, а географска придавка би имала негативен аспект за македонците во соседните земји. Македонец од Грција може да стане пратеник само кога Македонија ке стане членка на ЕУ, вели Филипов во неделното интервју за Радио Слободна Европа.
Павле, што би значело за Македонците во Грција доколку Репубулика Македонија меѓународно биде нарекувана на пример, Северна или Вардарска или Република Македонија Вардар на пример?
Генерално, познато е дека именување на името на една држава, на јазикот, на културата, значи на идентитетот на еден политички субјект, било кога зборуваме за државата или за народот, за еден политички субјект што се вика држава. Конкретно за вашето прашање околу разни придавки од географски тип, има и таа последици, има и ефект, чепкање на идентитетот на еден народ, на една држава и секако рефлектира не само на Македонците во Република Македонија, туку и на Македонците што живеат во соседните држави. Морам исто така да кажам дека на меѓународно ниво можеби не е лесно да се објасни ставот дека има чепкање таму, затоа што некои можеби сметаат дека се работи за неутрални придавки. Од друга гледна точка, ние како „Виножито“ имаме заземено став дека таков тип од географски префикси се негативни затоа што полесно ќе разберат во странство кога зборуваме за термини и за такви обиди што асоцираат на поделби.
Би го изгубиле ли Македонците во Грција националниот идентитет во тој случај?
Секако, Македонците што живеат во Грција се оспорувани. Грција никако немаше и не признава македонски идентитет, и ова е проблем околу грчкиот национален мит. Ако нема реформа на самата Грција дека треба да признае една македонштина што е различна, поинаква и посебна од оваа македонштина што ја имаат создадено со децении во самата Грција, тешко ќе дојде до едно решение, за взаемно почитување на народите кога станува збор за идентитетите, за јазиците и културите во овие две држави.
Колку национално свесни Македонци живеат денеска во Грција?
Ова е дискутабилно прашање, бидејќи на јазично културно ниво има околу 470 македонски села, од Костур до Драмско, и седум села во Кукушко, па до Северно Катерини. Но, македоништината континуирано сите овие децении е оспорувана од силните национални држави, што се создадени порано, така што многу е важно и за националната свест и за Македонците што живеат било во Грција, Бугарија, Албанија итн, еден политички субјект што се вика држава - Македонија, што може да биде промотор, позитивен за македонштината на Балканот.
Имате ли некаква информација дека изминативе години македонското прашање на пример во Грција, дека било дел од пакетот преговори за името меѓу Скопје и Атина?
Немаме информација околу овој пакет разговори и дали е вметнато прашањето за македонското малцинство во Грција, но треба да потенцираме дека кога имаше грчки Национален Совет на почетокот на 90-тите години, околу новиот феномен, независна Република Македонија, самиот тој премиер Мицотакис и сите лидери од сите партии излегоа надвор од салата и заеднички во еден глас рекоа дека најбитната работа од овој нов феномен, новата држава на север, е да не се појави никакво малцинско прашање, малцински проблем во Грција, значи македонско прашање и македонско малцинство. Ова е веќе национален консензус и знаеме ние многу добро дека поврзано со иднината и прашањето и статусот и политиката на Грција околу почитување на малцинските права, конкретно околу македонското малцинство во Грција.
Павле Филипов, борец за правата на Македонците во Грција. Дали некогаш премиерот Груевски ви понудил некаква помош за „Виножито“ пред меѓународниот фактор, пред судовите?
Видете, ние се радуваме за зрелите политики. И поранешните влади од почетокот на 90-тите и после многу внимателно и конструктивно делуваат бидејќи и нашиот став е дека не треба државните политики во овој балкански свет да интервенираат на такви начини како што правеле досега знаме многу добро, Бугарија или Грција, со другите малцинства во соседните држави. Нема потреба една македонска Влада, било сега или во иднината на сличен начин да интервенира условно кажано, како што прават Грците и Бугарите, за создавање проблеми. Мислам дека ние како „Виножито“ секако сакаме и би сакале да се развиваат на културно јазично ниво соработки со граѓани Македонци од оваа страна на границата и граѓани Македонци од другата страна на границата и тоа ќе биде позитивно.
Кога сме веќе кај Македонците од двете страни на границата, дали знаете што стана со тие списоци за враќање на имотот на Македонците во Грција, што се правеа и во Владата...?
Да додадам уште нешто, токму тоа сакав да кажам и на вашето претходно прашање. Може слободно, кога станува збор за малцинското прашање поврзано со Граѓанската војна со протераните Македонци, слободно и многу поконструктивно и позитивно може да поставува прашање било кој премиер од Република Македонија во Грција по ова прашање, бидејќи има многу голем аргумент дека станува збор за граѓани со двоен статус. Значи Македонци од Грција што се и би требало да бидат и денеска, граѓани на оваа Грција илегално протерани и нерехабилитирани до ден денес, во исто време живеат во Република Македонија имаат статус во Македонија како граѓани на таа држава и не може никој да критикува, ниту во Грција, ниту на меѓународно ниво за отворањето уште попозитивно на овој проблем, бидејќи навистина тоа е еден од најголемите хумани трагедии.
Во Македонија има две страни, првата е дека нема промена на името по цена на останување надвор од Европската Унија и НАТО и втората е компромис со некаква придавка за меѓународна употреба со цел силна Македонија, членка на НАТО и ЕУ, кадарна да се бори за правата на Македонците во соседните земји. Што мислите вие?
Видете, ние имаме еден став според кој ние сме против овие празни теории и идеологии „или-или“. За нас како „Виножито“, ние сме проевропски, прозападно ориентирани, знаеме многу добро дека има многу благодети во овие меѓународни организации и кога станува збор конкретно и за ЕУ, но и за НАТО што е една Алијанса што навистина нуди, дава стабилност во последните децении. Така што сметам дека може да се направи и едно и друго и неможе да се поставува ова прашање „или или“. Значи да откажуваш некои важни елементи кога станува збор за идентитетот и македонштината, како предуслов за учество во меѓународни организации, сметам дека не треба на таков начин да се аргументира. Истото ние го правиме тука, ние немаме право да зборуваме за работите во Македонија, но сакаме да асоцираме, знаеме дека има дефицит и размислете на пример: ние сме едно малцинство во Грција, непризнато од една земја членка на ЕУ, по логика ние би требало, условно кажано, да ги критикуваме сите овие европски институции и тоа го правиме, но секогаш го правиме добронамерно за елиминирање на дефицит на овие сите одговорни, добри и сериозни меѓународни организации.
Да се вратиме во Грција. Дали со доаѓањето на ПАСОК има некаква промена во однос на „Виножито“?
Никаква промена. Треба да имате постојано на ум, дека кога станува збор за македонското прашање, признавањето на македонското малцинство и правата во Грција, тука нема разлики кога станува збор за ПАСОК, Нова демократија или било која друга партија што би била на власт.
Има ли шанса Македонец во догледно време да стане пратеник во Грчкиот парламент преку Алијансата со која учествувате на изборите?
Да, видете кога станува збор за предуслов еден од дефицитите од овие земји членки на ЕУ, е и процентот, границата 3 или 5%, како минимум што една партија треба да ги има за да може да има пратеник, било во грчкиот парламент, или во Европскиот парламент. Има едни добри, позитивни соработки, бидејќи на пример во Европската Слободна Алијанса, ние имаме добра соработка и гледаме дека на пример, каталонците од Шпанија им помогнале на каталонците во Франција така што на европските избори учествуваа на листа, имаат право во ЕУ да учествуваат на листи во разни земји членки на ЕУ и имаa успех Каталонците во Франција преку браќата Каталонци во Шпанија да ги претставуваат во Европскиот Парламент. Слично може во иднина да се направи кога Република Македонија ќе стане земја членка на ЕУ.