Неделен печат

Детална анализа на „топлото политичко лето што ја стопи жешката есен“, објавува најновото издание на Глобус. Фокус пак, пишува за „Дизниленд дипломатијата“







Глобус: Топлото политичко лето што ја стопи жешката есен


Мошне опширна и детална анализа на „топлото политичко лето што ја стопи жешката есен“, објавува најновото издание на Глобус. Поентата на анализата се чини е дека „СДСМ е подготвен да ја преземе власта и перспективно да ја води државата, но е неподготвен да
СДСМ е подготвен да ја преземе власта и перспективно да ја води државата, но е неподготвен да ги добие изборите.
ги добие изборите“. Авторот на анализата, покрај другото, им забележува на сдсмовските стратези дека го промашиле летово: Не одолеаја, вели, на примамливите проспекти на туристичките агенции и не ја оставија власта самата, без нив, да се пече на бришаниот простор на песочните морски плажи. Нивното летно однесување не кореспондира и не е компатибилно со најавуваните опозициски активности за жешката годинашна есен, констатира Глобус. СДСМ, продолжува авторот, крикна неколкупати, го направи скопскиот митинг, малку го поткрена моралот и надежта на членството и на симпатизерите - и им се препушти на годишноодморските релаксации, а судејќи според релаксираните лица и на оние од власта и на оние од опозицијата, најмногу што може да се очекува претстојнава есен е едногодишно одлагање на најавите за предвремени парламентарни избори - ДПМНЕ, забележува авторот на анализата, нема да се става во позиција да го открие својот опаднат рејтинг, а СДСМ е се' уште недоволно посакуван да го преземе водството во земјава. А, во меѓувреме, значи што поскоро, Црвенковски конечно ќе треба да го најде и партиското членство и на граѓаните да им го претстави и идниот македонски премиер со кого тој ќе оди на победа на наредните избори. На тој начин, ем ќе ги неутрализира пропагандните вмровски напади за неговата политичка историја, ем и на СДСМ ќе му проектира нова перспектива, заклучува Глобус.

Форум: Дизниленд дипломатија

Седиштето на НАТО

Дизниленд дипломатија, гласи едиторијалот на Форум во врска со „до болка тажната појава“, како што вели авторот, колку политичките партии се подготвени да ги жртвуваат интересите на државата Македонија за да ќарат некое евтино дневно-политичко поенче. Показател за ваквата неодговорна политика е именувањето на новиот амбасадор на Македонија во НАТО, Мартин Треневски. Авторот се осврнува на ставовите на Треневски, велејќи дека таквото непознавање на механизмите на НАТО, проблематизирање на стратегиските партнери и скандалозните лаички ветувања, како на очајни кандидати за локален кмет на селски предизборен митинг, кога кандидатот ветува дека ќе се залага за сосема невозможни работи - предизвикаа смеа во буквална смисла на зборот на клучните амбасадори во Македонија, за што авторот тврди дека има информации од прва рака, што дополнително ја влоши и онака разнишаната меѓународна позиција на државата, завршува авторот на едиторијалот во Форум.

Фокус: Минчо Јорданов мора да биде сервилен кон Груевски, за да си ги оствари личните бизниси

Големо интервју со градоначалникот на Карпош, поранешен либерал-демократ, но сега социјалдемократ, Стевче Јакимовски објавува Фокус, во најновиот број. Насловот што редакцијата го извлекува од неговите зборови во интервјуто, „Минчо Јорданов мора да биде сервилен кон Груевски, за да си ги оствари личните бизниси“ звучи прилично интригирачки, а повод за интервјуто е жестоката полемика со весникот Нова Македонија, чиј сопственик, покрај другото е Минчо Јорданов, па Јакимовски се прашува зошто еден весник како Нова Македонија, со широк дијапазон на критики за транзициските аномалии и транзициските богаташи, не сака да дозволи да се отвори полемика за сите богаташи во државата, па прашува: „Од каде му е имотот на оној што ги плаќа новинарите во овој весник?“ Во интервјуто за Фокус, Јакимовски говори и за актуелната политика на премиерот Груевски, па во врска со преговорите за името смета дека тој до крај ќе остане цврсто на своите позиции да нема компромис. Сите негови политики се тотално крахирани, па ова му е единствената сламка за спас и смета дека Груевски не е подготвен да ја даде власта по никоја цена.