Интервју - Ефтим Шаклев

Ефтим Шаклев

Секое енормно поскапување на житарицата ќе влијае врз поскапување на брашното и лебот, а ќе има скалесто покачување на сите останати производи
Господине Шаклев, во последно време се актуелизираа шпекулациите дека пченицата ќе се продава по цена повисока од до сега максималните 10 денари. Дали има можност да поскапи пченицата?

Моментално, откупната цена на пченицата е десет денари. Но, нормалната откупна цена треба да биде 12 денари. Се додека цената не се покачи повеќе од 12 денари, тоа нема да има никакви проблеми. Меѓутоа, се јавува сега еден друг проблем. Некои млинови ја злоупотребија одлуката на Владата за сооднос меѓу откупеното и увезеното брашно и жито и моментално нагло ја покачија цената на брашното. Кога почнаа да откупуваат пченицата беше 14 денари, брашното, а сега е 22 денари. Нема никакво оправдување за толку нагло зголемување на цената на брашното. И затоа ние апелираме до мелничката индустрија да ги вратат назад цените и цената на брашното да одговара на откупна цена на житото од осум до девет денари, ако ова не се случи, тогаш ќе бараме од Владата да ја поништи оваа одлука и да биде слободен увозот и на пченицата и на брашното. Оваа одлука на мелничарите за зголемување на 22 денари, мора да се зголеми и цената на лебот, а нема никаква оправданост.

Јасно е дека самото поскапување на пченицата и на брашното неминовно би предизвикале и поскапување на лебот, но дали евентуалното поскапување на другите житни култури би можело да придонесе кон кревање на цените на останатите прехрамбени производи?

Апсолутно, затоа тие се викаат стратешки култури. Житарицата е стратешка култура. Секое енормно поскапување на житарицата ќе влијае врз поскапување на брашното и лебот, потоа на месото и сувомеснатите производи, на млекото, на млечните производи, маслото за јадење. Сите кондиторски производи имаат основа во овие производи. Ќе има скалесто покачување на сите останати производи, што во оваа ситуација на економска криза не е добро за целата наша земја, за сите наши потрошувачи. И затоа, ние велиме и апелираме до мелничката индустрија да се воздржи, да не прават експерименти и да ги вратат цените назад. Оти со покачувањето на лебот, на останатите житарици ќе има синџир од поскапувања на сите продукти во Македонија и тоа ќе биде страшен удар врз стандардот на жителите.

Според ваша проценка, дали домашната пченица во поглед на цена и трошоци за нејзино производство може да и конкурира на понудата од странство?

Видете, се завиди од годината. Приносите зависат од годината. Ако имаме просечен принос околу 3,000 килограми по хектар, со цена од 10 до 12 денари, тогаш ќе биде во ред и за нас и за мелничарите. Но, ако се случуваат овие големи осцилации на цената, како што беше пред две три години, кога јачменот достигна цена од 24 денари, а претходно беше 6 денари, такви осцилации не требаат, тие ќе го уништат и полјоделството и сточарството. Затоа одиме кон договорно производство, не државата да ни договара, туку договорно производство меѓу производителот, преработувачот и трговецот. И тоа со новиот закон треба да биде регулирано.

Macedonia - Destroyed yield - 06Jul 2010


Во изминатиот период се актуелни субвенциите за земјоделците и фармерите. Претходно во фокусот на јавноста беа и протестите на земјоделци и фармери кои се жалеа на слабиот пласман и ниските откупни цени на нивните производи. Која е поентата според вас да се субвенционира производство на продукти кои или не можат или тешко се пласираат на пазарот?

Ние немаме производи што не може да се пласираат на пазарот, а што се субвенционираат. Субвенциите не се даваат за да се покријат трошоците на производството, туку да се зголеми продуктивноста, за производите да бидат конкурентни, затоа што се повеќе ќе имаме странски производи на нашиот пазар. И затоа се субвенциите, за колку толку нашите производи да им конкурираат на странските, е не да ги покриеме основните трошоци и затоа субвенциите што се даваат треба земјоделецот да ги планира и реално да ги употреби. Ние немаме производи што ни останале на пазарот. Знаете дека и градинарските производи годинава се добри. Имаме проблеми со пласманот на грозјето и виното, но тоа е последица од економската криза во целиот свет и во Европа. И навистина тоа ќе биде голем проблем.

Актуелно во вестите за метереологија е топлотниот бран што ја зафати земјава. Дали тоа може да го повреди производството кај нас?

Таму каде што нема наводнување ќе има оштетување. На овие високи температури, едно растение не може да биде отпорно. Особено таму каде што нема полевање ќе дојде до големи оштетувања и до намалување на родот, во лозарството и овоштарството.

Зошто според вас се проблематизира пласманот на домашните земјоделски производи на странските пазари? Кои се основните причини поради кои голем број од нашите земјоделци произведуваат само за нашиот пазар?

Видете, не произведуваме ние само за нашиот пазар, ние произведуваме и за странскиот, но прашање е дали сме конкурентни. Ние немаме големо производство. Ако се декларираме како земјоделска земја. Ние една третина од земјоделските производи ги увезуваме. Ние немаме доволно ниту јунешко, ниту свинско, ниту пилешко месо. Комплет тоа месо го увезуваме. Увезуваме житарици, сточна храна, што значи уште многу, многу треба да работиме во земјоделството, за да се декларираме како земјоделска земја. Многу работи и многу други односи, треба да се сменат кај нас за да бидеме ние и да функционираме како земјоделска земја. Особено треба да се смени односот на проиводители, преработувачи и купувачи. Ако го регулираме тој однос, тогаш сме направиле голема работа.

Дали според вас за нашите производи има повисока цена на пазарите затоа што се произведуваат на помали парцели?

Зависи за кој производ. Ние што алудираме дека производството може да биде рентабилно само на големи површини, тоа е тема за дискусија. Ние не сме Јужна Америка и Австралија да имаме неограничени површини и толку ефтино производство. Ние се движиме во границите на нормалата. На пример, една рентабилна краварска фарма во Данска или Холандија е околу 50 крави. Ние такви фарми имаме, зошто да не сме рентабилни? Свињарска фарма во западна Европа е рентабилна ако има 100 до 200 мајки. Многу ретко има поголеми фарми од 200 мајки. Кај нас имаме и до 30,000 што произведуваат годишно. Значи, ние имаме некои поголеми фарми отколку на запад. Сега, ние алудираме на големи површини на житарици, но и тука настојуваме, и самата програма за субвенции е за зголемуавање на лозарството, градинарството, сточниот фонд. Меѓуто, тоа не може да се направи во еден ден. И сите површини што сега се засеани со пченица и јачмен да ги претвориме во лозарство и овоштарство и градинарство. Тоа ќе се случи постепено.

Како ја оценувате достапноста на финансии за земјоделски проекти. Дали македонскиот земјоделец има пристап до пари да го развива својот бизнис?

Тоа е многу болно прашање. Не да нема, туку нема никаков пристап. Затоа што сите наши објекти, целиот имот што го има еден земјоделец, нема никаква финансиска вредност кај самите банки и нашите имоти банките не ги признаваат. И ние за хипотека не можеме да оставиме баш ништо и не можеме да подигнеме финансиски кредити иако на пример, сега со ИПАРД програмата тоа треба да го направиме, и ни требаат такви средства за да можеме средствата од ИПАРД програмата и ако во скоро време не се легализираат стопанските објекти што ги имаме нема да биде успешна и ИПАРД програмата.