Достапни линкови

Економија - САД лидери, Кина втора


Според најновите податоци на јапонската влада, Кина е втора наголема светска економија, по Соединетите Држави. Досега на тоа место беше Јапонија. Во Европа, пак, во последниот квартал, Германија бележи раст од 2,2 насто, со што и покрај финансиските проблеми во неколку земји од евро-зоната, вкупниот раст е на ниво од околу 1 насто.

Она што политичарите и економистите го предвидуваа, веќе се случи. Кина, а не Јапонија, е втората светска економска сила по Соединетите Држави. Според податоците на владата на Јапонија, нивниот бруто домашен производ за вториот квартал од годинава е 1,28 трилиони долари, а на Кина за истиот период, 1,33 трилиони долари. Во истовреме, економскиот раст на Јапонија е 0,4 насто, додека оној на Кина е значително поголем. Јапонскиот министер за економија Сатоши Араи оцени:


“Развојот на нашата земја е тесно зад оној на Кина и на другите нации, а тоа е дел од нашата стратегија за развој”.

И многумина аналитичари сметаат дека е добро околу Јапонија да има моќни економски земји. Хеидеки Мацамура, економист од Јапонскиот институт појаснува:

“Точно е дека има негативни елементи во тоа што кинеската технологија се подобрува, кинеските компании им стануваат конкуренција на јапонските. Но, има и големи позитивни елементи во тоа што со развојот на Кина се повеќе кинези ќе можат да купуваат јапонски производи”.

Кинескиот економски развој носи и поголема политичка моќ во светски рамки, додаваат некои аналитичари. Во написот во Њујорк Тајмс се вели дека кинеските лидери, токму поради економскиот раст, стануваат се повлијателни во Азија, Африка и во Латинска Америка, што се отсликува и преку специјалните мулти-билионски трговски договори, посебно во енергетската сфера.
Во Европа, пак, според последните економски показатели, Германија е моторот на целата евро-зона. Во последниот квартал, германската економија бележи раст од 2,2 насто, што е најголем раст од обединувањето пред две децении. Тоа се должи на германскиот извоз во автомобилската индустрија. Германскиот министер за економија Рајнер Брудерле изјави:

“Ова покажува дека владините мерки за забрзување на растот функционираат, иако сеуште не може да се зборува за некој голем економски раст”.

Германскиот раст и помогна на целата евро-зона и за враќање на оптимизмот и покрај проблемите и падовите во некои земји, како Грција, Португалија, Шпанија и Ирска, кои го доведуваа во прашање дури и опстанокот на еврото како заедничка европска валута. Но, некои економисти предупредуваат дека во повеќе земји од евро-зоната има пад на индустриското производство и оти европскиот воз не може да се движи само со еден мотор, германскиот.
  • 16x9 Image

    Љупчо Наќев

    Работи во Радио Слободна Европа во Прага од започнувањето на емитувањето на програмата на Македонски јазик, како уредник и водител. Со новинарство се занимава од 1988-ма година, најнапред во Македонското радио, а потоа во А1 телевизија, како и повеќе години како постојан дописник на Радио Дојче Веле. 

XS
SM
MD
LG