Русите шпионираат „агресивно“

Најмногу на удар на руската шпионска мрежа се државите од поранешниот Советски блок.
Две декади од распаѓањето на Советскиот блок, руските разузнавачки служби се чини ги зголемуваат своите активности во поранешните комунистички држави, кои сега се членки на НАТО и на Европската унија. Таков е примерот и со Чешка каде што тројца генерали беа принудени да си поднесат оставки поради можна соработка со руски агенти.

Првиот човек на претседателската воена канцеларија, чешкиот НАТО претставник во Европа и замник началникот на генералштабот биле приморани да си дадат оставки, откако руски шпиони успеале да воспостават контакти со нивните канцеларии. Еден психијатар кој работел во чешки затвор, изчезнал и за него се претпоставува дека избегал во Русија. За многумина Чеси, ваквите информации не се изненадување. Карел Рандак, поранешен шеф на чешката разузнавачка служба, оценува:

„Сигурен сум дека тоа го прават секаде, во Соединетите Држави, во Велика Британија, Јужна Америка. Не сум изненаден и мислам дека Чешка не е исклучок.“

Според проценките на чешките разузнавачи, околу една третина од руските дипломати во Прага, или вкупно околу 60 се шпиони, а според истиот извор, руската шпионажа е се поагресивна, особено во енергетскиот сектор. Минатата година, Чешка протера двајца руски дипломати кои беа осомничени за поттикнување на протестите против планот за американскиот анти-ракетен штит. Воениот експерт од Москва, Александар Голтс оценува дека руската влада се почесто се обидува да дојде до информации со помош на шпионажа, бидејки тоа е во менталитетот на моменталните лидери, предводени од премиерот Владимир Путин, кој е поранешен припадник на КГБ.

„Според сфаќањето на Владимир Путин, ништо што се кажува во јавноста не е точно, а вистината е скриена и може да биде осознаена само со специјални средства.“

Голтс додава дека не е изненадување што руската шпионажа е насочена кон новите членки на НАТО и Европската унија.

„Постои една едноставна причина - имаат врски од старите денови и дејствувањето во Чешка или во Бугарија, на пример, е многу полесно отколку во Британија или Белгија.“

Со ваквиот став се согласува и чешкиот новинар Јарослав Плесл, кој додава дека Москва се уште ја смета Чешка за дел од границата меѓу поранешниот Советски блок и Западот.

„Сакаат да знаат што планираат Чесите во врска со нивната стратегиска соработка со Западот, сакаат да знаат во која насока се движат чешките воени и безбедносни структури.“

Но, Плесил нагласува дека се поактуелна е економската шпионажа, односно лобирањето за руските бизнис интереси. Откако е Путин на власт, руските енергетски државни компании имаа се поголема контрола врз пазарот со гас и нафта во Европа. Моментално Русите се заинтересирани и за влез во нуклерна енергија, односно за добивање на тендерот за изградба на два нови нуклеарни рекатори во Чешка.