Независноста на Косово во согласност со меѓународното право

Судијата Хисаши Овада

Меѓународниот суд на правдата во Хаг попладнево го објави советодавното мислење според кое декларацијата за независност на Косово е во согласност со меѓународното право. Косовската независност досега ја имаат признаено околу 70 земји. Но, дипломатската кампања на Белград придонесе многу други да го одложат тој потег.

Меѓународниот суд за правда во Хаг утврди дека едностраната декларација за независноста на Косово е во согласност со меѓународното право, затоа што во правото не се содржани забрани за такви декларации, соопшти денеска претседателот на судот Хисаши Овада

„Судот одлучи дека усвојувањето на декларацијата за независност од 17 февруари 2008-та е во согласност со меѓународното право и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност “, соопшти судијата Овада.

Судот со 10 гласа „за“ и 4 против одлучил дека независноста на Косово е легална.

Мислењето на судот го побара Генералното собрание на Обединетите нации по иницијатива на Србија, чиј став е дека со едностраната декларација за незвисноста на Косово биле нарушени темелите на меѓународниот правен поредок.

Србија која го смета Косово за битен дел од српскиот национален идентитет ја загуби контролата врз оваа територија во 1999 година кога со воздушната интервенција на НАТО заврши конфликтот меѓу Србија и косовските Aлбанци.
Голем сум оптимист дека мислењето на судот ќе ја уважи реалноста на Косово и оти нема да биде впрено против никој. Но, без оглед на ставот на судот, независноста на Косово е неповратна.

Во текот на минатиот декември во Хаг, Судот ги слушна аргументите на 30 земји за или против прогласената косовска независност. Расправата, според некои аналитичари, била преседан во текот на 60-годишното постоење на Меѓународниот суд, бидејќи учествуваа најмногу земји дотогаш, вклучувајќи ги и сите пет постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации.

Меѓународниот суд на правдата во Хаг

Некои од нив, како Кина или Русија, кои имаат проблеми со сопствените сепаратистички региони се изјаснија против независноста на Косово.

„Голем оптимист сум дека мислењето на судот ќе ја уважи реалноста на Косово и оти нема да биде впрено против никој. Но, без оглед на ставот на судот, независноста на Косово е неповратна“, изјави косовскиот премиер Хашим Тачи, кој вчера во Вашингтон имал средба со американскиот потпретседател Џозеф Бајден.

Бајден, како што е соопштено, ја повторил цврстата поддршка на Соединетите Држави за косовскиот суверенитет и територијален интегритет.
Србија има свои принципи од кои нема да се откаже. Србија има свои црвени линии. Тие се добро познати. Тоа пред се интегритетот на Србија на Косово и од тоа по никаква цена нема да се
откажеме.

Бајден изјавил дека американската администрација високо ја цени определбата на Приштина за владеење на правото и за борба против корупцијата и организираниот криминал и додал дека иднината на Косово е сигурна во НАТО и во Европската унија.

Тачи, пак, и со уверување дека по објавувањето на мислењето на Меѓународниот суд на правдата ќе почне нов бран признавања на Косово со што ќе биде потврдено дека косовската независност придонесла за мирот, стабилноста и развојот на целиот регион.

И во Србија очекуваат Меѓународниот суд да ги има предвид нејзините аргументи, односно, како што вели претседателот Борис Тадиќ, правото на земјата за зачувување на интегритетот:

„Србија има свои принципи од кои нема да се откаже. Србија има свои црвени линии. Тие се добро познати. Тоа пред се интегритетот на Србија на Косово и од тоа по никаква цена нема да се откажеме.“

Како и да е, и Белград и Приштина се повикуваат на меѓународното право, односно на двата добропознати принципа: едниот, правото на земјите да го чуваат својот интегритет, а другиот, правото на народите на самоопределување. Токму затоа, за оваа мислење на Меѓународниот суд на правдата, и покрај тоа што е необврзувачко, се смета дека ќе има силни импликации врз други региони во светот.