Концерт со дела од Бужаровски во Србија

Пијано

Пијанистичкото дуо Потевска-Џорлева со дела од Димитрије Бужаровски, од 23 до 25 април, ќе одржи рецитали во Ниш, Нови Сад и Шабац, соседна Србија. Наедно македонскиот композитор, во рамките на фестивалот на актуелна музика Интерзоун што се одржува во административниот центар на покраината Војводина, ќе одржи предавање на тема Музика футура.
Сиот тој танц - опус 39 и Четири ноктурна – опус 52 б , се делата од македонскиот композитор Димитрије Бужаровски кои пијанистичкото дуо Потевска-Џорлева ќе ги изведува на мини-серијата рецитали по соседна Србија. Овие млади уметници, инаку доцентки на Факултетот за музичка уметност во Штип кои патем зад себе имаат бројни заеднички настапи во земјата и во странство, добитнички на првата награда на пијанистичкиот натпревар во Барлета, Италија, од 23 до 25 април, ќе музицираат во Ниш, Нови Сад и во Шабац. Делата што ќе и ги претстават на тамошната публика спаѓаат во поновиот опус на овој наш современ композитор и досега имаат доживеано бројни изведби, а Бужаровски говорејќи за претстојните концерти вели:
Ова е сигурно редок настан. Во континуитет три концерта да се организираат од дела од македонски современа музика, од т.н. уметничка музика од другите жанрови имаме доста вакви настапи, но кога се работи за современата уметничка музика тие се многу ретки.


„Ова е сигурно редок настан. Во континуитет три концерта да се организираат од дела од македонски современа музика, од т.н. уметничка музика од другите жанрови имаме доста вакви настапи, но кога се работи за современата уметничка музика тие се многу ретки.“

Делото Сиот тој танц е изработено врз две теми кои варираат низ пет суити поставени во различни стилски периоди – ренесанса, барок, класицизам, романтизам и 20-век. Тоа претставува мини енциклопедија на западната музичка култура, следејќи ја историјата на формите, музичките материјали, хармонскиот јазик, полифонијата, пијанистичката техника и динамиката. Од друга страна Четирите ноктурна се базирани на популарни македонски народни песни, при што во прв план се јавува виртуозноста на инструментот донесена низ мултистилистичкиот и мултижанровскиот пристап, една од основните карактеристики на творештвото на Бужаровски во изминативе неколку децении.

„Самите дела се доста слушливи бидејќи се во тој мој познат стилистички и жанровски пристап.“

Инаку, професорот Бужаровски, на 24 април, во Музејот на современа уметност во Нови Сад, во рамките на тамошниот актуелен фестивал Интерзоун, ќе одржи и предавање на тема Музика футура. За ова тој со дополна:

„Самото предавање поаѓа од тој современ концепт на дигиталниот ремикс и самото предавање е еден вид ремикс.“