Преговорите со Грција и оптимизмот на Моратинос?

Дали средбата со Груевски е причина за оптимизмот на Моратинос?

При вчерашната посета на Скопје шефот на шпанската дипломатија изрази оптимизам дека Македонија може да ги започне преговорите за членство во ЕУ до крајот на шпанското претседателство. Опозицијата се сомнева дека власта преговра за името на државата зад грбот на народот, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ смета дека Моратинос е оптимист поради реалниот напредок на државата
За оптимизмот на шпанскиот министер за надворешни работи Мигел Ангел Моратинос, дека Македонија може да добие датум за преговори за членство во Унијата во наредниве два месеци, може само да се нагаѓа. Опозицијата се сомнева дека власта преговра за името на државата зад грбот на народот, а владејачката ВМРО-ДПМНЕ смета дека Моратинос е оптимист поради реалниот напредок на државата.
Веројатно тоа се базира на разговорот кој го имал со претседателот на македонската влада. Она што е катастрофа е што македонските граѓани немаат воопшто претстава за што се работи, што се случува и сето тоа се работи зад грбот на граѓаните.


Пратеникот Андреј Петров од СДСМ вели дека искусни дипломати како Моратинос не даваат паушални изјави.

„Веројатно тоа се базира врз разговорот кој го имал со претседателот на македонската влада. Она што е катастрофа е што македонските граѓани немаат воопшто претстава за што се работи, што се случува и сето тоа се работи зад грбот на граѓаните. Ние немаме никакви информации, така што не можеме да шпекулираме на што се должи неговиот оптимизам.“

Од друга страна, пратеникот Александар Спасеновски од владејачката ВМРО-ДПМНЕ смета дека токму напредокот на Македонија му дава причина за оптимизам на Моратинос.

„Оптимизмот на шпанскиот министер за надворешни работи за нас претставува рефлексија на напредокот што го има направено Република Македонија на полето на европските интеграции заради кој нашата држава уште многу порано требаше да ги започне преговорите за членство во ЕУ. Ние се надеваме дека сепак таквата одлука ќе се случи на крајот на шпанското претседателство, што претставува повод и за оптимизам од страна на граѓаните на Република Македонија.“
Претпоставувам дека во комисијата и во унијата има некои консултации околу решавање на спорот со името. Јас лично не верувам дека спорот може да се реши толку брзо. Но, доколку тие консултации се позитивни тогаш Унијата може да дојде до заклучок да отпочнат преговорите.

Професор Димитар Мирчев вели дека е извесно дека Европската комисија ќе даде позитивен шестмесечен извештај за Македонија. Сепак, проблемот со Грција е главната пречка на македонските евроинтеграции.

„Претпоставувам дека во Комисијата и во Унијата има некои консултации околу решавање на спорот со името. Јас лично не верувам дека спорот може да се реши толку брзо. Но, доколку тие консултации се позитивни, да кажеме ако се оцени дека има добра основа за продолжување на разговорите за спорот, тогаш Унијата може да дојде до заклучок да отпочнат преговорите.“

Според тоа сценарио, преговорите за името би течеле паралелно со преговорите за полноправно членство во Унијата.

Грчки претставници во последниве недели засилено лицитираат со името Северна Македонија како можна основа за решение. Министерот за надворешни работи Антонио Милошоски вчера рече дека компромисот може да се постигне ако решението е или еднакво прифатливо за двете страни или ако е еднакво неприфатливо за двете страни.

Македонските власти ја обвинуваат Грција дека бега од решение, а грчките власти дека отворањето на идентитетските прашања „е дел од напорите на Скопје да ги избегне разговорите“. Мирчев вели дека ако нема цврсти гаранции за идентитетските прашања решение на спорот воопшто не е можно.