Крај на медениот месец со Обама

Европа е уверена дека Соединетите Држави не и ја возвраќаат љубовта. Ова се наведува во коментарот објавен во весникот Бостон Глоуб во кој се констатира: Со главата падната на скутот на Обама, Европа сега се чувствува измамено.
Во текстот се цитираат делови од написот насловен „Крај на медениот месец“ на Констанц Штелценмилер од германскиот Маршалов Фонд во кој се вели: „Се чинеше дека бајката стана реалност кога во Америка беше избран претседател од соништата на Европа“.

Но, како во сите митови и приказни, исполнувањето на посакуваното станува трагедија. Обама може да е човек со западни вредности, но тој не е производ на поделбата меѓу Исток и Запад за време на Студената војна. А како што и самиот рече, тој е прв претседател од Пацификот.

Американскиот печат неодамнешната посета на францускиот претседател Никола Саркози ја опиша како поправање на оградата, откако конечно на еден француски претседател му беше сервиран оброк во трпезаријата на семејството Обама. Саркози, најпроамериканскиот претседател во последно време, претходно беше многу потресен откако семејството Обама не вечераа во Елисејската палата.
Ова е само премин кон подлабока загриженост што Европејците и онака ја имаат за своите недостатоци и за, како што велат, намалувањето на улогата на Европа. Тоа е всушност сфаќањето дека моќта и богатството во светот брзаат кон Исток. За прв пат по повеќе векови Европа веќе не е водечка дама.

Во Британија, пак, каде што неодамна парламентарниот Комитет за надворешни работи повика на преиспитување на традиционалните односи што ги поврзуваат Америка и Британија, реакцијата беше гласна. „Специјалниот однос е завршен. Сега престанете да не викате американска пудла“, беше насловот во весникот Гардијан.

Комитетот предупреди дека желбата на премиерот Тони Блер да му се приклучи на Буш во Ирак, ја наруши позицијата на Британија во светот и им наштети на угледот и интересите на Обединетото Кралство.

Но, како што се наведува во текстот, на Американците сето ова им изгледа малку глупаво. Имено, за прв пат по неколку генерации не постои криза во Европа која бара американско внимание и нема прашање што подлабоко ги дели. Европа има војници, кои се борат со Американците во Авганистан, иако не колку што би сакале Соединетите Држави. Историските и културните врски остануваат силни.

Но, како што укажува британскиот новинар Вилијам Шоукрос, Британците чувствуваат дека Обама недоволно го цени нивниот придонес во Авганистан. Полјаците и Чесите пак, се чувствуваат измамени, откако Обама вети дека ќе го повлече ракетниот штит како гест што треба да ја задоволи Русија. Изгледа дека Обама е подобар спрема неговите непријатели, отколку спрема пријателите, пишува Шоукрос.

Според Франсоа Хајсбург од Француската фондација за стратегиски истражувања, проблемот е во тоа што Обама не им посвети доволно внимание на симболичните аспекти на трансатлантските односи. Тој покажа во Каиро и во својот говор за Иран, дека добро ја разбира моќта на симболика, но истиот третман не го покажа и за Европа.

Како пример за тоа се посочува неговото непојавување на 20 годишнината од падот на Берлинскиот ѕид. Сепак, Хајсбург вели дека ова е само премин кон подлабока загриженост што Европејците и онака ја имаат за своите недостатоци и за, како што велат, намалувањето на улогата на Европа. Тоа е всушност сфаќањето дека моќта и богатството во светот брзаат кон Исток. За прв пат по повеќе векови Европа веќе не е водечка дама, се наведува во коментарот, објавен во весникот Бостон Глоуб.